Литургија (5): Принесување
Споменувањето преминува во Принесување: „Твое од Твоите, Тебе Ти принесуваме, за сите и за сè“. Тука завршува нашето издигање, нашето движење кон Бога, а сега имаме обратен процес: Бог ги прифаќа нашите дарови, по дејството на Светиот Дух се претвораат во Самиот Христос и стануваат наши Дарови (затоа се викаат така, бидејќи тоа се Дарови што Бог нам ни ги дарува). Се случува епиклезата (призивот на Духот): Го молиме Бог Отец да Го испрати Духот „врз нас и врз принесените дарови“, преку што самата Црква станува Тело Христово и Храм на Светиот Дух. Според православниот опит, по овој чин принесените елементи ги восприемаме, не како обичен леб и вино, туку како вистинско Тело и Крв на Христа.
По осветувањето на Даровите следува застапништвото на Црквата „за сите и за сè“. Литургијата претставува дело на целата Црква (и на живите и на упокоените), и приносот во неа, Евхаристијата, е Христовата Евхаристија кон која ние се присоединуваме и која е принесена за сите и за сè. Во таа смисла, во Литургијата се руши поделбата меѓу живи и упокоени, таа се извршува од сите нејзини членови. Затоа целата Црква се застапува тука за сите, почнувајќи од Мајката Божја, која исто така е член на Црквата, светителите, за секој праведен дух што со вера починал, за сите… На православното Предание е туѓа идејата на индивидуални Литургии (па и одредени заупокоени): како што гледаме, секоја Литургија е за сите, за секој член, секоја, на тој начин, е заупокоена…
Потоа, спомнувајќи го епископот, ние се молиме за целата наша конкретна помесна црква, олицетворена во владиката, да биде запазена во Божествената Вистина и единство. Со овој дел веќе започнува подготовката за Причестување: имаме ектенија, молитви, Господовата молитва, која тука го наоѓа своето најсуштинско место (Лебот наш Насушен [Натсуштествен] дај ни го = Телото Христово).
Причестувањето започнува со свештенослужителите во олтарот, а потоа продолжува со верните. Преку причестувањето се исполнува целта на Литургијата: таа станува Тело Христово; бидејќи причестувајќи се со Христа, ние се соединуваме со Него, а со тоа и меѓусебно.
Следуваат благодарствени молитви по причестување. Свештеникот вели: „Со мир да излеземе“, т.е. од Вечноста се враќаме во времето, затоа што за нас сè уште не поминало. Но, веќе се причестивме со оној живот што го очекуваме, го предвкусивме, го имаме опитот на Царството Небесно (Видовме Вистинска Светлина, Го примивме Духот Небесен) и се враќаме во светот како сведоци на сето тоа. И тука започнува нашата мисија.
Продолжение: За Причестувањето
Прв дел Втор дел Трети дел Четврти дел
Г.Г.