Отец Стефан Санџакоски: Пред Златните порти
Нека ни е честит големиот христијански празник Цветници, денот на палмовите гранчиња. На денешен ден, граѓаните на древниот и свештен град Ерусалим, со децата свои, излегоа пред Златните порти да Го дочекаат Спасителот и Царот на небесниот град Ерусалим, Христос Бог. Тоа се случи онака како што древните старозаветни пророци видовито претскажаа – дека царот на славата смерно и кротко, јавајќи на осле, ќе влезе во свештениот град. Граѓаните беа свесни за исклучителната личност на нивниот гостин. Во рацете на Седржителот се наоѓаше иднината на градот и светот во кој сите заеднички постоиме и живееме. Го пречекаа со палмови гранчиња во рацете. Стоеја пред Златните порти и воскликнуваа: „Осана, благословен е Оној што доаѓа во името Господово“. Овие зборови на чудесните ерусалимски граѓани одекнуваа силно и во моето срце кога се најдов пред запечатените Златни порти ерусалимски во 1989 година. Откровенското предание на светата Црква Божја го имаше најавено настанот пред Златните порти на тврдината ерусалимска. Но, преданието, исто така, сведочи дека кога Христос, во сета слава Своја, повторно ќе дојде, портите ќе се распечатат и вратата на адот не ќе може да му одолее на Господарот на светот и векот. Портите се запечатени од денот кога Христос е ставен на крст, убиен и погребан за да воскресне со Својата човечка природа, по силата на Својата божествена природа, совоскреснувајќи нè и нас сите и сето човештво, кое постои од Адам до есхатонот во надеж и очекување на познанието на вистинскиот Бог Троица.
Сета наша вера и сето наше очекување е насочено кон Страсната седмица. Тогаш Црквата Божја анамнестички ќе ги следи евангелските собитија, врзани за историскиот живот на Богочовекот Христос. Ние, браќа и сестри, во оваа Богородична киновија, подвигот на паметење на Христа ќе го започнеме со Великиот четврток. На Велики четврток ќе ја служиме светата Божествена Василиева Литургија. Ве советувам и Ве молам сите Вас совесно да се подготвите со пост, молитва и исповед, за причестување со Христос. Не заборавајте дека на Велики четврток се случи Тајната Вечера и дека тогаш е востановена светата тајна Евхаристија – центарот на севкупниот богослужбен живот на Црквата. Таму каде што нема достојни причесници, достојни не според безгрешноста, туку според преумниот (покајниот) живот и подготовка (бидејќи нема човек без грев, освен Господ, а Причесната им се дава на грешниците за нивно спасение), – бесмислено е да се служи света Литургија. Господ да ни даде многу сила, љубов и радост, та во текот на седмицава, заедно со сите православни христијани насекаде по светов, да земеме учество во страдалните маки Христови. Да се потопиме во тага поради смртта Христова, та веднаш потоа да влеземе во светот на радоста од светото Христово воскресение. Бидејќи светите отци непогрешно заклучиле: „Нема радост без тага и нема воскресение без крст“.
отец Стефан Санцакоски
Од зборникот: Беседи од Калишта, Струга: Рубљов 2000.