Отец Александар Шмеман: Ти благодариме, Господи!
Последната проповед произнесена од протоерејот Александар Шмеман
Отец Александар Шмеман за последен пат отслужил Божествена Литургија на Денот на благодарноста (24 ноември 1983 год.). Ова било толку природно, бидејќи отец Александар целиот свој живот го посветил на учењето, пишувањето и проповедањето за Евхаристијата (зборот евхаристија на грчки значи благодарење). На крајот од Литургијата, отец Александар извадил од џебот една кратка напишана проповед, во форма на молитва, којашто ја прочитал. Ова било толку чудно, зашто отецот никогаш не ги пишувал своите литургиски беседи, туку ги говорел спонтано и импровизирано. Ова се неговите зборови, коишто потврдиле дека тоа е негово последно обраќање од амвонот во Црквата.
Секој што е способен да благодари е достоен за спасение и вечна радост.
Ти благодариме, Господи, што си благоволил да ја примиш оваа служба, Евхаристијата, принесувана на Света Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух, и која ги исполнува нашите срца со радост, мир и праведност во Светиот Дух (1Рим 14,17).
Ти благодариме, Господи, што си ни се открил Себеси нам и ни го даде предвкусот на Твоето Царство.
Ти благодариме, Господи, што си нè соединил еден со друг, за да Ти служиме Тебе и на Твојата света Црква.
Ти благодариме, Господи, што си ни помогнал да ги надминеме сите тешкотии, притисоци, страсти и искушенија, воспоставувајќи меѓу нас мир, взаемна љубов и радост во заедницата на Светиот Дух.
Ти благодариме, Господи, за страданијата што ни се испратени, зашто тие нè очистуваат нас од себичноста и ни напомнуваат нам за „единственото потребно“, за Твоето вечно Царство.
Ти благодариме, Господи, што ни ја даде оваа земја, каде што можеме слободно да Ти служиме Тебе.
Ти благодариме, Господи, за ова училиште, каде што се возвестува името на Бога.
Ти благодариме, Господи, за нашите семејства: за мажите, жените, особено за децата, коишто нè учат нас како да Го славиме Твоето име во радост, движење и света врева.
Ти благодариме, Господи, за сите и за сè. Велик си Ти, Господи, и чудесни се Твоите дела и ниеден збор не е достоен да ги воспее Твоите чудеса!
Господи, добро ни е да бидеме овде.
протоереј Александар Шмеман
Подготвил: Георгиј Глигоров