Отец Стефан Санџакоски: Враќање од нашата небиднина

rsz_nebidnina

Светото евангелие, како вечен и непресушен логос Христов, нè соочува со една евангелска парабола чија содржина, верувам, има егзистенцијално значење за секој човек. Содржината на параболата, помалку или повеќе, е содржина на сечиј човечки живот. Судбината на главниот лик во параболата е архетипска. Како во огледало се огледува и се препознава животната судба на секој од нас посебно. Од прочитаното евангелие чувме дека станува збор за параболата за блудниот син. Бессомнежно, тоа е едно од најмоќните и најблиски до срцето на човекот, но и едно од најсаканите параболични кажувања Христови, упатени до светите ученици и преку нив до сите нас. Не познавам човек што, откако ја чул пораката на денешното евангелие, останал рамнодушен. Доколку се случи рамнодушност, тоа ќе значи дека ни отрпнале благословените сетила за познавање на вистината. Тогаш го губиме христијанскиот идентитет и пливаме во водите на паганските философски светогледи на стоиците и хиндуистите. Нивната апатија и нирвана им ја одземаат функцијата на гносеолошките инструменти на човечкото битие и личност.

Во параболата за блудниот син станува збор за еден човек што имал два сина. Помладиот од нив го побарал делот од имотот што му припаѓал. Таткото им го разделил имотот. Потем, помладиот син отпатувал во туѓа земја и таму, живеејќи блудно, сиот имот го потрошил. Во земјата настапил голем глад. Момчето се спогодило со еден човек да му го чува крдото свињи. Бил страден да го наполни стомакот со корењата што ги извлекувале свињите од земјата. Но и нив никој не му ги давал. Во него се родило копнежно сеќавање на лебот што живот дава. Во ситуација на целосна паднатост и во состојба на тотална оттуѓеност од Бога, од ближните свои и од самиот себе, се родил копнеж по Бога. Престанал да биде туѓинец на самиот себе. Обновената анамнеза го соочила со фактот дека е син на татко, богат домаќин. Во татковиот дом работеле бројни наемници и имале леб во изобилие. А тој умирал од глад. Милоста и добрината на татко му ги отвориле вратите на надежта. Татковата несебична и неусловена љубов спрема секој човек била мелем ставен врз раните на душата и телото негово: Ќе станам и ќе отидам при татко си и ќе му речам: татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од твоите наемници. И навистина, возљубени мои, секогаш кога се наоѓаме во безизлезна ситуација, надвор од секоја логика на умот, срцето ни кажува да се нурнеме во неговите длабочини што немаат дно. Правејќи салто мортале со умот во срцето, скокаме во бескрајните простори на срцето, каде што ќе бидеме пречекани во прегратките Божји. Всушност, Неговите прегратки беа симболизирани од прегратките на таткото во параболата. Во нив блудниот син веќе се најде штом се сети на татко си, добар, полн со љубов, богат во секој поглед, богат со добрина, богат со убавина, сиот во сета слобода своја и сиот во сета љубов своја.

И така би, драги мои. Блудниот син ја остави својата јабана, ја остави својата небиднина и му пристапи на својот татко. Стана и отиде при татко си. И кога беше уште далеку, го виде таткото и се сожали над него, па потрча, го прегрна и го целива. И синот му рече: „татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син“. Таткото, пак, штом го здогледа, постапи како што срцето му кажа. Им заповеда на слугите свои: Изнесете најубава облека, и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете; па дотерајте и заколете угоено теле за да јадеме и да се веселиме. Ги рашири прегратките свои и го прими својот син со зборовите: Оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде.  И почнаа да се веселат. Навистина ви велам дека сите ние, некој помалку, некој повеќе, се наоѓаме во ситуацијата на помладиот син на личносен план, на семеен план или на општествен план. Сите сме биле и сè уште сме блудни синови, или исчадија на блудни односи. Но, надежта на великиот наш Спасител, Богочовекот Христос е среде нас, во срцата наши, и секогаш со подадена рака, нè крепи и нè дарува со живот. Животот нè дарува со смисла што нè приведува кон целта на нашето историско постоење. Секое страдање се осмислува. Знаеме зошто се страда. Не се страда секогаш поради себеси и поради гревот свој, туку и за спасение на светов во кој опстојуваме. Не само што го прими, не само што го прегрна, не само што однапред сè му прости на синот што го искоцка имотот, во наследство од таткото свој добиен, туку заповеда да го облечат во најсвечено руво, и да му стават венчален прстен на раката, и да заколат угоено теле за да се направи радосна гозба. Ви симпосионот на радоста со песни се славело спасението на изгубениот и духовно мртов син. Но, кажувањето на Христа овде не завршува, иако овој момент го сметаме за зенит на параболата.

Се појавил вториот син на господарот. Откако разбрал дека татко му го примил блудниот брат, се налутил и не сакал да влезе во радоста на татко си. Татко му излегол и го молел да влезе. Постариот син горчливо забележал: Татко, ти служам толку години и никогаш не прекршив твоја заповед, а мене не си ми дал ни едно јаре за да се провеселам со моите пријатели. А за овој твој син, кој го упропасти твојот имот со блудници, го закла угоеното теле. Аргументите на постариот син, гледани со ум човечки, се моќни. Има ли логика расипник да биде примен со радост?! Меѓутоа, таткото го молел постариот свој син, смирено, кротко, со љубов и како помал од него, да влезе во радоста поради враќањето на изгубениот и умрен, но покајан син и брат. Таткото рекол: Синко, ти си секогаш со мене и сè мое е твое, но требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде.

И навистина, возљубени мои, ако сакаме да бидеме христијани, во устата наша не ќе се роди гнев, бунт, револт спрема нашите паднати браќа. Со својот ум во срцето никогаш да не посакаме: да ги нема, да настрадаат, да бидат праведно казнети, вечни заложници на гревот свој, Бог да ги казне, небаре во името на некаква правда, макар и божествена, во нашиот ум смислена, во лабораторијата на нашиот ум искована. Ќе бидеме христијани само тогаш кога за спасението на најпаднатите наши браќа молитвено ќе завикаме пред Господа и со болка ќе соучествуваме во нивните страданија. Господи, спаси ги, што ќе ми е рајот, што ќе ми е заедницата со Тебе, без нив. Те молам, Господи, умудри ги и спаси ги моите безумни браќа и сестри. Така молете се, браќа мои христијани! Во текот на постите велигденски молете Го живиот наш Бог, но не само за себеси. Оној што се моли само за себе, според црковните канони, со право се одлачува од лоното на Црквата Божја. Најпрво ќе се молиме за сите паднати, за браќата за кои сметате дека им е најтешко. За нив пред сè да се молиме. Потем ќе си спомнеме и за себе, бидејќи не ќе најдеме дека сме подобри од најпаднатите меѓу браќата наши. Амин.

отец Стефан Санџакоски

Од зборникот: Беседи од Калишта, Струга: Рубљов 2000.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *