Монахиња Јулијанија: Смислата и содржината на иконата (3)

Трет и последен дел од текстот на монахиња Јулијанија

rsz_face_highlights

Ликовната уметност на Црквата, како дел од нејзиниот живот, за своја вистинска содржина го има православното богословие во целост, целото учење на Црквата, соборниот духовен опит на отците, учителите на Црквата и сите подвижници на благочестието, опит проникнат со молитва, нераскинливо поврзан со богослужението. Затоа духоносните отци на Црквата раководеле со тоа пресвештено дело (на иконописување) и пред VII Вселенски собор, и потоа, примајќи го, одобрувајќи го, утврдувајќи го насликаното или исправајќи го, забранувајќи го и отфрлајќи го како несоодветно на духовната вистина.

Сообразно на тоа, првично и осветувањето на новонасликаната икона се состоело во тоа, што иконописецот (кој често и самиот бил еден од подвижниците на благочестието), откако ќе го завршел својот труд, на иконата не ставал натпис, а, немајќи доверба во себе, ја донесувал на разгледување пред претстојателите на Црквата и единствено по утврдувањето на неа се ставало името на изобразениот, што било и нејзино осветување и усвојување на она што е изобразено на неа. До денес Црквата за православна икона ја признава само онаа, на која е ставено името на изобразениот, иако според подоцнежната пракса, за момент на осветување на иконата се сметало нејзиното попрскување со света вода при читањето на назначените молитви. По ова таа се сметала за света, црковна, достојна за почитување (VII Вселенски собор, акт 6.).

На тој начин, во спротивност на световната уметност, древната икона возникнала не на претставата и фантазијата на уметникот, не на неговото лично восприемање и толкување на скриената Божествена вистина, туку, од една страна, на богопросветениот разум на светите отци на Црквата, а од друга страна, на самоодрекувачкото послушание кон гласот на Црквата на светите иконописци, кои преку своето послушание, исто така, се приопштувале на духовниот опит на сите претходни поколенија на отци, учители и свети иконописци, сè до светите апостоли.

Непоколебливоста на Богооткриената вистина, која претставува содржина на ликовната уметност на Црквата, имала потреба и од соодветна на себе форма. И (за време на првите пет-седум векови) преку разумот на Црквата била изработена особена форма, различна од секоја друга форма, постојана, единствена, цврста – канон; форма, повикана да ја изразува не случајноста на личниот светоглед на уметникот, туку вечно непоколебливата Божествена вистина.

Каква е таа форма?

Ако сликата од надворешна страна е прозорец кон материјалниот свет, којшто е просторен, тогаш иконата според надворешната форма е исто така прозорец, но кон духовниот свет, којшто е нематеријален, кој нема ниту време, ни простор во нашето разбирање. Оттука е и рамноста на иконописниот образ, неутралната златна површина (фон) и многу др. Тој свет се дава во иконата не во светлината на личното разбирање на мајсторот, туку во светлината на општоцрковното духовно поимање.

Иконописната форма на образот спаѓа во преданието на светите отци и е неопходна за уметниците, кои сакаат да го принесат својот талант во служба на Црквата.

Нивниот аманет: „Да се слика, како што сликале древните иконописци“ (Стоглав собор), не значи дека треба да се усвојат само нивните методи и стил  на сликање, тоа значи да се следи нивниот пример во тоа свето дело, т.е. да се влезе и да се живее светот, разоткриван од иконата, светот, кој е движен од стравот Божји, кој дише со молитвата, кој е исполнет со благоговение и бестрастите, а не само да се копира надворешната форма.

Нам ни е познато како се труделе светите иконописци. Подготвувајќи се да наслика света икона, древниот, вистинскиот иконописец прво се подготвувал самиот себеси преку молитва и пост, преку послушание кон својот духовен раководител. Тој се подготвувал преку самоодрекување, за во неговото свето црковно дело не навлезе неговата човечка, себељубива, страсна природа и да не ја изопачи Божествената вистина, за самиот да се приближи, колку што е можно, кон светот што му претстои да се допре со четката.

Преподобниот Али(м)пиј, првиот руски иконописец на Киево-Печерскиот манастир, ноќе се молел, дење со големо смирение, чистота, трпение, љубов и богомислие се занимавал со иконопис и по благодатта Божја (како што говори неговото житие) на видлив начин како да го пресоздавал најдуховниот вид на добродетелта.

Во Руската црква нам ни се познати цели собори на свети иконописци. Старецот еросхимонах Нил, возобновувачот на Нилосорската пустина (1801-1870) се занимавал со иконопис, следејќи ги древните византиски обрасци. Како монах со строг, внимателен живот, тој со голема благоговејност, пост и молитвена подготовка сликал свети икони. Својот труд, исто така, го завршил со молитва: со сеноќно бдение на светиот, којшто бил насликан, со Литургија и водосвет, по што благоговејно се поклонувал на новонасликаниот образ и го целивал. Сите икони, од него насликани, се исполнувале со благодатни дарови.

Така се сликале иконите од подвижниците на Црквата. Свето следејќи го црковното предание и аманет, благоговејќи пред височината и длабочината на свештениот образ, древниот иконописец ги заборавал сопствените интереси, сметајќи се себеси среќен, дека неговиот труд како да му дозволува да се допира до облеката Христова. И ниту еден од нив не се осмелил да ја потпише од него создадената икона со своето име, зашто во неа тој ништо не сметал за свое, ниту содржината, ниту формата.

иконописец монахиња Јулијанија (Соколова)

Прв дел     Втор дел

Превод од руски: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *