Празникот на иконата „Достојно е“
Во десеттиот век пред овој свет образ на Мајката Божја за првпат била испеана песна, подоцна вклученa во чинот на Божествената Литургија, што и до денес секојдневно се користи во целиот православен свет.
Преданието за овој настан е запишано во 16 век од тогашниот прв по чест монах на Света Гора, еромонахот Серафим, кој го соопштува следново:
Во близина на престолнината на Света Гора, Кареја, се наоѓа долина, подоцна наречена „Долината на Пеењето“, во која оддалечени една од друга се наоѓаат монашки ќелии, населени со аскети кои се подвизувале. Во една од нив живееле двајца монаси, старец по име Гавриил и послушник (искушеник) со истото име. Еднаш старецот, одејќи на бдение во Кареја, му рекол на својот ученик: „Чедо, одам на бдението, а ти остани овде и направи сам утринска молитва во нашата ќелија“.
Ноќта некој тропнал на вратата од ќелијата. Кога отворил, искушеникот пред себе видел непознат калуѓер. Го поканил туѓинецот да влезе, за да ја извршат заедно утринската богослужба. Доаѓајќи до песната Почесна од херувимите…, непознатиот со ангелски глас побожно запеал кон Пресвета Богородица: Достојно е, навистина, Блажена да те нарекуваме Тебе, Богородице, присноблажена и пренепорочна, и Мајко на нашиот Бог. По овие зборови, иконата на Божјата Мајка која се наоѓала во ќелијата и пред која тие ја вознесувале својата молитва, одеднаш заблескала со необична светлина, а искушеникот, исполнет со духовна радост и плачејќи од умиление, се обратил кон монахот со следниве зборови: „Оче, ние никогаш не сме слушнале за оваа песна од старците. Те молам, напиши ми ја за спомен!“.
Непознатиот монах побарал мастило и хартија. Се покажало дека во ќелијата нема такви работи. Тогаш тој му рекол на искушеникот: „Донеси ми камена плоча!“. Откако ја добил, со рака како врз восок ги напишал зборовите на песната и на својот помал брат му заповедал: „Отсега па натаму, така пејте сите православни!“. Откако ги изрекол овие зборови, тој одеднаш станал невидлив.
Кога монахот Гавриил се вратил од бдението, неговиот послушник му раскажал за својот непознат мистериозен гостин, и на старецот ја покажал камената плоча со текстот на молитвата. Искусниот духовник веднаш разбрал дека во ќелијата бил самиот архангел Гавриил, испратен на земјата да им возвести на христијаните уште една прекрасна песна во слава на Божјата Мајка. Двајцата старци (ќелијници) ја земале камената плоча и ја однеле кај надлежниот игумен, каде детално раскажале пред Соборот на старците за настанатото чудо. Тогаш сите браќа со една уста и едно срце Го прославиле Христа Бога, што извршил такво чудо за слава на Својата преблагословена Мајка и ја испеале новата песна, донесена на земјата од архангел Гавриил.
Плочата со врежани на неа букви со Богородичната песна била испратена во Цариград (Константинопол) кај патријархот Николај II Хризоверг, како сведоштво за настанатото чудо. Иконата на Пресвета Богородица, пред која била испеана за првпат молитвата, била земена од ќелијата на светогорските отци и пренесена во соборниот храм „Протатон“ во Кареја, каде што и денес се наоѓа, и оттогаш почнале да ја викаат „Достојно е“.
И самата ќелија уште од времето на ова чудо е наречена и останала позната на Свeта Гора со името „Достојно е“.
Православната Црква го одбележува ова чудо на празникот „Света Богородица – Достојно е“, кој се слави на 11 јуни (24 нов по стар стил), како и на вториот ден на Велигден, кога претставници на сите светогорски манастири го изнесуваат со литија Богородичниот образ, за да ги благослови Божјата Мајка сите оние кои се подвизуваат и се поклонуваат во нејзината градина – Света Гора Атос.
Извор: bg-patriarshia.bg
Подготвил: Дејан Рисафов