Литургија (2): Словото

rsz_vhod (1)

Прво што следи е Големата ектенија, заедничката молитва на Црквата со прозби што се во одреден поредок: преку оваа молитва човекот се учи да ја прима црковната молитва како своја. По ектенијата следат антифони (псалми или песни), по кои свештеникот произнесува молитва од името на целата Црква. Во првата се исповеда непоимливата слава и сила Божја; втората потврдува дека ова собрание е Божји народ и Негово наследство, а во третата се бара од Бога познавање на Вистината и вечен живот.

По антифоните следи Малиот вход (влегување), кога свештеникот излегува со Евангелието и застанува пред царските двери и вели: „Премудрост, простум“. Некаде може да се најде објаснување, дека овој вход го символизира Христовото излегување на проповед, но ова е нешто второстепено и се појавува многу подоцна во богословската литература; според оваа идеја, Литургијата е театар што се набљудува, но спомнавме дека воопшто не е така, ние сме повикани активно да учествуваме во неа. Самиот збор „вход“ и самите молитви сведочат дека тоа е дејствие што се случува со нас, ние „влегуваме“, т.е. искачуваме на Небото.

Всушност, во старо време со Малиот вход започнувала самата Литургија, кога верните заедно со свештенослужителите влегувале во црквата; денес свештениците излегуваат од олтарот, за пак да влезат во него (древната пракса, дека Малиот вход бил влегување на народот, се гледа од денешната архиерејска служба: за време на службата, епископот дури сега влегува во олтарот). Денес свештеникот влегува во олтарот (којшто е символ на Царството Небесно), но во негово лице и сите ние сме искачени мистично во Царството. Следи Трисветата песна (Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртни, помилуј нè) која, според сведоштвото на пророкот Исаија (гл. 6), вечно ја исполнуваат ангелите; еве уште едно сведоштво дека веќе не сме на земјата, туку на небесата.

Овој деschm3л се нарекува Литургија на Словото, затоа што тука се чита Светото писмо (Апостолот и Евангелието). Тука, по Евангелието, е местото и на проповедта на свештеникот, која треба да претставува објаснување на прочитаното. По ова е сугубата (удвоената, усрдната) молитва со трикратно „Господи помилуј“ и тука, за разлика од големата ектенија, Црквата се моли за конкретни потреби на заедницата (на пр.: ако е болен некој член, за оние што се подготвуваат за брак, кога младите треба да полагаат испити и сл.). Кај нас оваа ектенија ретко каде ја носи оваа функција, а тоа се должи на фактот што парохиите, локалните цркви, не се препознаваат себеси како заедница на конкретни личности со конкретни потреби.

Овој прв дел од Литургијата се нарекува и Литургија на огласените, затоа што во старо време, всушност, оние што се подготвувале за Крштение, само до овој момент можеле да присуствуваат на службата (каде го слушале Словото и проповедта), а потоа тие, како и оние што биле, по некоја причина, изопштени од Црквата и не се причестувале одредено време, излегувале надвор. Останувале само верните, коишто ќе се причестат, и продолжувала Литургијата на верните.

(продолжува)

Прв дел

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *