Отец Павел Великанов: Смртта како тајна на ново раѓање
Религиозната вера, а особено христијанската, во суштина претставува излез од ќорсокакот на смртта. Ако Христос не воскреснал, празна е нашата вера – вели апостолот Павле. Ако сите наши „акции“ се овде, во овој материјален свет – ние сме веќе банкроти: смртта ќе ги симне на нула сите наши сметки, колку огромни или ништожни да се. Затоа смртта претставува определен „момент на вистината“ за животот, она што го утврдува неговото значење и вредност – колку и парадоксално да звучи.
Блажен е патот по кој денес одиш душо, зашто е подготвено за тебе место на покој – или, обратно: Жестока е смртта на грешникот. Правилно е да се каже дека смртта е венец на целиот живот. Затоа и на секое богослужение многукратно просиме мирен крај на нашиот живот, непосрамен, безболен, и добар одговор на Страшниот Суд Христов.
Притоа во Христијанството не постои никаков „култ на смртта“, како што тоа може да се сретне во некои супкултури и секти. Не постои никаква „романтизација“ на смртта: таа е длабоко противприродна за човечката природа, таа е секогаш болка, плач, човечка беда – но нешто што постојано се победува со Христос и Неговата Црква. Како и породилните болки: тој процес никогаш не е пријатен и комфортен, но неговиот резултат е неспоредлив со страданијата и болката: се родил нов човек во светот!
Смртта е навистина света тајна на преминување, таинство на раѓање за Вечноста. Малку се моментите во нашиот живот кога преку некој возљубен од нас човек, независно од неговите погледи на светот, верата, праведноста, на очигледен начин се доживува допирот на Вечноста, излегувањето вон границите на видливото. И, чинам, умирањето и смртта тука го имаат првото место. Тоа особено остро се чувствува од страна на блиските луѓе: кога доаѓа очигледното поимање дека блискиот човек во ова тело го нема веќе – но во исто време тој е жив, тој постои, во извесна смисла тој станал многу поблизок кон своите роднини, отколку кога живеел со нив во телото. Почитувањето на предците, кое во некоја мера е практично дел од сите религиозни култури, ја рефлектира очигледната вистина: блиските си заминуваат од нас, од нашиот свет – но никаде не исчезнуваат.
Ќе рече некој, „ама кој знае 100% што се случува онаму“ – а зар ние во овој свет знаеме многу, 100%? Ние сами со себе, во сопствената душа, не можеме да се уредиме, а камоли да говориме за сè останато?
Сепак, нас ова незнаење ни малку не нè смутува: опитот на животот сè поставува на свое место, и ние постојано учиме да ја преодолеваме таа неполнота на знаењето на различни начини – каде со интуицијата, каде со верата во среќа, а каде со едноставно пречекорување, без да размислуваме. Религиозната вера го прави човекот почувствителен, повосприемчив кон пројавите на духовниот свет – и токму тука, во овие небесни сведоштва ние ја црпиме надежта во блаженството на нашите упокоени…
Увереноста во тоа треба да ја црпиме од светите тајни на Црквата и, секако, пред сè, во Божествената Евхаристија. Токму ова Таинство на Царството ја брише границата меѓу светот на живите и светот на упокоените, светот на грешниците што се каат и Божјите праведници што блескаат во слава.
Творејќи ја Литургијата како заедничко дело на изградување на Телото Христово овде и сега, ние – и клириците и лаиците – стануваме учесници и причесници на Едниот и Ист Христос – преку Кого во сета полнота и живеат на небото упокоените верни.
Црквата е постојана динамика на нисходење на Небото на земјата, на очистување и издигнување на земното, отежнатото, закоравеното – кон височините на духот и радоста во Христа. Особено во ситуации кога наши блиски си заминуваат многу добро се осознава, дека причестувањето не е „задоволување на индивидуалната духовна потреба“, еден вид „врв на духовниот егоизам“, туку нешто многу повеќе: изградување на единство во Христа и на живите, и на упокоените.
Споменувајќи ги нив на Божествената Евхаристија, се поврзуваме со нивното застапништво и ја чувствуваме нивната реална блискост и помош: не затоа дека во поинаков случај тие би биле глуви кон нашите прозби, туку едноставно затоа што на овој начин се строи единствено правилна хармонија во односите меѓу луѓето – во Бога и преку Христа. Само тогаш станува јасно како и зошто е возможно да им се молиме на упокоените, зашто во тоа нема грев: бидејќи во Црквата по дефиниција не постојат несвети.
Црквата е собрание на светиите, на оние во кои живее и дејствува благодатта на Светиот Дух. Се канонизираат „обрасци“ на светии, јавно прославени од Бога, но нивниот број е неспоредливо помал од „едноставните светии“. Молитвата го обновува општењето меѓу блиските кое било прекинато со смртта, и тоа придобива сосема нова димензија. Тоа воопшто не е жалосен плач – зошто и на кого нè оставиле – туку радост и благодарност на Бога за тоа што Таму има еден од нашите.
протоереј Павел Великанов
Извадок од интервјуто на pravmir.ru
Г.Г.
Most business vehicles primarily garaged inside condition of New Hat are needed to have commercial insurance policy. Which means that a car or truck registered inside condition of New York, however primarily situated around Nj must have Nj insurance policy. Hawaii mandates that a corporation need to be prnfossioeal or maybe approved by the Nj Auto Insurance Intend to do insurance coverage.