Својства на Црквата

Како што стои и во Символот на верата, Црквата е Една, Света, Соборна и Апостолска. Што значи сето тоа?

Karaiskaki_-Pantokrator

Една. Црквата е една, затоа што Христос, нејзината Глава, е Еден, а таа е Негово тело. Црквата е една и затоа што е создадена според образот на Света Троица (суштностно единство при ипостасна различност: Бог е една суштина, а три Лица, така и Црквата е една заедница со многу ипостаси-личности): да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе, така и тие да бидат во Нас едно (Јн 17,21). Љубовта на трите Лица на Троица се осликува во единството на Црквата. Црквата се пројавува како една во Литургијата. Сите евхаристиски собранија на различни места се, всушност, едно Собрание во Христа, Кој е потполно и истовремено присутен на сите Литургии (возглавителот, епископот или свештеникот, е икона Христова).

7_one-church-many-local

Света. Таа е света, бидејќи Христос е свет. Таа е света, без оглед на грешноста на нејзините членови. Во апостолско време христијаните се нарекувале светии. Секој што е крстен е свет и е повикан кон светост; тоа не е недостижен идеал, туку норма на христијаните. Вистински светии, кои ги победиле страстите и гревот, се многу малку во Црквата, повеќето нејзини членови се грешници, кои се трудат да ја достигнат светоста преку подвиг. Сепак, Црквата си останува света. Во Литургијата на повикот „Светињите се за светите“, одговараме: „Еден е свет, едниот Господ Исус Христос…“. Значи, светоста произлегува од Христос; ние сме како огледала во кои одблеснува светлината на Сонцето. И, во таа смисла, ние сме свети, но таа светост не е наша своина, туку Христова. Затоа, во суштина, не постои разлика меѓу светци и обични христијани, сите се свети во Црквата поради заедницата со Христос. Во историјата многу членови на Црквата, поради својот подвиг, биле прославени од Бога, а Црквата ги канонизирала, што значи ни ги претставила како образец, пример за нашите животи. Секој кој е вистински член на Црквата и се упокоил во заедница со неа е светец.

Соборна. (Грч. католики – католичка). Во православното поимање соборноста на Црквата поинаку се сфаќа од римокатоличкото, каде тука се подразбира универзалноста (една Црква со центар во Рим – папизам). Освен сеопштноста, во православното сознание соборноста на Црквата е нејзината полнота и тоа се пројавува во Литургијата, каде е присутен целиот Христос а верните се Неговото тело. Секоја заедница на верните, собрана околу епископот, е помесна Црква, Црква во полнота, цело Тело Христово, а не еден негов дел. Само епископот е полноцен извршувач на Литургијата; Литургиитеmfotor6499 што се служат во една епархија (иако на различни места) претставуваа една Литургија која ја служи епископот. Свештениците служат во името на епископот, затоа го спомнуваат на Литургијата, а тука се и антиминсите (особени платна со вшиени свети мошти) кои претставуваат своевидно овластување на свештеникот дека може да служи Литургија во името на владиката. Така што, кога исповедаме „една, света, соборна и апостолска Црква“, пред сè, мислиме на нашата помесна Црква (нашата епархија) која е соборна, т.е. таа го сочинува целото Тело на Христос кој целиот е присутен тука, но не ја доживуваме изолирано од другите помесни цркви.

Апостолска. Таа е основана на апостолите и нивното сведоштво, ја пази верноста кон нивното учење, има преемство од нив и ја продолжува нивната мисија. Црквата е историски поврзана со апостолите преку апостолската сукцесија (преемство), преку непрекинатиот синџир на ракополагања: апостолите ги ракоположиле првите епископи, тие епископи ги ракоположиле нивните преемници, и така до денес нашите владици се поврзани со апостолската Црква.

information_items_8088

Црквата е апостолска, затоа што ја носи и апостолската служба – мисионерството. Епископите ја продолжуваат директно таа служба преку проповедта, поуката, организирањето на нови црковни општини. Но, не само тие, туку и сите членови на Црквата се повикани кон вакво мисионерско апостолско служење – сведочење на Царството Божјо кое веќе на мистичен начин е присутно овде. Црквата се изобразува како апостолска и во Литургијата, кога епископот е на тронот како икона Христова, а околу него презвитерите, како образ на апостолскиот собор.

Г.Г.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *