Матрикс: Reloading со теологија (2)

Gyzht

Исто како во „Државата“ на Платон, така и во „Матрикс“ човекот се буди не по своја волја. Нео го извлекуваат од сонот, не по негова волја, некакви заговорници и го тераат да ја осознае целата жалосна реалност. А еден од востаниците кој најверојатно, исто така, бил некогаш разбуден не по своја волја, дури се решава да се врати во лоното на Матрицата. Своето предавство тој го објаснува со фактот, дека „измислениот вкус на пилешкото месо“ му е, сепак, помил, отколку онаа, реалната каша, со која го хранат бунтовниците.

Ова е речиси директен цитат од Библијата. Во Стариот завет се опишува како Мојсеј дошол кај фараонот и на чист староегипетски јазик му рекол: „Let my people go!“ („Пушти го мојот народ!“). Кога Мојсеј успеал да го изведе својот народ од Египет, во текот на повеќегодишното лутање по пустината во народот се кренал ропот: Синовите Израилеви седеа и плакаа: кој ќе нè нахрани со месо? Ја помниме рибата што ја јадевме во Египет, краставиците и дињите, и кромидот и лукот; а сега нашата душа изнемоштува; ништо нема, освен манна во нашите очи… И Му рече Мојсеј на Господа: зошто го мачиш Својот слуга?.. Зашто тие плачат пред мене и велат: дај ни месо. Сам не можам да го носам целиот овој народ, бидејќи е тежок за мене (4Мојс 11,4-14).

Така што тиранинот, против кого бунтува религиозниот востаник, има крепок опорен пункт и во самиот тој востаник. На човекот му е тешко да ја сопре инерцијата на целиот негов минат живот.

Со оваа тешкотија е поврзан и уште еден сижетен пресврт во „Матрикс“.

Во религиозно-философските системи се претпоставува дека, штом човекот се буди од ропството на илузиите, тој здогледува поубав свет… Во „Матрикс“ сè е поинаку. Светот во кој Нео се навикнал да живее е удобен, прекрасен и добар. Потоа нему му се открива совршено друга реалност, страшна, нечовечна, грозна, па и смртно опасна. Тука може да се види разликата меѓу традиционалните религиозни претстави на светот и сторијата што ја предлага „Матрикс“, па дури и да се донесе заклучок за антирелигиозноста на филмот.

Но, таквата интерпретација би била многу избрзана. Во Христијанството ваквиот пресврт е потребен и неизбежен. Човекот, кој ја раскинува пајажината од наметнатите самоочигледности, мора да помине низ етапа на разочарување. За стекнување на верата се неопходни разочарувањата. Има вистина во зборовите на Ниче: „Во душата треба да се има хаос, за да се роди ѕвезда што танцува“.

matrix-4

Имено, во животот на луѓето има извесна редоследност, многу предвидливости и повторувања. Таков Ordnung, што воопшто не е грев да се исфрли… еднолинеарна поредочност на човечкиот живот, кој на јазикот на христијанската психологија се предава преку зборот „страст“. Од аспект на православната психологија (православната психологија – тоа е православна аскетика), секој од нас е подвижен парламент… Мноштво фракции (ум, срце, стомак итн.) со свои желби… Пред лицето на таквото многугласие, на мојата единствена личност со ужас ѝ доаѓа да го повторува извикот на советските продавачки: „Вие сте многу, а јас – една!“…

Сите импусли и нагони што ги има човекот, вклучувајќи го и сексуалниот, и физиолошките потреби, од аспект на православната аскетика се неопходни, добри и всадени во нас од Творецот. Гревот не се раѓа во богосоздадената човечка природа, туку во маглата на мојот личен избор. Гревот се раѓа, кога човекот го заборава законот на хиерархијата, кога пониските импулси се реализираат наместо повисоките… Нема ништо лошо во тоа, ако на човекот му се јаде. Но, ако јас во храмот, за време на Литургија застанам пред олтарот и извадам од чантата хот-дог и почнам да го гризам – тоа ќе биде грев. Гревот се раѓа како ненавремено и несоодветно реализиран добар импулс.

На грчки јазик самиот збор „грев“ (амартија) буквално значи „промашување“. Промашување на стрела, која не ја погодила целта. Меѓу причините за промашувањето се колебливата рака, заматената глетка, настанатите „препреки“.

Препреките – тоа се веќе спомнатите „фантастични логоси“. Човекот не осознава јасно каде е доброто, а каде е нешто друго, почнува да гледа двојно, наместо вистинската цел му се наметнува лажна цел. Целиш во неа и погодуваш. Ја достигнуваш целта, но самата таа испаѓа дека е фантом. Таа е само твоја, а не Божја. Твојот успех, исто така, е фантомски, привремен, илузорен.

royalty-free-images-missing-the-target-target-45436537

Но, ако човекот не го забележал тоа и се израдувал како да ја погодил целта, тогаш тој пак и пак ја повторува својата маршрута и како резултат на ова станува заробен од неа: нозете самите го водат по познатата патека… Црковнословенскиот збор „страст“ не треба да се преведува како страдание, или вљубеност, или како едноставно силно чувство. Страст има онаму, каде што сум привлекуван. Онаму каде што нешто се случува со мене. Каде што не живеам јас, туку мене ме живеат. Каде што сум отворен за влијанија, кои дури и од мене произлегуваат, но без да ги предизвикам. Страста е онаму, каде што јас не сум господар на она што се случува со мене... Многу често човекот не ја влече својата душа, контролирајќи го својот начин на живот, зборовите и мислите, туку сме влечени од своите навики и стереотипни реакции…

Покајанието, за кое зборува Христијанството, пред сè, е разрушување. Разрушување на вообичаениот синџир на случувања, на навикнатите реакции. Првата вистина што ја наоѓа човекот, кога почнува да трага по вистината, е вистината за самиот себе, вистината дека границата меѓу доброто и злото не е на границата меѓу „Јас“ и „Другите“. Тоа е жалосна вистина. Излегува дека и во мене самиот има зло, извор на гревот. Тогаш човекот се буди и наоколу гледа нешто слично на она што видел Нео, кога се разбудил од хипнозата на Матрикс. Тој гледа ужас.

Додека не си се разбудил, Матрикс ти внушува дека ти си најдобар, најпаметен итн. Првата реакција на пробуденото сознание е оттргањето од самиот себе. Додека на човекот не му се згрози од самиот себе, тој не ќе може да Го најде Христос. Патот на христијанинот е пат на самоубиец. Христијанинот треба да стане коавтор на сопствената смрт. Но, не во смисла „да си пука в чело“. Како што пишувал Николај Гумилев: „Само змиите ја соблекуваат кожата. Ние ја менуваме душата, а не телото“. Човекот треба да стане самоубиец во смисла, дека тој треба да го остави во минатото своето јас од минатото, да ја остави позади себе својата поранешна вљубеност во самиот себе. Со вакво чувство човекот може да побара Крштение. Но, не треба да се влегува во тајната на смртта и воскресението на Христа (а Крштението е, всушност, образ на следењето по Христа во Неговиот гроб и возвратот од него) едноставно така, во меѓувреме, од љубопитност или од желба да се избави од некоја конкретна болест, да добие добра оценка на испит, да реши локални, приватни, мали проблеми…

Треба да се има хаос во душата, за да се роди ѕвезда што танцува. Веќе потоа може да се гради антистрастен живот. Говорејќи на црковнословенски, целомудрен поредок на животот. Целомудрието не е само вид на сексуално поведение. Целомудрието е целност на мудроста, целосност на човекот. Целомудрениот човек е упатен кон една цел, но веќе не надолу, туку нагоре…

theMatrix2_2379796k

На патот кон светата едноставност треба да се помине низ разрушувањето на лошата едноставност. Треба да се разруши тоталитарната целосност во гревот, да се извлече од патеката на примитивизмот. Т.е. да се пројде низ некаков хаос.

Така што во „антиутопичноста“ на „Матрикс“ има извесна духовна вистина.

(продолжува)

ѓакон Андреј Кураев

Прв дел

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *