Свети Методиј Патарски (Олимписки) (20 јуни/3 јули)

Свештеномаченикот Методиј, епископ на Патара (Ликија во Мала Азија), се одликувал со неговото искрено монашко смирение. Своето стадо го поучувал мирно и со кротост, но цврсто ја бранел чистотата на Православието и енергично полемизирал со ересите, особено со широко распространетата ерес на оригенистите. Зад себе оставил богато писмено наследство: творенија со одбрана на Христијанството против паганизмот, изложување на православните догми против оригенизмот, морални беседи и толкувања на Светото писмо.

Свети Методиј бил уапсен од паганите, решително ја исповедал пред нив верата во Христа и бил осуден на смрт со обезглавување. 312-та се смета за година на неговото мачеништво (сведоштво).

met

Творештвото на светителот Методиј Патарски носи полемичен карактер. Тој се борел со паганската философија, ересите, оригенизмот (иако припаѓал на александриското богословие). Основни предмети на критиката на Методиј против оригенизмот се: унижувањето на телото и совечноста на светот по однос на Бога. Неговото најпознато дело „Пирот на десетте девојки“, кое според формата приличи на платоновата „Гозба“, го има за основна тема – девството, но тука попатно се искажани и длабоки мисли за Црквата и нејзиното единство со Христа.

MΜεθόδιος ΚΠόλεως Ομολογητής

Тропар (глас 1): Крвта твоја повикува кон Бога од земјата како Авеловата, богомудар свети ерарху Методие. Јавно си го проповедал Воплотувањето Божјо, посрамувајќи ја ереста на Ориген. Си преминал во небесната свадбена одаја: Моли Го Христа Бога да бидат спасени душите наши.

Кондак (глас 4): Како свештенотајник на Света Троица и проповедник на надумните Божји заповеди, си бил печат на православните христијани, Методие! Си ги изобличил еретичките учења, си ја пролеал крвта своја како свештеномаченик за вистинската вера. Сега, стоејќи пред Христа со ангелите, моли да бидеме спасени.

Некои богословски погледи на свети Методиј или кратко интервју:

Зошто Бог му дал битие (постоење) на човекот? – Бог го создал човекот за нераспадливост и го направил образ на Сопствената вечност („За воскресението“).

Која е смислата што на човекот му е дарувана слободна волја? – …за во делата на светоста да не биде ништо од неопходност и принуда, туку по слободна желба на душата, (затоа што тоа Му е угодно на Бога) („За воскресението“).

Телото е зандана на душата? – Телото не може да биде наречено оков на душата, затоа што телото ѝ содејствува нејзе и во едното и во другото, т.е. во праведноста и во неправедноста, додека оковите држат да не дојде до неправда („За воскресението“).

Каква форма има душата, пребивајќи без телото? – Душите, бидејќи се духовни тела, од страна на Создателот и Творецот се устроени со членови, коишто се созерцуваат со умот, имајќи такви обележја. Затоа тие и во адот, како што се раскажува за Лазар и богатиот, имаат и јазик, и прст и други членови, не на начин дека имаат друго невидливо тело, туку затоа што самите души се разголени од секаква облека, тие природно се такви по својата суштина („За воскресението“).

Смртта е големо добро за човекот? – Бог го уништува гревот со смртта, за грешниот човек, бивајќи бесмртен со гревот што живее во него, да не остане вечно осуден. Затоа тој и се подложил на смртта, без да биде смртен или распадлив, и душата се одделува од телото, за преку смртта да се умртвува гревот, кој веќе не може да живее во умрениот („За воскресението“).

Ќе настапи ли Општото воскресение? – Како што по сонот следи будната состојба, и оној што спие не останува засекогаш во една иста состојба на сон, туку повторно станува, така и по смртта ќе следи живот… И ние, без да се измамуваме, исповедаме дека мртвите тела повторно ќе оживеат („За воскресението“).

А треба ли да се води борба со гревот и, ако треба, како? – Страста во нас ќе ги разруши и душата и телото, ако набргу не ја отфрлиме и не ја излечиме со покајание… како што старите им ја покажувале на свештениците (телесната лепра), така и ние (треба да ја покажуваме душевната лепра) на ереите („За воскресението“).

Можно ли е избегнување на искушенијата? – Ако не би постоело спротивставувањето на лошите (појави кон доброто), доброто би останало непрепознато како добро, (во таков случај) би знаеле само за него и нема да го разликуваме подоброто („За слободната волја“).

Г.Г.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *