Допуштањето кон Чашата да биде во проширена форма

Зошто мирјаните пред причестувањето треба да постат построго од свештениците? Од каде е праксата да се поставува цел ред прегради на патот на човекот кон Чашата? Дали свештениците се виновни за појавената пракса? Размислува свештеникот Сергиј Круглов.

rsz_sie-est-telo-moye

Случката за која ми раскажуваа пријателите воопшто не е приказна, туку најобична вистина?

Пристигнуваме, велат, во еден манастир како поклоници. Се собираме на Литургија и однапред сме напнати, затоа што таму служи еден многу суров свештеник. Суров во смисла дека на многумина не им дозволува да се причестат, им наложува како на старите, така и на младите, да постат строго со и без епитимија, и детално исповеда, од покајниците извлекува такви нијанси на гревови, кои дури и во „потполните исповеди“ (стари обемни исповедални форми, заб. на прев.) ги нема… И, секако, службата со него долго трае, затоа што додека не ги исповеда сите според потполната строгост на законот – Чашата не ја изнесуваат.

Ама ние сме дамнешни поклоници, одамна се смиривме… И еве, очигледно, и до овој манастир стигнале некакви трендови од времето. Излегува нашиот ригорозен баќушка на амвонот пред исповедта и вели: „А знаете ли вие, браќа и сестри, дека светите тајни Исповед и Причест воопшто не се условени една од друга? И дека исповедта воопшто не претставува пропусница за причестување, како што сме се свикнале да мислиме?“.

Ај, во себе се израдувавме и извикавме! Зар не станавме сведоци на чудо?!… А тој речта ја заврши со овие зборови: „Не! Исповедта и Причеста се две различни таинства. И затоа, вие треба да се причестувате еднаш годишно, а да се исповедате еднаш неделно…“.

Крај на цитатот, како што се вели.

Не, немојте да мислите дека го осудувам тој свештеник. Во никој случај. Дури ниту затоа, дека да осудуваш е грешно – едноставно затоа што Црквата е просторна и голема и во неа има место за сите, конзервативци и либерали, вакви и онакви луѓе, од кои секој, при единството на Христовата вера, има и сопствен неповторлив карактер, личносно својство итн. И некои од верните бараат мек и либерален свештеник, а на некои им се допаѓаат токму вакви сурови отци, како погоре опишаниот. И што е важно, секој во Црквата го наоѓа своето, само ако не е мрзлив и трага.

14-o_sergiy_kruglov

А јас би позборувал за друго… За она што повеќепати говореа и пишуваа моите собраќа – сослужители (во просторот на православниот сектор од Живиот Журнал во последно време, на пример, се разгледува мислењето на извонредниот киевски свештеник протоереј Андреј Дудченко, чиј потпис во ЖЖ е „webpadre“, токму на таа тема…).

Имено, дека неподносливите бремиња и барања да се пости строго и задолжително да се исповеда пред причестување, што обично им се наложуваат на парохјаните и се сметаат за утврдено правило, воопшто не соодветствуваат како на каноните на Црквата, така и на духот на Евангелието. И самите свештеници не ги запазуваат овие правила, бидејќи се над немоќните сили човечки – а еве, истите се бараат од мирјаните…

Дали задолжително да се исповеда пред причестувањето или не, да пости строго пред да пристапи кон Чашата или поинаку – за сето тоа решава за себе самиот човек. Свештеникот може нешто да поткаже, препорача на оној кој за првпат пристапува кон таинството, да објасни зошто е потребно тоа и да го предупреди: еве, ти ќе се соединиш со Христа, но размисли, ќе ти биде ли мило тоа, ќе ти биде ли добро со Христа, зашто Он не е поддржувач на нашите страсти, Он може од тебе да побара усилби и промена на животот – но не повеќе од тоа.

Свештеникот не е Кербер пред Чашата, не е контролор на премин. Од една едноставна причина: во Чашата не се неговите тело и крв. Туку Христовите. И Христос ги повикува кон неа сите: „Примете, јадете, за да се соедините со Мене, за живот вечен и прошка на гревовите!“ И самата мисла за „посредник“ кој дава или не дава, според својата желба, пропусница кон Чашата на Животот, мене ми изгледа богохулна…

И во врска со тоа, еве што мислам… Зошто ние, свештениците, ги товариме врз луѓето тие неподносливи бремиња од правила и услови? Далеку сум од мислата дека ние, чувствувајќи ја сопствената титула, управувани од гревовната страст на властољубието и „делењето благослови“, едноставно сакаме да го спречиме човекот, докажувајќи ја својата власт над него и авторитетот на чинот. Секако не.

Ние, свештениците, повеќето сме луѓе расудителни, и ние сме го читале Евангелието и знаеме дека, ако така се однесуваме, Господ ќе нѐ вдахнови и тоа ќе биде изразено. Но, сепак, во нас живее искрен страв: а зар нема да се оскверни светињата?.. А зар нема да излезе нешто лошо?.. Затоа сигурноста во делото на допуштање на човекот кон Причеста кај нас одамна станала норма на црковниот живот.

Искрен, да – ама страв. А тој страв тешко дека потекнува од Бога… Искреноста, како што се вели во познатиот израз, и вистината воопшто не се едно и исто.

Тој страв во многу потекнува од нашето маловерие. Од тоа што не веруваме во луѓето. И не ги љубиме. Не можеме ниту да ја положиме душата своја за парохјаните, ниту да поверуваме во нив… А ако не го љубиме ближниот свој, кого што го гледаме – како велиме дека Го љубиме Бога, Кого што не Го гледаме? Овие зборови на апостолот се едноставни и актуелни за сите времиња, и јасна е нивната строга смисла – да не се заобиколи, ниту одмине.

Да му ја довериме на човекот неговата слобода, во најдобар случај – да го научиме на одговорна слобода. Да поверуваме во неговата вера и неговата совест. Да му го покажеме патот кон Чашата, да го спроведеме до Христа и да се тргнеме настрана, според зборовите на митрополитот Антониј Сурожски, да не Го засениме со себе Христа, да не ѝ наштетиме на таа таинствена и трепетна љубов, на тие релации со Христа што ги има човекот, можеби, само што се зародуваат…

Да се види човекот, да се слуша и да се верува во него. Еве за тие најважни нешта размислуваме ние, свештениците, разгледувајќи го овој, чинам, приватен момент на нашиот парохиски живот.

отец Сергиј Круглов

Извор: pravmir.ru

Подготвил: Георгиј Глигоров

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *