Прва тајноводствена (мистагошка) поука

Кон новопросветениот. Толкување на стихот: Бидете трезвени, бидете будни (5,8) од Првото соборно послание на светиот апостол Петар, и на други стихови од тоа послание.im4133

1.Сакав и порано, вистински и избрани чеда на Црквата, да побеседам со вас за овие духовни и небесни тајни. Но, бидејќи знаев дека е гледањето поубедливо од слушањето, го чекав токму овој миг, преку ова искуство да ве најдам поподготвени за слушање на она што ќе ви се проповеда, за да ве воведам поудобно во светлата и благомирисна цветна градина на овој рај; а и правилно да се подготвите да ги примите овие божествени тајни и да се удостоите за божественото и животворно Крштение. Бидејќи треба да се понуди трпеза со најсовршено учење, ќе се потрудиме да го научите за да можете да ја запознаете силата на тајните што ќе се извршат врз вас, вечерта кога ќе се крстите.

2.Вие првин влеговте во предворјето на припратата за крштевање и, стоејќи со лицето свртено кон Запад, слушавте и според она што ви беше заповедано ги спружувавте рацете и се одрекувавте од сатаната. Но, треба да знаете дека првообразот на сево ова се наоѓа во историјата на Стариот завет. Имено, кога фараонот – тој жесток и бесчовечен мачител, го измачувал слободниот и благороден еврејски народ, Бог го испратил Мојсеја да го изведе тој народ од тешкото египетско ропство. И со крвта на јагнињата биле попрскувани праговите и довратниците на вратите за да ги одмине сеистребителот домовите што беа со крв обележани[1]. Еве, на ваков чудесен начин бил спасен еврејскиот народ. А кога врагот, следејќи го ослободениот народ, видел дека морето заради него се разделило на натприроден начин, тргнал да го гони, но тогаш, бивајќи неочекувано прекриен од брановите, бил потопен во водите на Црвеното Море[2].

3.Но, сега те молам да преминеш од овие стари работи кон новите, поточно од првообразот кон вистината. Таму, според заповедта Божја, Мојсеј бил испратен во Египет, а овде во светот, од Отецот е испратен Христос. Таму пророк – за да го изведе од Египет измачуваниот народ, а овде Христос – за да ги избави од светот луѓето обременети со грев. Таму крвта на јагнињата го оттргнала истребителот, а овде крвта на непорочното јагне[3] – Исус Христос, станала изгонувач на демоните. Оној мачител дури до морето ги гонел древните луѓе, но истиот тој лут, бесрамен и злобен демон и тебе те следеше сè до овие спасителни води. Оној во морето бил потопен, а овој ќе исчезне во спасителната вода.

ancient-baptismal-font

4.Но, ќе чуеш уште дека ти се заповеда да речеш: се одрекувам од тебе, сатано. Сакам да ви објаснам и зошто бевте свртени со лицето кон Запад. Тоа е нужно. Бидејќи местото на очигледната темнина е Запад, сатаната, зашто е темнина, во местото на темнината и престојува. Од тие причини, вие, показателно гледајќи кон Запад, се откажувате од тој темен и мрачен кнез. Што велеше секој од вас додека стоеше? Се одрекувам од тебе, сатано, од тебе, зол и страшен мачителу. Велиш: „Јас веќе не се плашам од твојата сила“, зашто неа ја уништил Христос, приопштувајќи се со моите крв и плот – за преку тоа со смрт смртта да ја победи, и да не бидам веќе низ целиот живот подложен на ропство[4]. Се одрекувам од тебе, лукава и злоитра змијо. Се одрекувам од тебе, подмолен, зашто преку лажно пријателство си направил секакви беззаконија и си го предизвикал кај нашите прародители отстапувањето од Бога. Се одрекувам од тебе, промислувачу и содејствувачу на секоја злоба.

5.Потоа, по второто изречение ќе научиш да речеш: и од твоите дела. Дела на сатаната се сите гревови од кои треба задолжително да се одречеме, исто како што оној што бега од мачителот треба да бега и од сите негови оружја. И така, гревот од каков било вид се смета за дело на ѓаволот. Впрочем, треба да го знаеш и ова дека сè што си кажал – особено во овој страшен час, е напишано во божествените книги. И затоа, ако направиш што било спротивно, ќе бидеш осуден како престапник. Од тие причини, говорејќи, ти се одрекуваш од сите дела на сатаната и од сите дејствија и помисли спротивни на разумот.

6.А потоа ќе речеш: и од сета твоја гордост. Гордост сатанска се сите примамливи забави и коњските трки, ловот со кучиња, и други суети слични на овие. Светиот пророк за да биде избавен од нив му вели на Бога: „Сврти ги очите мои за да не гледам суета“[5]. Да не те привлекуваат примамливите забави на кои ќе ја видиш дрскоста на шутовите, изразена преку бесрамни движења и други непотребности, на кои ќе видиш и примамливи танци на женоподобни мажи. Да не биде посакувано под тебе безумието на оние што, ловејќи, им се предаваат на ѕверовите заради посакувањата на својот стомак. Таквите, за да ѝ угодат на својата утроба со јадења, и самите, навистина, стануваат храна на нескротливите ѕверови. Но, можеби е поправилно да се рече дека тие заради својот стомак – кој е нивни бог[6], во двобој го погубуваат сопствениот живот. Затоа, бегај од коњските трки и од примамливите забави што ја убиваат душата, бидејќи се сите тие гордост ѓаволска.

7.Но, чуј го и ова: дека сè што се принесува за време на идолските празнувања – било месо или леб, или што било слично, се осквернува преку повикувањето на нечистите демони и се вбројува во гордост ѓаволска. Како што лебот и виното во Евхаристијата, пред светото повикување (=епиклеза) на поклонуваната Троица, како обичен леб и вино, а по извршеното повикување лебот станува тело Христово, а виното крв Христова, така и тие (т.е. лебот, виното, месото…), бидејќи се според својата природа прости, од гордоста сатанска се осквернуваат преку повикувањето на демоните.

WitchJ

8.А по сево ова ќе речеш: и од сето твое служење. Служење на ѓаволот е молитвата што се извршува по капалиштата и сето она што се прави за чествување на бездушните идоли. Потоа: палење свеќи или кадење при изворите и при реките – како што некои опрелестени од сновиденијата или од демоните одеа при такви водишта, во очекување дека ќе бидат излечени од телесни болки; и сето друго од ваков вид. Не навлегувај во ова! Гледањето според птиците, баењето, претскажувањето, приврзоците што се носат на гуша против уроци, или пишувањето ливчиња, волшебништвото и некои зли итрини, и други непотребности слични на овие, се служење на ѓаволот. Бегај од сево ова! А, ако навлезеш во нив – откако си го отфрлил сатаната и си Го примил Христа, дури тогаш ќе ја почувствуваш вистинската жестина на мачителот, кој порано се однесувал кон тебе како кон свој близок – ставајќи те само во тешко ропство. Но, тој е сега жестоко огорчен на тебе. Ете, така и Христа ќе Го изгубиш, и од сатаната голема злоба врз себе ќе почувствуваш. Си ја слушнал ли древната приказна за Лот и за неговите ќерки?[7] Не се спасил ли тој со своите ќерки, искачувајќи се на гората, а жената негова не се претвори ли во солен столб – за да остане вечен споменик на лошата желба и на погледот фрлен наназад?[8] Внимавај на себеси[9] и не врти се наназад, ако веќе „си ја ставил раката своја на ралото“[10]. Не гледај веќе наназад, на тој солен начин на животно дејствување, туку бегај во гората[11] кон Исус Христос, кон оној „камен што го разби идолот“[12] и ја исполни вселената.

9.Кога се одрекуваш од сатаната, целосно пропаѓа секаков сојуз со него и древниот договор со пеколот[13]. Тогаш ти се отвора рајот Божји, кој е насаден на Исток[14], од кој поради престапот бил избркан нашиот праотец[15]. Ете, тоа го означува твоето вртење од Запад кон Исток. Во тој миг ти е заповедано да речеш: Верувам во Отецот, и во Синот, и во Светиот Дух, и во крштение за оставање на гревовите. За овие нешта, според благодатта Божа, опширно ти беше речено во претходните поуки.

10.И така, од посочениве слова заклучивме дека треба да бидеш буден. Зашто, „нашиот противник ѓаволот“, како што неодамна беше читано, „обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта“[16]. Точно така, и во претходните времиња „смртта сè голатала“[17], но при светата бања на новото битие (=пакибитие) ги избришал „Бог солзите од сите лица“[18]. Зашто ти веќе нема да плачеш соблекувајќи го стариот човек, туку ќе се радуваш[19], облекувајќи се во ризата на спасението, во Исуса Христа[20].

11.Сево ова се случуваше со вас во предворјето на црквата. А кога по Божјата волја, преку тајноводствата што следуваат, ќе навлеземе во светињата на светињите, тогаш ќе го познаеме начинот на нештата што се случуваат таму. На Бога Отецот слава, власт и величие, заедно со Синот и со Светиот Дух во сите векови. Амин.

[1]2Мојс 12,22. 28

[2]2Мојс 14,22. 30

[3]1Птр 1,19

[4]Евр 2,15

[5]Пс 118,37

[6]Филип 3,19

[7]1Мојс 19,15. 30

[8]1Мојс 19,26

[9]5Мојс 4,23

[10]Лк 9,62

[11]1Мојс 19,17

[12]Дан 2,35. 45

[13]Ис 28,15

[14]1Мој 2,8

[15]1Мојс 3,23

[16]1Птр 5,8

[17]Ис 25,8

[18]Ис 25,8

[19]Ис 61,10

[20]Рим 13,14

свети Кирил Ерусалимски

Извор: Пелагонитиса бр. 7/8

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *