Што е среќа?

Луѓето едни на други си посакуваат среќа во разни прилики, како на пример за Нова Година, роденден итн. Но, што е среќа и како може таа да се дефинира?

Поимот среќа за современиот човек се нема многу променето за разлика од порано т.е среќа е кога се поседуваат повеќе материјални вредности од другите, а несреќа е кога другите ни го одземаат имотот.

Дури и да ја ставиме настрана моралноста на ова сфаќања, тоа и понатаму е недоволно на својата суштина, бидејќи без разлика на тоа колку материјални имоти, моќ, јавни пофалби и задоволства се акумулираат во нас, тоа нема да ни донесе среќа. Материјалните сопствености нема да ни донесат вистинска среќа, туку само taedium vitae, по што човекот би западнало во поголема депресија од претходно.

Интересно е дека зборот среќа – tikhi во античкиот грчки јазик се јавува многу ретко во Светото писмо, а ниту еднаш во Новиот завет. Терминот за среќа е многу широк и непрецизен и сам по себе не дава никаква смисла. Наместо тоа, Светото писмо користи јасен и конкретен термин „радост“ (khara на старогрчки) која е една од составните делови на среќата.

Христос говори за среќата: За да остане радоста моја во вас, и радоста ваша да биде полнаТој исто така говори од каде доаѓа оваа радост: Ако ги запазите моите заповеди, ќе останете во љубовта моја, како што Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова (Јн 15,10-11).

Овде имаме одговор на со векови поставуваното прашање: Вистинска среќа – вистинска радост е љубовта кон Бога и заедничарењето со Него.

Ова во потполност го потврдува светиот апостол Павле кога говори: Оти царството Божјо не е јадење и пиење, туку правда и мир и радост во Светиот Дух (Рим14,17). Светиот евангелист и апостол Јован додава: Вашата радост никој не може да ви ја земе (Јн 16,22) – тоа значи никој и ништо, ниту страдањето, ниту бедата, дури ни прогонот и самата смрт.

Ова е добро разбрано од страна на оние, кои самите со себе си го имаат решено со векови стариот проблем на човечкиот род и си ја нашле среќата, од христијанските светители и оние кои му угодуваат на Бога, минатите и сегашните. Сепак нивното однесување ги збунува другите. Старите Римјани не биле во можност да сфатат, зошто христијаните се толку радосни. Современите пагани, од кои повеќето номинално мислат за себе дека се христијани, си го поставуваат истото прашање.

Постои широко распространето западно европско мислење, кое често се нуди како одговор на ова прашање, а гласи дека ова е така – затоа што луѓето од античкиот свет имале мало разбирање за тоа што се случува после смртта. Луѓето се плашеле од смртта, додека христијаните се залагале за успокојувачката идеја дека постои живот после смртта, дека Христос ги спасува сите и на сите им ветува живот вечен и небесно блаженство, и тоа е причината зошто сите христијани се толку радосни. Ова мислење во еден или друг облик е толку често, но сосема погрешно.

Всушност, Христос воопшто не ветувал небесно блаженство. Често Христос дава застрашувачки предупредувања: таму ќе биде плач и крцкање со заби (Mт 24,51); …одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели (Mт 25,41); и тие ќе отидат во вечни маки… (Мт 25-46). Понатаму апостолот Петар, зборувајќи за ужасната опасност и вечното страдање кое виси над нас, нè потсетува дека дури и праведните едвај се спасуваат, а неверниците и грешниците речиси  никогаш (1Птр 4,18).

Уште едно мислење родено во протестантизмот, кое е доста честа појава помеѓу слободоумните христијани, е дека тоа е мрачниот почеток на задгробниот живот и тешкотијата на спасувањето се производ на подоцнежните периоди, од „мрачните и тажни подвижници – монасите“. Дека во древното Христијанство преовладувало „светло расположение и сфаќање дека некое спасение потекнува само од некоја вера во Христа“. Тие кои веруваат во ова, измислуваат сопствена верзија на Христијанство, без никаква потпора во Евангелието, посланијата или во древната христијанска историја.

На пример, читајќи го Ерма, писател од првиот век, ќе забележите колку биле високи побарувањата на раните христијани во однос на спасението и како јасно го сфаќале тоа, дека и најмала трага на неморал го поставува човекот во опасност од вечната смрт. Оваа книга е пишувана со патосот на застрашувачките зборови од црковната песна – „страдањата на грешните се безгранични“. Уште појасно ова се осознавало во однос на чистотата на верата и верноста кон Црквата.

Според тоа, христијанското гледиште може да изгледа помалку радосно од паганското. Паганите имаат задгробен живот во „царството на сенките“, кој не е јасно дефиниран, од кој секој може да развие најразлични идеи. На една граница некој има „Елисејски полиња“, царство на среќа, во кое е многу лесно за влегување; на другиот, мрачниот крај е спектарот со поимот на ништожноста, целосното уништување после смртта. Да го цитираме Сократ: „Како што не сум боледувал пред појавувањето на оваа земја, значи нема да страдам ни кога ке ја напуштам“.

Ако го споредите ова со ужасната слика, вечното страдање и пеколот, ќе видете дека тоа е во суштина погрешен поглед на причините за радост на првите христијани. И покрај сето ова, христијанската радост постоела и постои, и таа јасно сјае во секој ред од житијата на мачениците и подвижниците, а сè уште сјае и во животот на монасите и во христијанските семејства. Всушност, само христијанската радост вистински го заслужува овој поим. И колку повеќе личноста е духовно јасна, посовршена е и нејзината радост. Оваа радост, овој светол поглед на светот никогаш не ги напуштала раните христијани, дури во време на страдањето, па и смртта.

Што е причината за оваа радост? Одговорот, се разбира, е Верата. Но, не на начинот на кој протестантите неа ја сфаќаат. Таа не е формална безживотна вера, без никаков херојски духовен подвиг (конечно, дури и демоните веруваат и се тресат). Пред сè, таа е живототворна дејствителна вера која живее во чистото срце, затоплена со Божјата благодат, вера која постојано гори од љубов кон Бога и ја зајакнува надежта во Него. Како што еден современ христијански писател напишал многу добро, „не е доволно да се верува во Бога, некој треба и да Му верува“.

57339.p

Молитвата од богослужбата: „самите себе, еден друг, и целиот наш живот на Христа Бога да го предадеме“ на вистински начин ја опишува правилната христијанска вера. Тоа претставува потполна доверба, детско себепредавање во Рацете на Бога. Ова е тоа што како и секогаш ја отвара вратата за вистинска радост, вистинската среќа.

Ако христијанинот верува во Бога, тогаш тој е подготвен да прифати сè од Него: рај или пекол, страдање или блаженство, бидејќи знае дека Бог е бескрајно добар. Кога Он нè казнува (воспитува), тоа е за наше добро. Он толку многу нè љуби, што би ги поместил небото и земјата за да нè спаси. Он никогаш нема да не изневери, дури и од најдобрите причини и со сигурност ќе нè спаси, ако постои и најмала шанса. Исто како што вели свети Августин, „единствено бегство од гневот Божји е Милоста Божја“.

Со вакво разбирање, радоста и светлината цврсто се вселуваат во срцата на христијаните и тука нема место за мрачност. Светот, бесконечниот универзум Му припаѓа на мојот Бог и ништо не може да се случи без волјата Негова. Он безгранично ме сака, дури и овде на земјата. Он ми дозволува да влезам во Неговото Царство, Неговата Црква. Он никогаш нема да ме истера од Неговото Царство, сè додека сум Му верен. Дури и да паднам, Он ќе ме подигне веднаш штом го осознаам сопствениот грев и принесам солзи на покајание.

Смртта не е страшна, таа е победена од Христос. Пеколот и вечното страдање ги чекаат оние кои свесно и по своја слободна волја се свртуваат од Бога, и кои повеќе го сакаат мрачниот грев отколку светлината на Неговата љубов.

Радоста и вечното блаженство ги очекува верните. Што око не виде, уво не слушна, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние кои Го сакаат (1Кор 2,9).

Нека секогаш милостивиот Бог ни помогне да здобиеме потполна доверба во Него.

Господи, спаси нè нас, кои Ти се молиме.

архиепископ Натанаил Лвов

Подготвил: Александар Митров

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *