Владика Методиј: Нашето мало сведоштво

rsz_ometodij

Секој гест на нашето добро битие, секоја манифестација на нашата суштинска приврзаност кон Бога, делотворната свест за исполнување на Евангелските заповеди, сите тие нешта претставуваат сведочење за Бога. Сведоштвото пак, како саможртвена посветеност, самото по себе е мачеништво. Старозаветните праведници, светите пророци, новозаветните подвижници, маченици и исповедници, сите тие сведочеле за Бога давајќи го својот живот. Преку пролеаната крв. Но, тие сведочеле за Бога не со смрт, туку со верата во вечен живот. Нам, денес ни се дадени други  видови мачеништво: мачеништво во трпение, мачеништво во смирение, мачеништво во проштевање, иако и денес не е исклучено мачеништвото во крв, бидејќи невидливата борба на Црквата ќе трае сè додека не се исполни времето.

Често се случува, дури и оние кои себеси се сметаат за ревносни верници, да го поставуваат прашањето: зошто сето она што е содржано во црковните канони и во светото Предание, треба неопходно да се исполнува? Зошто мора во недела да стануваме рано наутро и да одиме на богослужба, кога неделата е единствениот ден кога би можеле да се наспиеме? Зошто мора толку долго да постиме и толку често да постиме, кога храната ни се нуди во таква разноврсност и во такво изобилство? Зарем не може нашата религиозност да ја прилагодиме на современиот начин на живеење? Богослужбите да бидат попладне, наместо наутро, како еден вид духовна викенд-разонода за целото семејство. Во храмовите да има повеќе место за седење, како во кино или театар, без разлика што набљудувачката позиција ги отстранува верниците од суштинското учество во Литургискиот принос. Да им се даде акцент на првата и последната седмица од големите постови, зашто континуираниот пост е за фанатизираните, или за оние што се зарекле. Наместо молитвено правило, доволно е попатното спомнување на името Божјо, како на пример: не-дај-Боже, чувај-Боже, Боже-златен, да-не-чуе-Господ и.т.н., иако во Декалогот стои дека напразното спомнување на Божјото име е грев. Со еден збор, целиот духовен живот да добие извесен буржоаски карактер. Меѓутоа, пред да одговориме на овие прашања и сугестии треба да знаеме дека Бог ни ги даде и подвизите и удобствата на одредено време, а и тие самите не се цел за себе, ниту цел на нашиот живот, туку можност низ создавање на здрав духовен критериум, избирајќи како живееме, да растеме во добродетелите до мерата на совршениот Човек.

Духовниот живот, аскетското живеење во Црквата, исполнувањето на Божјата педагогија, не подразбира синхронизирано прилагодување и корегирање на светот сообразно на нашите потреби и желби, туку прилагодувајќи му се на законот Божји, ние самите да се менуваме и да се преобразуваме, како верни чувари на небоземното наследство. Не треба ние да го менуваме Законот, туку Законот треба нас да нè менува. За да бидеме во сè подобри. Да бидеме совршени како што е совршен нашиот Отец Небесен. Ете затоа вреди да се стане наутро, затоа вреди истрајно да се пости, секојдневно молитвено да заедничариме со Бога, исполнувајќи го молитвеното правило, затоа вреди да живееме во покајание и да ги исповедаме нашите гревови. Сè да се исполни во истрајност и посветеност заради личното совршенство. Преку таквото совршенство ќе Му се уподобуваме на Бога и ќе наликуваме на Бога како што децата личат на своите родители. Бидете совршени, нè повикува Спасителот на подвиг, како што е совршен вашиот Отец Небесен.

Духовниот подвиг може да го сфатиме како спасоносна олимпијада, во која сите ние сме натпреварувачи. Само што не се натпреваруваме еден со друг, туку секој се натпреварува со себеси. Затоа и во духовноста, како и во секој друг аспект од животот, не треба да се споредуваме со другите. Секој го врви својот пат до Бога. Не треба гревот и мрзливоста на мојот ближен да биде добар изговор за мојот грев и мојата мрзливост. Како што ни подвигот на мојот ближен не ме прави мене посовршен.

На спасоносната олимпијада постојат многу дисциплини. Секоја е дефинирана со строги правила. За секој натпревар е потребна голема подготвеност и едно од најважните нешта:  времето е ограничено. Ќе дојде часот кога време нема да има повеќе. Тоа е есхатолошки факт. Реквизитите можат да бидат разноврсни, како и проблематиката. Пред нас се непредвидливи животни ситуации и искушенија. Најмногу поени носи истрајноста. Кој претрпи до крај ќе биде спасен.

Замислете, од друга страна, како би изгледала една олимпијада, мислам на вообичаена олимпијада во која се мерат физичките способности, ако секој натпреварувач ги прилагодува законите и правилата сходно на своите желби и навики? Какви би биле резултатите? Секоја цел би била промашена и секој погодок би бил на сопствена штета. На такво безредие сигурно никој не би сакал да биде ни учесник, ниту гледач. Колку пак повеќе тоа се однесува на духовната олимпијада која го подразбира целиот наш живот. Без исклучок.

Замислете си армија во која не постои хиерархија и секој командува и извршува како што милува, не водејќи сметка за пропишаните правила на должноста. На бојното поле на животот ваквата воена формација би претрпела пораз уште пред да се огласат трубите за напад.

Замислете си болница во која не се знае кој е лекар, а кој е пациент, и секој дава секому лекови, себеси прогласувајќи се за апсолутно здрав и уште специјалист. Идеален исцелител со безгранични апетити. Она, пак, што за еден е лек, за друг може да е отров. Но, кога не постојат критериуми и единствено валиден е човечкиот егоизам, тогаш и односот здрав – болен е нешто сосема релативно. Со ваква анархична медицина веројатно никој нема да преживее и целта повторно е промашена. Од овој агол, размислувањата и забелешките во полза на животниот конформизам и опортунизам наспроти духовниот подвиг делуваат апсурдно и разорно. Промашувањето на целта, етимолошки и суштински, станува наша втора природа.

Примарната задача на нашиот заеднички предок, Адам, беше да се грижи за Божјото создание. Да се грижи, а не да го прилагодува за своите потреби и да го експлоатира. Преслатките плодови на таа геургија тој требаше да Му ги принесе на Бога, а не на себеси. Но човекот неповратно сè повеќе ја промашува целта. Последица на ова се сите природни и неприродни катастрофи: во светот, во општествата, во семејствата и внатре во човекот. Го загубивме осетот дека земјата на која газиме е свето место и никаква еколошка идеологија нема да ни го смени умот. Наместо да се потрудиме да бидеме совршени, се претвораме во консументи и злоупотребувачи на Божјата творба. Почетокот на ваквата автодеструктивна ориентација е токму  вкоренетата навика (т.е. порокот) да си угодуваме себеси. Оттаму и насушната потреба да си дојдеме на себе, како заблудениот син од евангелската приказна, и да ги внесеме во нашиот живот аскетскиот подвиг и послушанието, како пат и модус кон наше суштинско остварување. Нашата цел е Царството Небесно. До неа се стигнува со многу самопрегор и несебично љубовно раздавање, по образот на Христовата жртва.

митрополит Методиј Златанов

Еден коментар

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *