Великиот Пост: пат кон Воскресението

rsz_pat2

Кога човекот се подготвува да тргне на пат, тој мора да ја знае целта на своето патување. Така е и со Великиот Пост. Пред сè, постот е духовно патување, а негова крајна цел е Воскресението – Празникот над празниците. Тој е подготовка за „исполнување на Пасхата како вистинско откривање“. Затоа, мораме да почнеме опитно да ја разбираме врската помеѓу Великиот Пост и Воскресението, затоа што таа открива нешто многу суштествено, открива многу важен патоказ во нашата христијанска вера и живот.

Дали е неопходно да се објаснува дека Воскресението не е само еден од празниците туку нешто повеќе? Тоа е нешто многу повеќе од прославување на еден настан од минатото, а тоа го знае секој што барем еднаш учествувал во онаа ноќ „посветла од ден“ и којшто ја почувствувал таа единствена радост. Во што се состои таа, зошто на Пасхалната Литургија ние можеме да пееме сега сè е исполнето со светлост, и небото и земјата и она што е под земјата?

Во која смисла ние го прославуваме „умртвувањето“ на смртта, разорувањето на адот, почетокот на другиот – вечниот живот… ?

На сите овие прашања има еден одговор: новиот живот, којшто засвети од гробот пред скоро две илјади години, им е даден на сите оние што веруваат во Христа. Нам тој ни е даден на денот на крштението кога, како што вели апостол Павле, се сопогребавме со Христа, за, како што Христос воскресна од мртвите, така и ние да живееме со нов живот (Рим 6,4). На тој начин, на Пасха ние го прославуваме Христовото Воскресение, како нешто што се случило и што продолжува да ни се случува нам, затоа што секој од нас го добил дарот на новиот живот и силата да може да го прифати и да живее по него. Тоа е дар што коренито го менува нашиот однос кон сè во овој свет, вклучувајќи го и односот кон смртта. Тој ни дава можност радосно да тврдиме: Нема веќе смрт!

Но, смртта е сè уште тука, ние сме соочени со неа, а еден ден таа ќе дојде и ќе нè однесе и нас. Но, ние веруваме дека со својата сопствена смрт, Христос ја измени самата природа на смртта, ја претвори во премин – Пасха во Царството Божјо, преобраќајќи ја најголемата од сите трагедии во конечна победа, смртта со смрт уништувајќи ја. Тој нè направи соучесници во Неговото Воскресение, и затоа, на крајот од Пасхалната утрена можеме слободно да речеме: Христос Воскресе и животот царува, Христос Воскресе и мртви веќе нема!

Ова е верата на Црквата којашто ја потврдиле и направиле очигледна многуте светии.

Но, сепак, зарем нашето секојдневно искуство нè упатува на тоа дека многу ретко ја имаме таа вера, дека секојдневно го губиме и го изневеруваме нашиот живот што го добивме како дар и дека всушност, живееме како Христос воопшто да не воскресна од мртвите, како Тој по своето значење, единствен настан, да нема воопшто никакво значење за нас? Сето тоа исходи од нашата слабост, од неможноста постојано да живееме со вера, надеж и љубов, на она ниво на коешто Христос нè издигна кога рече: Барајте го пред сè Царството Божјо и Неговата правда (Мт 6,33). Ние сме толку зафатени, толку потопени во нашето секојдневие, што сето тоа го забораваме, а бидејќи забораваме – ние грешиме. И преку таа заборавеност, преку паѓањето и гревот, нашиот живот повторно станува „стар“, малечок, темен, лишен од секаква смисла, станува бесмислено патешествие кон бесмислената цел. Успеваме да заборавиме дури и на смртта, а тогаш, сосема ненадејно, во екот на нашето уживање во животот, доаѓа таа: ужасна, неизбежна, бесмислена. Понекогаш ние и ги осознаваме нашите гревови, па и се каеме поради нив, но не му се предаваме на новиот живот што Христос ни го откри и ни го подари. Ние живееме како Христос никогаш да не дошол, а тоа е единствениот вистински грев, најдлабоката трагедија и тага на нашето номинално христијанство.

Ако го сфатиме и признаеме ова, тогаш ќе можеме да признаеме што е тоа Пасха и зошто пред неа е неопходен Великиот Пост. Тогаш ќе можеме да сфатиме, дека литургиската традиција на Црквата, целиот богослужбен циклус, постојат пред сè за да ни помогнат повторно да го откриеме и да го вкусиме новиот живот, којшто толку лесно сме го загубиле и сме го напуштиле, и покајувајќи се, да се вратиме кон него. Но, како можеме да го посакуваме она што не го знаеме? Како можеме над сè друго во нашиот живот да ставиме нешто што не сме го виделе, радоста којашто не сме ја вкусиле?

Со еден збор, како можеме да го бараме Царството за коешто ништо не знаеме?

Уште од самиот почеток, црковното богослужение претставува наш единствен влез во Царството Божјо, наше заедништво со новиот Живот. Црквата, низ својот литургиски живот ни го открива она што око не виде и уво не го слушна и што не влегло во срцето човечко, тоа Бог го приготви за оние што Го љубат (1Кор 2,9).

А во средиштето на тој литургиски живот, како негова срж и негов врв, како сонце што со своите зраци проникнува сегде, се наоѓа Пасхата. Тоа е врата што секоја година се отвора во сјајот на Царството Христово, тоа е предвкус на вечната радост којашто нè очекува, на славата и победата којашто уште сега, иако невидливо, го исполнува секое создание: Нема веќе смрт. Целокупното богослужение на Црквата е поврзано со Воскресението. Затоа, годишниот литургиски круг, последователноста на празниците и постовите, станува пат и поклоничко патување кон Пасхата, кон крајот кој во исто време е и почеток; крај на сè што е старо и почеток на нов живот, постојан премин од „овој свет“ во Царството откриено во Христа.

Но сепак, стариот живот, животот на гревот и безначајноста не може лесно да се надмине и да се измени. Евангелието бара, и од човекот очекува подвиг за којшто тој, во својата сегашна ситуација е неспособен. Предизвикани сме со визија, со цел и начин на живот којшто е далеку над нашите можности. И самите апостоли, слушајќи го учењето на нивниот Наставник, во недоумица Го запрашаа: Како е можно тоа? Навистина не е лесно да се отфрли ситничарскиот идеал на животот, составен од секојдневни грижи, трка по материјални добра, потрага по сигурност и задоволства, и да се прифати идеалот на животот во кој целта е совршенството: Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец Небесен (Мт5,48). Светот, преку сите свои „посредници“ ни зборува: бидете среќни, живејте безгрижно, одете по широкиот пат.

Христос во Евангелието вели: одете по тесниот пат, патот на борби и страдања, затоа што тоа е единствениот пат кон вистинската среќа. Но како, без помошта на Црквата да се решиме на тој страшен избор, како можеме да се покаеме и да се вратиме кон светлото и радосно ветување, коешто Црквата секоја година ни го дава на Пасха. Затоа е потребен пост. Тој е рака, на помош подадена од Црквата, училиште за покајание, единственото нешто што може да нè подготви да го примиме Воскресението, не само како просто одобрување да јадеме, да пиеме и да се опуштиме, туку како вистински крај на сè што е „старо“ во нас, како влез во нов живот.

Во првите векови на христијанството, главната задача на постот се состоела во подготовката на огласените т.е. на новообратените христијани за крштение, што се извршувало за време на пасхалната литургија. Дури и тогаш, кога Црквата ретко крштевала возрасни, и кога институцијата „огласени“ веќе исчезнала, главното значење на постот останало исто. Затоа што, иако сме крстени, ние постојано го губиме и го изневеруваме она што сме го примиле на крштението. Поради тоа, Пасхата е постојано годишно враќање кон нашето сопствено крштение, а Великиот Пост е подготовка кон тоа враќање, тој е долг и тежок напор за наш „премин“ или „пасха“ во нов живот во Христа. Ако, како што ќе видиме понатаму, богослужбите за време на постот до денес го сочувале катихуменскиот и баптисмалниот карактер, тоа не е некаков „археолошки“ остаток од минатото, туку е нешто важно и суштествено за нас. Затоа што постот и воскресението се јавуваат за нас секоја година, со ново откривање и здобивање на она што ни било дадено при нашето сопствено умирање и воскресение во светото крштение.

Патешествие, поклоничко патување! Само што ќе зачекориме во „радосната тага“ на Великиот пост, ние гледаме далечна, многу далечна цел. Тоа е радоста на воскресението, тоа е влегување во славата на Царството Божјо. И токму тоа што го гледаме оддалеку, тој предвкус на Воскресението, ја прави великопосната тага радосна, а нашиот напор во постот „духовна пролет“. Колку и да е темна и долга ноќта, во текот на целиот пост на хоризонтот ни сјае таинствена и светлоносна зора.

Не лишувај нè од нашите надежи Човекољупче!

протопрезвитер Александар Шмеман

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *