Свети Сисој и Библијата

rsz_800px-sisoes-b4-tomb-of-alexander_metora

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух – Единиот Бог.

Во житието на светијата кој го славиме на 6/19 јули, Сисој Велики, го среќаваме овој краток пасус:

Сисој великиот меѓу подвижниците, застана пред гробот на Александар Македонски, кој некогаш блескал во слава, и, застрашен од неверојатната минливост на времето, како и од суетноста на овој минлив свет, се наведнал и извикал: „Гледајќи те, гробу, се плашам од судот Божји и плачам, спомнувајќи си за општата судбина на целото човештво: смрт, кој ќе избега од тебе?“

Биографот на Сисој забележува дека по овој настан учениците на светителот направиле икона од него, како стои над гробот на Александар Велики, со зборовите што ги кажал таму. Оттогаш оваа икона станува стандардно претставување на овој светител и тоа е таа која денес ја гледаме пред нас. Секогаш кога ќе ја видам оваа икона и ќе се подзамислам за перспективата што Сисој ја имал за смртта, а оттука и за перспектива што ја имал за животот, како било тој да може да погледне и на гробот на еден толку голем и моќен човек како што е Александар Велики, и веднаш да ја види славата на овој свет каква што таа е: минлива суета. Мислам дека, ако повеќето од нас се најдеме пред гробот на Александар Велики, ние ќе помислиме на неговата историска значајност, за древноста на гробот, но наместо тоа, Сисој размислува за времениот карактер на земната моќ и слава. Како можел да го направи ова?

Осврнувајќи се на приказната со Сисој, почнав да размислувам за приказната на Светото писмо. Тој специјално не го спомнува Писмото кога доаѓа на гробот на Александар, но тука се случува нешто, што многу поексплицитно е присутно во Светото писмо. Зошто Сисој го разбира вистинскиот наратив на човечкиот живот толку добро? Бидејќи самиот се борел да се постави себеси во приказната за човештвото што ја раскажува Бог. Сторијата што ја наоѓаме во Библијата.

Мислам дека повеќето од нас тука, макар и да имаме само неколку години опит во Православната црква, веројатно сме забележале дека понекогаш православните имаат ограничено знаење за она што се раскажува во Библијата, за нејзината нарација. Ние слушаме особени оддели од Евангелието во неделите и празниците, паралелно со други оддели од Делата апостолски или посланијата; понекогаш и мали делови од Стариот завет во склоп на вечерната богослужба. Па дури и да сте посветен учесник во сите овие служби, вие ќе имате само ограничен опит на Библијата. Поголемиот дел од Новиот завет, од каде ги земаме повеќето литургиски четива, не се стории, туку пастирски поуки, повеќето од свети Павле, и тие се поврзани со различни проблеми на црквите што апостолите ги основале. Иако тие се извонредно полезни, сепак тие не му ја предаваат целосно на читачот или сушателот наративната форма на христијанскиот живот. Нарацијата во поголем дел е застапена во Евангелијата и во Дела апостолски. Ако постои ризница на наративност, на приказни, којашто може да се најде некаде во Библијата, тоа е во Стариот завет. Најголемиот дел од Светото писмо, исто така е и најзапоставен помеѓу православните христијани. Но оваа запоставеност не била секогаш присутна. Дури и релативно најограничената форма на литургиски живот, достапен во повеќето парохии, всушност ја има претпоставката дека учесниците во богослужението веќе го познаваат Стариот завет.

Оваа претпоставка ја има и кај апостолите, во нивните проповеди и во нивните посланија. Се прават овде-онде алузии не само на Адам и Ева, туку и на Авраам и Сара, Исак и Ревека, Јосиф и неговите браќа, на Мојсеј и Арон, на Самоил, Давид, Мелхиседек, Јона, Даниил и трите свети момчиња, на пророците итн. итн. Насекаде. Такви референци има насекаде и во нашата Божествена Литургија, кои обично се прават многу накратко и попатно. Но, зошто Новиот завет и нашите богослуженија изгледа како да ни даваат само кратки попатни алузии на Стариот завет? Зошто не ја кажуваат целата приказна? Бидејќи овие новозаветни и литургиски референци повеќе наликуваат на икони. Иконата ти дава претстава, но не ја раскажува целата приказна. Таа може да воведе во приказната и може да те потсети на приказната што веќе ја знаеш, укажувајќи на присуството на оној што е изобразен, но не ти ја дава целата нарација, целата приказна.

Го спомнав сево ова, бидејќи кога свети Сисој гледал во гробот на моќниот император Александар, сега паднат во прав и распаѓање, целата негова слава и моќ разголени од него со смртта, тој ја видел сцената правилно, бидејќи неговиот живот и оттука неговата визија биле оформени од приказната која не е приказна на светот. Приказната која светот ни ја раскажува и на која инсистира е дека моќта, задоволствата, сопственостите и престижот се нешто за што вреди да се живее. Единствените нешта кон што вреди да се стремиме. Но, приказната која Библијата ни ја кажува е дека сите блага на светот, сите оние нешта за кои го трошиме целото време и за кои се грижиме и вознемируваме, еден ден ќе поминат и ќе нè напуштат кога ќе умреме.

Ако ја оставиме приказната до тука и само го сретнеме Сисој кај гробот на Александар, со плачот на смртта, тогаш можеме да паднеме во очај, депресија, во нихилизам: сè завршува со смртта, зошто да се мачам со живот кој нема смисла?.. Приказната која Сисој ја знаел, која е раскажана во Библијата и во целото Предание на Црквата е дека смртта не е крај. Секако, тоа е крај за земниот живот и за сите негови привремени слави, но не е крај за нас. Ние сме повикани кон Воскресение. Повикани сме да станеме дел од приказната, во која смртта е победена со смрт. Приказната во која Самиот Творец и Бог на универзумот се смирува/понижува Себеси од љубов, се соочува со нашиот древен непријател, сатаната, и го соборува, ослободувајќи нè да станеме по благодат она што Он е по природа.

Понекогаш кога размислуваме за читањето на овие нешта во Библијата, изучувајќи ја Библијата, обидувајќи се да ја разбереме Библијата, самата идеја (за нејзинот читање) може да нè исполни со што било, само не и радост. Можеби сме почувствувале во некои моменти од нашите животи, дека читањето на Библијата ни изгледа некако досадно. Мислам дека често се чувствуваме така поради нашето пренебрегнување, запоставување на поголемиот дел од нашата Библија, Стариот завет, кој во поголем дел е составен од приказни. Приказни кои ги засакав како дете, поради моите родители. Моето срце сè уште се возбудува на претставата на пророкот Илија како повикува оган од небото, откако ги исмеал лажните пророци. Каква сцена! Сè уште го чувствувам ужасот и се обидувам да разберам како царот Давид, човекот по Божја волја, преку посредник убива човек сакајќи да го сокрие срамот од прељубата со жената на тој човек. Се смеам кога ќе помислам на магарицата на Валаам, како го прекорува него за глупоста. Се вознемирувам и истовремено се радувам од визијата на Езекил, пророкувајќи за долината со суви коски. Самиот се борам со фактот, како може дури и таков озлобен човек како Јона да биде пророк на Севишниот Бог. И срцето ми забрзува кога го читам она што Исаија преку Духот го изрекол: И, ете, Девица ќе зачне…

И така, која е приказната на твојот живот? Дали е оформена од световната приказна или од Божјата? Дали добро ги знаете и ги поучувате вашите деца, ги кажувате на вашите пријатели – извонредните, прекрасни, возбудливи и полни со смила приказни од Светото писмо? Толку многу нешта се содржат во нив, многу: приказни што нè исполнуваат и оформуваат за цел живот, приказни што нè возбудуваат како деца, а како возрасни ни даваат смисла при носењето на болката и страдањето, ни даваат радост и победа. Некои од вас ќе помислат дека се шегувам. Но, воопшто не е така. Погледајте, каква приказна! Овој момент, кога свети Сисој стои над гробот на Александар Велики, нè поучува дека приказната на овој свет ќе заврши. Нема да трае засекогаш, дури ни за толку моќен како што бил Александар. Овој расипан и смртен свет ќе биде запечатен со гробот, па затоа не можеме да живееме како светот, туку како христијани. Доколку живееме како христијани нема повеќе да бидеме под власта на приказните од телевизијата, од филмовите, од приказните кои се измислени од светот и, искрено речено, често под влијание на ѓаволот. Наместо тоа, да ја прифатиме величествената приказна, чиј Божествен Херој е Христос. И чиј крај и цел е спасението (избавувањето) и преобразувањето на целиот космос.

Затоа нека Му е слава, чест и поклонение на нашиот Господ Исус Христос, со Неговиот Отец и Светиот Дух, сека и секогаш и во сите векови. Амин.

отец Ендрју Стефан Дејмик

Извор: www.ancientfaith.com/Roads from Emmaus

Г.Г.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *