Отец Стефан Санџакоски: Тајната на времето
Нека ни е честита црковната Нова Година. Отците на Првиот икуменски собор во Никеја во 325 година соборно одлучиле црковната година да почнува на први септември. Кај еврејскиот, старозаветен, избран народ Божји, месецот септември бил почеток на новата граѓанска година. Во септември се собирале плодовите и се принесувала жртва на благодарност спрема Бога. Месецот септември ќе остане забележан во христијанската историја поради победата на цар Константин Велики над Максенциј, непријателот на верата Христова. По таа победа следуваше слободата на вероисповедување во целата Римска Империја. Долго време, во христијанскиот свет граѓанската година се сметала како црковната, од први септември. Потем, таа била пренесена на први јануари, најпрво во Европа, а потоа и во Русија на Петар Велики. Овој ден неслучајно се совпаѓа со празнувањето на еден голем христијански подвижник од древна Сирија, великиот столпник на Црквата Христова Симеон.
Благочестиви христијани, времето е создадена категорија. Времето е создадено како што е создаден и просторот. И двете категории, времето и просторот, го детерминираат космосот. Бог благословил во него да живеат луѓето. Во времето живеејќи и во просторот постоејќи, го спасуваме времето на нашиот живот и, спасувајќи го времето на нашиот живот, го спасуваме времето како целина, како творба Божја, како дар и плод на божествените творечки сили и енергии. Затоа, возљубени мои, одговорноста на човекот за времето е навистина голема. Човекот што живее во Црквата е должен да го спаси секој миг од својот живот. Живеејќи во времето, задолжени сме времето да го преточуваме во вечност. И така, преобразувајќи го времето на својот живот во вечното време на вечниот живот, повикани сме да го преобразиме, и да го овечниме, и да го осветиме севкупното време, времето на овој свет, историското време, бидејќи и тоа е повикано да влезе во невремените димензии на литургиското време на царството Божје, на вечниот и небесен град Ерусалим. Затоа, возљубени мои, секогаш кога доаѓате на света Литургија и го пречекорувате прагот на светиот храм, излегувате од времето на овој свет и влегувате во времето на вечниот град. Таму нè очекува вечно приготвената Евхаристија. Седејќи околу трпезата на љубовта и вистината, се храниме од храната на живиот живот, пиеме од водата жива, јадеме од лебот на животот, односно од лебот натсуштествен, како што самиот Христос се изразил во молитвата Господова. А секогаш кога по Евхаристијата излегуваме од храмот, повторно се враќаме и влегуваме во времето на овој свет. Та затоа, времето на овој свет е првиот објект на христијанската вера и акција. Времето претставува икона на нашата фундаментална стварност, на оптимизмот и песимизмот, на нашиот живот како живот и на животот како смрт. Низ времето животот го доживуваме како можност, како раст, како исполнување и движење кон иднината. Но, низ времето сета иднина завршува во смртта и уништувањето. Времето е единствената реалност на животот, и покрај тоа што самото време е непостојна стварност. Времето постојано го поместува животот во минатото, кое веќе го нема, и во иднината, која секогаш води во смрт. Времето сликовито ќе го замислиме како линија на електрични столбови, затегнати спрема хоризонтот. На една од точките патем, нè чека нашата смрт.
Возљубени мои, денешното евангелие ја има токму таа порака: сите луѓе и целото човештво од Адама до денеска да станат граѓани на небесниот град, личности што го спасиле времето на својот живот, сиот свој живот, т.е. себеси како личности и времето на овој свет. Очигледно е дека времето е сеопфатен облик на нашиот живот. Модерната психијатрија зборува за незгаснатата желба на човекот да ѝ побегне на неизбежната свест за смртта. Да се живее во времето значи постојано соочување со конечноста на овој свет. Тоа соочува со бесмисленоста на животот, ако не се појави нешто што ќе ја превозмогне бесмисленоста. Од светото евангелие чувме дека постојат луѓе што го злоупотребуваат дарот на слободата и го ничкосуваат неговото значење така што одбиваат да влезат во радоста на вечниот живот. Ние, пак, денеска, од ова место, до сите вас и до вашата христијанска совест упатуваме повик да влезете и да го осветите животот свој и времето на вашиот живот. Во тој случај, гробот станува врата низ која поминува животот, а тоа подразбира градење на вечна и нераскинлива заедница и општење со живиот и несмртен Бог. Амин.
отец Стефан Санџакоски
Од зборникот: Беседи од Калишта, Струга: Рубљов 2000.