Моралот во областа на полот (3)
Трет и последен дел од написот
Нам ни е особено тешко да посакуваме целомудрие од три причини; не зборувам веќе за негово достигнување.
Како прво, нашата повредена природа, демоните што нè искушуваат и целата пропаганда на похотта, обединувајќи се, ни внушуваат дека желбите на кои се противиме се толку природни, разумни, полезни, дека спротивставувањето ним е еден вид ненормалност, речиси извратување. Реклами по реклами, филмови по филмови, романи по романи склоноста кон сексуалните прекумерности ја поврзуваат со физичкото здравје, природноста, младоста, со отворениот и весел дух.
Таа паралела е лажлива. Како секоја силно активна лага, таа е смешана со вистина, за којашто говоревме: сексуалниот порив сам по себе (без прекумерности и извратувања) е нормален и здрав инстинкт. Лагата е во претпоставката, дека секој сексуален акт што го посакувате во секој момент е здрав и нормален. Дури и да го ставиме Христијанството на страна, од аспект на елементарната логика тоа нема смисла. Зашто допуштањето на сите желби води кон импотенција, болести, љубомори, лаги и сè она што воопшто не се согласува со здравјето, веселиот дух и отвореноста. За да се достигне среќа дури и во овој свет, неопходно е колку што е можно повеќе воздржание. Затоа нема основа да се мисли, дека секоја силна желба е природна и разумна. Секој цивилизиран човек кој здраво размислува треба да има некакви принципи, со чие раководство едни желби ќе остварува, а други ќе отфрла. Некој човек се раководи од христијански принципи, друг – од хигиенски, трет – од социјални. Сегашниов конфликт се случува не меѓу Христијанството и „природата“, туку меѓу христијанските принципи и принципите за контрола на „природата“. Зашто „природата“ (т.е. природните желби) на еден или друг начин ќе треба да се контролираат, доколку не сакаме да си го уништиме животот. Да, христијанските принципи се построги од другите. Но, самото Христијанство на верникот му помага да ги запазува нив, додека пазејќи ги другите принципи, вие нема да добиете никаква помош однадвор.
Како второ, многумина ги плаши самата мисла за тоа, сериозно да го прифатат христијанското целомудрие, бидејќи мислат (уште пред да се обидат) дека тоа е невозможно. Но, што и да практикуваш, не треба да размислуваш дали тоа е возможно. Човекот не размислува над испитната задача, туку се обидува да стори сè што може (за да ја реши). Дури и најнесовршениот одговор некако ќе го оценат; но ако не се одговори на прашањето, нема да има ниту оцена. Не само на испити, но и во војна, на лизгалиште, на планина; кога учиме да пливаме или да возиме велосипед, дури и кога закопчуваме тесна јака со замрзнати прсти честопати го правиме она што изгледало невозможно, пред да се обидеме. Чудесно е на што сè сме способни, кога неопходноста ќе нè натера.
Можеме да бидеме уверени во тоа, дека совршеното целомудрие, како и совршеното милосрдие, не може да се достигне само со човечки усилби. Ќе треба да се побара Божјата помош. Дури потоа, откако ќе ја побараме, долго време можеби ќе ви изгледа дека не ја добивате таа помош или ја добивате многу малку. Не паѓајте со духот; секој пат кога ќе паднете, барајте прошка, соземете се и направете нов обид. Многу често Бог на почетокот не ја дава самата добродетел, туку сили за нови обиди. Колку и да е важна добродетелта на целомудрието (или храброста, или праведливоста, или кое било друго достоинство), самиот процес во нас развива такви душевни навики, коишто се уште поважни. Тој процес нè ослободува од илузиите и нè учи во сè да се потпираме на Бога. Се учиме на тоа, дека не можеме да се потпираме на самите себеси дури и во нашите најдобри моменти, дека при најужасните неуспеси не треба да очајуваме, бидејќи се простени. Единствена фатална грешка ќе биде да се помириме со тоа какви сме и да не се стремиме кон совршенство.
Како трето, луѓето често погрешно го разбираат она што во психологијата се нарекува „потиснување“. Психологијата учи дека „потиснатите сексуални инстинкти“ претставуваа сериозна опасност. Но, зборот „потиснат“ е технички термин. Тоа не значи „пренебрегнат“ или „отфрлен“. Потиснатата желба или мисла се отфрла во потсвеста (обично многу рано) и може да возникне во сознанието (свеста) само видоизменета што нема ни да се препознае. Потиснатите сексуални инстинкти можат да се пројават така, да немаат никаков однос со сексот. Кога момчето или возрасниот човек се спротивставува на некоја осознаена желба, тој во никаква мера не ја „потиснува“ неа. Напротив, оние што сериозно се обидуваат да го запазат целомудрието, подобро ја осознаваат сексуалната страна на својата природа и знаат за неа многу повеќе од другите. Тие ги знаат своите желби, како што Велингтон го познавал Наполеон или како што Шерлок Холмс го познавал Моријарти; тие се разбираат во нив, како ловџијата во ловот, водоводџијата во цевките. Добродетелта – макар и да не е достигната, туку само посакувана – донесува светлина; прекумерностите само го замаглуваат сознанието.
Толку многу говорев за сексот, но сакам јасно да разберете: центарот на христијанскиот морал не е овде. Ако некој мисли дека недостатокот на целомудрие христијаните го сметаат за најголемо зло, тој е заблуден. Телесните гревови се многу скверно нешто, но тие се најмалку сериозни од сите гревови. Најужасните и штетни задоволства се чисто духовни: тоа е задоволството да ги наведуваш другите на зло, да ја наметнуваш својата волја на други, да клеветиш, да мразиш, да се стремиш кон власт. Во мене живеат два принципа, кои соперничат со оној „внатрешен човек“, којшто сакам да бидам – животинскиот принцип и демонскиот. Вториот е многу полош. Еве зошто ладниот, самодоволен педант, кој редовно оди во црква е многу поблиску до адот, отколку проститутката. Но, секако, најдобро е да не се биде ниту едниот, ниту другиот.
Клав Стејплс Луис
Подготвил: Георгиј Глигоров