Љубовта е над секаков Типик
Типикот е за човекот, а не човекот за Типикот!
Сестра Васа Ларин: Во старо време, словенскиот Типик се нарекувал поинаку, „Устав“ што буквално значи „Закон“. Но, веќе се претпочита грчкиот збор „Типикон“ кој и денес сè уште останува непреведен – и не без причина. Грчкиот збор „Типикон“, како придавка поставена пред претпоставениот збор „вивлион“ или „книга“, произлегува од зборот „типос“ што значи слика, план, шаблон, модел, пример, образец итн.
Така што насловот „Типик“ би можело да се преведе како Книга на обрасци, за да не се поистовети со задолжителен законски кодекс. Или поинаку речено, Словенскиот Типик по дефиниција ја предвидува разликата меѓу неговата теорија и неговото практикување. Еве како рускиот експерт за Типикот, Михаил Скабаланович, ја сумирал оваа функција на Типикот: „…книгата со таков наслов [Типик] нема намера нејзините најмали детали да ги претвори во закон и со тоа да ја укине слободата на верниците: попрво, таа има намера да даде скица за великолепниот идеал на Литургијата, чијашто красота постојано ќе ги вдахновува сите за неговата реализација, па макар ова и да не е возможно – исто како што е и со остварувањето на секој идеал или со имитирањето на секој величествен образец. Во суштина, ваков е целиот закон Христов…“
Можеби ова објаснува зошто во руската православна традиција постои само еден Типик, ист и за манастирите и за (градските) парохии: инструкциите на Типикот можат со слобода да се применуваат, во согласност со потребите на секоја богослужбена заедница, без оглед дали е монашка или парохијална. На тој начин, Типикот создава широк обем на литургиски можности и, би додала – кога е во рацете на неспособен човек – некои страшни последици.
Извор: Feasting and Fasting According to the Byzantine Typikon, Worship. Collegeville (MN), 2009. Vol. 83.
Свети Николај Охридски: Голема работа е постот, но уште поголема е љубовта. Ако со постот се изгонуваат демоните, се скротуваат страстите, телото се смирува, духот се средува, со љубовта Бог се вселува во човекот. Господ го назначил постот како неопходен, но љубовта ја истакнал како главна заповед. Во првата половина на XIX век во Охрид владеел Џеладин-бег, одметник од султанот и самостоен господар, а со Црквата во тоа време управувал митрополит Калиник. Џеладин-бег и Калиник, иако од разни вери, биле многу добри пријатели и честопати се посетувале еден со друг. Се случило Џеладин-бег да осуди 25 христијани на бесење. На Велики Петок тие требало да бидат обесени. Митрополитот, целиот возбуден заради тој случај, отишол кај Џеладин-бег и почнал да го моли да ја ублажи казната. Додека тие разговарале, дошло времето за ручек и бегот го поканил митрополитот да руча. За ручек било подготвено јагнешко месо. Митрополитот се извинил дека заради постот не може да остане на ручек и се подготвил да излезе. Бегот се натажил и му рекол на митрополитот: „Избери, или ќе јадеш со мене и ќе ги ослободиш 25-те луѓе од бесилката, или нема да јадеш и ќе ги испратиш на бесилка“. Митрополитот се прекрстил и седнал да руча, а Џеладин-бег ги ослободил осудените од смртната казна.
Охридски пролог, 27 јануари
Еднаш Епифаниј, епископот Кипарски, пратил по ава Иларион и вака го молел: дојди да се видиме пред нашата разделба по тело! Кога дошол ава Иларион, тие се израдувале еден на друг. На трпезата била принесена птица и епископот, откако ја зел, му подавал на ава Иларион. Старецот му рекол: прости ми, откако го примив монашкиот образ не јадам ништо заклано. – А јас, пак, рекол Епифаниј, откако примив монашки образ не дозволував некој да заспие, а да има нешто против мене. Старецот рекол: прости ми! Твојата добродетел е поголема од мојата.
Од Старечникот
Митрополит Антониј Блум: Понекогаш се случува и ова: човекот се обидува да пости, потоа се ничкосува и чувствува дека го осквернавил целиот свој пост и дека ништо не останало од неговиот подвиг. Во реалноста, тоа не е во целост така. Бог гледа на него со други очи. Тоа јас можам да го разјаснам со еден пример од сопствениот живот. Кога бев лекар имав обврски кон едно многу сиромашно руско семејство. Не им наплатував затоа што немаше што да се наплати. Но, некаде кон крајот на Великиот пост, во чиј тек јас постев, и доколку може така да се каже, ѕверски, т.е. не нарушувајќи никакви канони, ме поканија на ручек. И како што се покажа, во текот на целиот пост тие собирале пари за да купат мало пиленце и да ме нагостат. Јас го погледнав пилето и во него го видов крајот на мојот посен подвиг. Јас, секако, изедов парче пилешко, не можев да ги налутам. Појдов кај својот духовен отец и му раскажав за тоа каква неволја ми се случила, за тоа дека постев за сето време, може да се каже, совршено, а сега, во Страсната седмица, изедов парче кокошка. Отец Атанасиј ме погледна и рече:
– Знаеш што? Ако Бог те погледнеше и видеше дека кај тебе нема никакви гревови и дека парчето кокошка би можело да те оскверни, Тој би те заштитил од парчето месо. Но, Тој те погледнал и видел дека во тебе има толку огревовеност што никакво коковче тебе повеќе од тоа не може да те осквернави.
Мислам дека мнозина од нас треба да го запомнат овој пример, дека не треба да се држат слепо за типикот, туку, пред сè, да бидат чесни луѓе. Да, јас изедов парче од кокошката, но само заради тоа да не ги огорчам луѓето. Јас не ја изедов како некакво осквернување, туку како дар за човековата љубов. Се сеќавам на едно место во книгите на отец Александар Шмеман каде што тој говори дека на светот нема такво нешто како Божјата љубов. И дури храната што ја јадеме се покажува како Божествена љубов која станала своевидна храна на љубовта…
Извор: Скалила, Скопска православна епархија [превод: м-р Пантелеј Кондратјук] 2015.
Г.Г.
Се препознавам, толкава огревовеност има во мене, што навистина парче месо не може да ми наштети ниту за Велики петок.
„– Знаеш што? Ако Бог те погледнеше и видеше дека кај тебе нема никакви гревови и дека парчето кокошка би можело да те оскверни, Тој би те заштитил од парчето месо. Но, Тој те погледнал и видел дека во тебе има толку огревовеност што никакво коковче тебе повеќе од тоа не може да те осквернави“.