Смилен Марков: Верата не треба да се упростува
Денес многу често на христијаните им се укажува дека за верата треба да зборуваат на упростен начин, со што не би го обременувале без потреба современиот човек, кој веќе е прејаден од сложеноста на светот во кој живееме. Големиот христијански философ и богослов со руско потекло Сергеј Аверницев на ваквото расудување во една прилика одговорил на следниот начин: „Не бива да изгледа просто! Простите објаснувања се соодветни за другите вери. Во христијанството ништо не е просто и вештачкото упростување на учењето на верата претставува сурогат“.
Би можело да се рече дека утрешниот празник Педесетница е најсложениот и многуслоен христијански празник, од кој произлегуваат сите останати христијански празници. Овој празник е синтеза на буквално сите значења на Откровението, но е и радикална иновација во разбирањето на човечката улога во контекст на религијата и историјата. На Педесетница сите дотогашни религиозни практики се преобразуваат и добиваат потполно нова смисла. Сега човекот се преобразува во место во кое обитава Бог, човечкиот дух станува Божји дух, човечкиот јазик – Божјо слово. Низата од значењата на овој празник тргнува од аграрните култови поврзани со првите плодови од жетвата; минува преку Пасхата како исход од ропството, но и од смртта; и завршува со првиот плод на новата твар – раѓањето во Црквата.
На Педесетница Црквата, собрана на едно место, го вкусува првиот плод на новата твар, ја жнее победата посеана од Сејачот. Педесетницата е исполнувањето на дерзновените Христови зборови дека оние што веруваат во Него не само ќе ги прават Неговите дела, но ќе прават и „поголеми дела“ (Јован 14,12), а тоа значи – ќе се охристоват преку дарот на Духот. Тој дар не е едноставно харизма, еден или друг вид на служба во Црквата, туку е Тајната на Троица, во која постоењето е љубов. Во светлината на сето тоа не се апсурдни тврдењата на некои писатели дека собитието на Црквата го означува крајот на религијата и почетокот на Божјото Царство.
Д-р Смилен Марков (главен асистент на Православниот богословски факултет во Велико Трново)
Без коментари