Отец Стефан Санџакоски: Родословот на Богомладенецот

rsz_genealogy_of_jesus_mosaic_at_chora_1

Уште малку дена нè делат од големата радост на светото и торжествено Рождество на Спасителот, малечкото Богоотроче, во витлеемската пештера. А денес, пак, според премудриот ум Христов, светата Црква Божја нè соочува со фактот дека духовниот простор и просторот на светов се исполнети со сите свети богоугодници, чиј спомен токму денес го паметиме. А ги паметиме нив за да не заборавиме како треба да живееме, та со достоинство на битие чувано во чистота, да Го пречекаме непорочно Родениот во витлеемските јасли. Господарот на светот толку се смири пред луѓето што стана човек и се роди во пештера. Во витлеемската штала живееја бесловесни домашни животни. Воплотениот Логос не побара да Му служат, туку дојде да служи и се роди среде животни што им служат на луѓето. И светиите, бидејќи ја познаа вистината за Богодетето, посакаа во сето свое смирение да ја наведнат главата своја пред Триипостасниот Бог. Тие ни станаа образец за тоа како треба да го склопиме нашиот севкупен историски живот.

Денешниот ден е повик на паметење на нашето историско потекло. Затоа, денеска светото евангелие неслучајно нè соочи со родословот, со генеалогијата на телесното раѓање на нашиот Спасител. И видовме дека сите човечки поколенија на старозаветната епоха се фокусираат во Богочовечката Личност Христова. Родените од Авраам до Давид и од Давид до Христа се содржани во плотта што беше обожена и во сè ставена во совршена симфонија со Божествената природа на Богомладенецот. Една и света фамилија. Едно и свето поколение. Сè свети души. Ни едно од имињата слушнати во евангелието што денес го читавме, не е изопштено од диптихот на светиите на Црквата Христова. Господ да ни помогне на онтолошки план да се сообразиме со природата на човекот што Бог првично ја создаде, а потоа и сиот наш живот да го водиме сообразно со природата на човекот во Богочовекот. На тоа нè упатува православната аскетска антропологија и евангелската етика, т.е. наравствената наука. Веќе самото име „наравствена“ нè соочува со неопходноста да живееме во согласност со природата. Зашто, животот наш ќе биде и мерен и суден според обидот да биде спасен секој миг од времето на нашиот живот и секој атом од силите на нашиот живот.

praotci

Времето и силите треба да ги вградиме во обновувањето на паднатата човечка природа, но така што ќе направиме исчекор кон есхатолошките димензии на постоењето. Сосема е бесмислена и ништожна доброволната заробеност на човекот во временските и просторните матрици на овој свет. Затоа, возљубени мои, светата Црква Божја го благословува осветувањето на времето на големиот пост пред празникот на Христовото раѓање. Во тоа е содржана и смислата на годишниот литургиски циклус. Времето на траење на постот и сите наши подвижнички потрошени сили се влог за осветување на сетилата за познавање на вистинскиот живот. Осветувањето и изострувањето на гносеолошкиот инструментариум овозможува бистро гледање во вечноста и литанија до прегратките на Оној што од пред сите векови го прегрнал човекот. Затоа нагласувам дека зборуваме за осветување на времето, а не просто за различни празници и свети денови. Едно е да се паметат датумите и имињата на празниците, а друго е да се разбираат. Христос ниту стана човек, ниту умре на крстот за да се придржуваме кон некои обичаи, за да ги исполнуваме традиционално и за да се декларираме како православни со удирање во градите. При празнувањето нешто се случува во Црквата, но и во мојот живот. Тоа нешто е токму осветувањето на времето и животот. Амин.

отец Стефан Санџакоски

Од зборникот: Беседи од Калишта, Струга: Рубљов, 2000.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *