СТРАВ ОД ХАЛОУИН? ИЛИ ЗОШТО МОЈАТА СЛОБОДА ДА БИДЕ СУДЕНА ОД ТУЃА СОВЕСТ?
Еве поминува Халоуин. По вторпат за мене во Америка.
Би сакал да споделам едно мое размислување за него, од перспектива на православен христијанин и пастир. Во основа, мојата позиција е некако умерена.
Во Америка, комерцијалниот феномен Халоуин е поврзан со прекрасните бои на есенскиот пејзаж, со тиквите (како остаток од земјоделската семантика) итн… Маскирани дечиња, кои одат од куќа до куќа и добиваат само слатки работи, а не и пари (како за коледе кај нас). 90% од нив се Дизни принцези, нинџа желки, спајдерменчиња, супер херои, па дури и комсонаути, а многу малку вештерчиња и костурчиња. Сосема поразлично од она како многумина во Македонија го замислуваат Халоуин во Америка. Нешто како првоаприлски маскенбал во Македонија. Ако духовниот проблем лежи тука, околу патологијата на маскирањето, еве нешто од владиката Наум (http://strumicadenes.mk/mitropolitot-naum-za-maskiranjeto/).
Халоуин е нешто многу природно во културолошкиот контекст на Америка, и тука нема никаков конфликт во христијанското сознание со него. Малку е поинаку во Македонија. Чудно е што во Македонија без никаква критика се прима туѓото на сметка на сопственото или како што архиепископот Стефан еднаш суштински го определи проблемот: „Во училиштата, за свети Климент и за нашите просветители сѐ уште се учи многу малку, нема место за молитва дури ни на првиот училишен час, ниту за веронауката како редовен предмет. Но затоа има, дури задолжително, простор и време за маскембали, априлијади, денови на митолошки суштества и валентини, за суеверија и вештерки… Може наставникот да ги учи децата за разни теории, за новите права и дискриминации, за новиот либерален свет кој на човекот му нуди секакви права и чудни слободи, а не може, барем како задолжителна стихотворба, да се учи молитвата „Оче наш“? Ни се наметнуваат туѓи традиции и култури, по медиумите и плоштадите, на штета на нашето народно и духовно творештво.“
Според посериозните истражувања на оваа тема, по своето потекло Халоуин не е пагански празник, кој Црквата се обидела да го христијанизира и употреби во својата мисија, како што е случајот со Божиќ: од пагански празник на богот на сонцето да стане празник на Рождеството на Христа, Сонцето на правдата. Напротив, Халоуин бил христијански празник посветен на Сите Светии, кој со текот на времето се секуларизирал и паганизирал, благодарение на неговото сатанизирање од страна на протестантските христијани. А во поново време, окултистите вешто ја искористија шансата да го присвојат.
Во денешно време Халоуин има различни акценти и ноти, од окултистички до христијански, но во основа тој претставува чист комерцијален производ за забава (продавање на костими, чоколатца, декорации и сл.). Би рекле, Ден на чоколатцата! Според тоа, не би требало да се апсолутизира идејата дека учеството во овој празник на едно едноставно социјолошко ниво претставува некакво отпадништво од верата. Тука можеме да си спомнеме за апостолот Павле и идолските жртви. Што вели тој? Парафразирам: Идолот е ништо, тој не постои, единствен Господ е Христос… Оној кој го знае тоа, може слободно да учествува на трпеза каде се јаде месо принесено на идоли (види: 1Кор 8). Затоа што тука функционира пристапот: За чистите сè е чисто (Тит 1,15). Единствено во случај, ако некој брат се соблазнува поради учеството во паганската трпеза (која, патем, ништо не значи), затоа оние што знаат, поради љубов, би требало да внимаваат како ја употребуваат својата слобода во Христа, за да не ги поколебаат слабите во верата. Оваа аналогија, чинам, совршено функционира.
Затоа, мислам дека не треба да се презентира антагонизмот кон Халоуин како единствен православен пристап, и да не го мистифицираме премногу него, зашто тоа е многу проблематично и симптоматично. Поклонувањето, пак, на антихристот, не е нешто што кај човекот би се случило несвесно. На пример, во овој случај преку Халоуин и различните маски. Напротив, тоа е сознателен акт (види: http://pravoslavie.mk/ne-smeeme-da-se-plasime-od-antihrist…/). Во спротивен случај, што да правиме со продуктите што имаат религиозна конотација (халал, кошер), или приказните што им ги раскажуваме на децата (Снежана и седумте џуџиња, Јованче и Марика и др., кои со ништо не се разликуваат од хелоуинската атмосфера)… Сепак, за чистите сè е чисто, а за нечистите нема ништо чисто. Со чисто срце, Халоуин можеби не е толку „величање“ на злото, колку негово исмевање… Кој знае!?
Нашите деца секако ќе бидат изложени на овој и нему сличните феномени, затоа подобро е да им се објасни што е доброто, а што лошото во нив, и да се научат да расудуваат: да бидат како пчелата која го препознава доброто и го прима, а го отфрла нечистото. Да разјасниме, ова не е апологија на Халоуин, туку обид за потрезвено расудување. Зашто, да напоменеме, автентичното христијанство нема патос на дисквалификации, туку патос на преобразување. Тоа не од овој свет, но е во овој свет за да го преобрази светот.
„Ако ве покани некој од неверните и вие посакате да отидете, јадете сè, што ќе ви изнесат, без никакво испитување, поради совеста. Но, ако некој ви рече: тоа е идолска жртва, не јадете – заради оној, што ви го рекол тоа, и поради совеста; зашто Господова е земјата и она, што ја исполнува. Но не зборувам за совеста твоја, туку на друг; оти, бива ли мојата слобода да биде судена од туѓа совест? Ако, пак, во јадењето учествувам со благодарност, зошто да бидам хулен поради тоа, за кое благодарам? И така, јадете ли, пиете ли, или нешто друго правите, сето тоа правете го за слава Божја“ (1Кор 10,27-31).
Ако ja имаме заедницата со Христос, освен гревот, ништо не може да ни ја наруши.
Свети апостоле и евангелисте Лука, моли Го Бога за нас!
Презвитер Георгиј Глигоров