Свети Јован и пророците

Господовата оценка за Јован Крстител како „повеќе од пророк“ не било негирање дека Јован Крстител бил пророк (Лк 7,26). Всушност, Он вели: нема поголем пророк од Јован Крстител (7,28). Слично уверување на оваа тема започнува многу порано. Таткото на Јован се исполни со Дух Свети и почна да пророкува (1,67) за неговиот новороден син: И ти, дете, ќе се наречеш пророк на Севишниот (1,76). Современиците на Јован со сигурност го сметале него за пророк (20,6), па дури и Ирод знаел (Мт 14,5).

Иако Господ рекол дека меѓу родените од жена, нема поголем од Јован Крстител (Мт 11,11), само Лука помислил да ни го спомне името на жената што го родила Јован. Всушност, Лука подетално раскажува за жената со име Елисавета и за околностите околу нејзиното неочекувано зачнување на син во поодминати години. Ангелот Гаврил, кој по деновите Даниил бил молчалив во Израил, му се јавил на сопругот на Елисавета и ја претскажал бременоста (Лк 1,13).

VisitationMarytoElizChildinWombblog

Бог јасно имал намера да остави особено обележје за Јован, дури и пред неговото раѓање. Кога била шест месеци бремена, Елисавета примила друг гостин, овој пат човек, нејзината млада сродничка од Галилеја по име Марија. На поздравот од Марија, мајката на Јован почувствувала и друго Присуство, кога младенецот заигра во нејзината утроба (1,41). Всушност, Марија, како нов Ковчег на Заветот, во своето тело Го носела нововоплотениот Син Божји, Чиј Отец го избрал нејзиниот поздрав и овој момент за да го освети неродениот Јован Крстител. Настанот го исполнил претходното претскажување на Гаврил за Јован: Ќе биде исполнет со Дух Свети уште од утробата на мајка си (1,15). Привлекувајќи го нашето внимание кон Јовановото пророчко осветување пред неговото раѓање, Лука го изобразува него налик на пророкот Еремија, кому Бог му рекол: Уште пред да те образувам во утробата те познав; уште пред да се родиш те осветив; ќе те поставам за пророк на народите (Ер 1,5).

Ако Јован наликува на Еремија, сепак, неговата сличност со пророкот Илија е уште повеќе нагласена. Уште еднаш ангелот Гаврил е оној кој за Јован ги употребил истите зборови, со кои пророкот Малахија го претскажал враќањето на Илија: И многу синови Израилеви ќе обрати кон Господа Бога. И ќе оди пред Него во духот и силата на Илија, за да ги обрати срцата на татковците кон децата, и непослушните кон мудроста на праведните, да ги подготви луѓето за Господа (Лк 1,16-17; Мал 4,5-6).

Бидејќи враќањето на Илија било претскажано во последните пророчки книги на Стариот завет, разбирливо било очекувањето на одговор околу ова прашање, дури и меѓу Господовите апостоли (Мт 17,10). Иако самиот Јован одрекувал дека навистина бил Илија, во буквална смисла (Јн 1,21), сигурно чувствувал некаков афинитет кон овој пророк, тој дури и се облекувал како него (Мт 3,4 и 11,8; 4Цар 1,8).

ilija i jovan

Што и да мислел Јован околу ова, сепак, Исус Самиот потврдил дека Илија веќе дојде и, кога го тврдел ова, учениците разбраа дека им говори за Јован Крстител (Мт 17,12-13). Афинитетот на Јован кон Илија бил повеќе од облеката (аутфитот), бидејќи неговото појавување во овој свет ги започнува деновите, во кои Царството Небесно насила се зема и силните го грабаат. Зашто сите пророци и Законот пророкуваа до Јована. И ако сакате да примите, тој е Илија што треба да дојде (11,12-14).

„Насилието“ поврзано со Јован очигледно се препознава во неговиот аскетизам, што ги натерало неговите непријатели да речат, демон има во него (11,18). Насилието било забележливо и во неговата апокалиптичка проповед, која говорела за гневот што иде, за секирата што лежи при коренот на дрвјата и за горењето на плевелот со оган што не гасне (3,7-12). Слушателите на Јован никогаш не можеле да Му кажат на Бога дека не биле предупредени!

Еден од нив бил Ирод Антипа, кого Иродијада го изманипулирала при отсекувањето на главата на насилниот Јован (Мк 6,14-29). Презирајќи ја осудата од Крстителот на нејзиниот „значаен и исполнувачки“, па макар и да е прељубнички однос со Антипа, Иродијада го очекувала денот на одмаздата. Навистина, во новозаветниот триаголник на анемичниот Антипа, озлобената Иродијада и немилосрдниот Јован, ние имаме запрепастувачка паралела со старозаветниот триаголник на анемичниот Ахав, озлобената Језавела и, секако, безмилосниот Илија.  

отец Патрик Хенри Рирдон

Г.Г.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *