Сеидба на Интернет

rsz_seidba-ilic

Денес на Литургијата се чита параболата за сејачот и семето од Евангелието според Лука (зачало 35 [8,5-15]).

Рече Господ во парабола: „Излезе сејач на семе; и кога сееше, едно падна покрај патот и беше изгазено, и птиците небески го исколваа; а друго падна на камен, па штом никна, се исуши, оти немаше влага; едно, пак, падна меѓу трње; и израсна трњето, па го задуши; а друго падна на добра земја, и кога изникна, донесе стократен плод.“ Откако го рече ова, извика: „Која има уши да слуша, нека чуе!..“

Интересно е овде, во виртуелната зона, да се обидеме да разбереме што Христос ни порачал нам што користиме интернет, зашто Неговите пораки се протегаат до крајот на историјата и не се ограничуваат на никакво определено време, ниту на некаква одредена технологија, ниту на никаков начин на комуницирање.

Толкувајќи ја параболата во клучот на фејсбук искуството, би можеле да кажеме дека има сејачи и семиња повеќе од кога било. Но, тлото на кое паѓа семето на Христовите пораки е поплитко од кога било и во многу е загадено со хемикалии и испостено со лоша употреба.

Навистина, во изобилието на цитати што циркулираат низ интернетот, верниците можат да пронајдат и светоотечки мисли и упатства за духовен живот, и молитви, и современи теолошки текстови, ама сето тоа се употребува само за моментални псевдоувиди, на нив нема задржување, туку ненаситно се продолжува понатаму, до следниот инстант-увид, до следното кратко издигање над површноста. До илузијата на „духовност“, која како и секој друг успех започнува да се мери со зафатената површина на информации.

Немаме време да се задржиме на семето што ќе го најдеме, не го полеваме, а трњето и секаков плевел на непотребни информации ги има премногу. Хаотичните птици на постојаните нови атракции го грабаат семето уште додека не сме успеале да размислиме што би можеле со него.

Предолги се поуките, толкувањата, размилувањата, увидите што се подолги до она синкастото… „Покажи повеќе“. И нема доволно плод од семето, фрлено во виртуелниот простор.

Слободното самообликување со комбинирање на понудените елементи – веќе одамна стана општо правило. Нешто што јасно се подразбира, навидум природно. Ако некој број на луѓе и преку интернет се групираат околу Христа, секој Му приоѓа преку иконата што самиот ја создава. Денес секој е во состојба во виртуелниот простор да направи заедница којашто му одговара.

Интелектуалните и сентименталните потреби на поединецот се задоволуваат во интернет верзијата на Црквата, каде што можат да се најдат подобри проповеди од оние што им ги нуди свештеникот во нивната црква, и посродни на душата отколку оние во сопствената парохија. Црквата на интернет, којашто секој самиот ја „склопува“ е едноставно „подобра“. Големо е искушението, виртуелната утеха да ги замени вистинските потреби. На крајот, повторно останува чувството на непотполност.

Колкумина од нас на семето му нудат „добра земја“ – добра подлога? Колкумина од нас се подготвени да го полеваат семето што го наоѓаат и препознаваат како вредно за одгледување? Како од семето да изникне род и да „донесе стократен плод“? Сигурно дека не е доволно семето само да го префрлиме понатаму, на следното дел од виртуелното тло/почва, некому што повеќе од нас ќе знае што ќе прави со него. Што треба ние да направиме?

Мораме да ја зауздаме виртуелноста. Да ја користиме за комуникација, но да не допуштиме таа да нè вовлече во илузијата на виртуелната доволност. Залудна ни е таа утеха што само ќе нè одвлекува од самореализацијата. Како што секогаш било, ние имаме само неколку видливи начини со кои ќе се обидеме да го негуваме семето до плодот. Суштината е плодовите да имаат смисла, ако од нив и ние, ама и другите добиваат нешто. Нешто што во семето постоело, но дури во плодовите се реализирало. Мораме да работиме на себе со сознанието дека и кога најмногу работиме на себе, всушност тоа Бог го прави во нас. Тоа мораме да го проверуваме и да го споделуваме со другите. На Литургијата. Во најтаинствената средба и допир меѓу Бога и човекот, човекот и човекот. Оној што заедно со реалните ближни реално се причестува со Бога, со животот, ќе има сила да ѝ одолее на илузијата. Така ќе може да остане во радоста и љубовта, и со тоа да стане богообразен човек. Љубовта не е безболна сентименталност, туку конкретно делување што бара одрекување и совладување на бројни препреки. Дела. Барај го реалниот ближен, кој нам не ни е близок, исто толку колку што ни самите себеси не сме си блиски.

ѓакон Ненад Илиќ

Превод: презвитер Георгиј Глигоров

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *