Свети Кирил Александриски (9/22 јуни)

agkyrillAlx

Роден и пораснат во Александрија, св. Кирил го наследил неговиот вујко Теофил како епископ на градот во 412 г. На почетокот од епископското служење (412-238) тој бил посветен на објаснувањето на Светото писмо (типолошкиот метод е особено нагласен кај него) и на побивање на еретиците и неверните. Вториот период на неговото епископство (428-433) бил најинтензивен и најплодоносен и се истакнува со неговото спротивставување на Несториј, кое се запечатува со свикувањето на Третиот вселенски собор во Ефес (431), на кој и бил осуден Несториј. Последниот период од животот на Кирил (433-444) бил мирен, иако тој морал да го објасни своето учење на критичарите, и од александриската, и од антиохиската страна.

Св. Кирил е еден од најистакнатите богослови на Црквата. Следејќи го св. Атанасиј и кападокијците, тој го прифатил никејското омоусиос (едносуштие): трите ипостаси (личности) на Отецот, Синот и Светиот Дух и единството на божествената усија (суштина), која се гледа во трите испостаси и е изразена во нивната заедничка волја и дејствие. Особено обраќа внимание на сотириологијата (учењето за спасението), кое претставува интерес наследен од св. Атанасиј. Тој спасението го разбира како „учество“ и „подражавање“ на човечката природа по однос на Божествената, објективно во Христа, а субјективно од страна на сите човечки суштества преку Светиот Дух, Кој дејствува во и преку светите тајни. Објективниот аспект на спасението во Христа е особено нагласено во неговото учење за оправданието преку благодат, вешто разработено во неговото евангелско толкување на Законот во „За поклонението во Дух и Вистина“.

Неговата терминологија по однос на христологијата првично предизвикала одредени проблеми, поради двосмисленоста, но неговата мисла била јасна и помогнала да се расчистат некои проблеми поврзани со формулирањето на догматите. Тој го следел принципот на св. Атанасиј дека богословските расправи не се околу термините, туку околу значењето што ним им се придава. Затоа Кирил можел да го употреби терминот физис (природа) како еквивалент и на ипостас (личност) и на усија (суштина) и да говори за „едната природа на Бог Словото што се воплоти“ и за „едната личност на Бог Словото во (од) две природи“. Затоа не треба да се мисли дека тој си го променил мислењето од монофизитско на диофизитско гледиште. Кирил погрешно бил обвинуван за аполинаријанство од страна на Несториј.

Познато е дека св. Кирил го бранел терминот Теотокос (Богородица) по однос на Марија, Мајката на Исус, наспроти Несториј кој тврдел дека Таа треба да се нарекува Христородица. Според Несториј, Христос бил две личности: вечното Бог Слово се вселило како во храм во човекот Исус. Марија, всушност, родила човечка личност, а не Божествена. На ова св. Кирил жестоко се спротивставувал, потенцирајќи ја единственоста на Христовата личност (оттука и проблемите околу терминологијата). Според Кирил, Марија ја родила Божествената Личност на Словото Кое примило човечка природа, па затоа Таа и навистина е Богородица.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

„Св. Никита“ – Горњани (Скопско): најдесно е св. Кирил зад св. Атанасиј

Според преданието, пофалната песна Богородице Дево се припишува на овој светител. А поради неговата изразена мариологија, тој често во црквите се изобразува во олтарот со капа (специфична за александриските епископи) и со свиток во рацете кој го носи возгласот од Литургијата „Особено за Пресветата, Пречиста…“, кој претходи на „Достојно е“, додека неговиот поглед е упатен нагоре (кон Онаа која е Поширока и од небесата). Честопати се поставува и зад св. Атанасиј, затоа што бил негов наследник на александрискиот епископски трон, но и поради почитта што Кирил ја имал кон овој светител (за ова сведочи и фактот што овие двајца светители, Атанасиј и Кирил, се слават заедно и на 18/31 јануари).

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

„Св. Георгиј“ – Старо Нагоричане (Кумановско): св. Атанасиј и св. Кирил

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *