Литургија (1): Патување
Светата Литургија (Евхаристијата) е Света Тајна на светите тајни. Во Литургијата верните се остваруваат во она што станале преку Крштението, имено членови на Телото Христово, коешто е Црквата. Литургијата е икона (образ) на Царството Небесно и негово пројавување во историското време.
Во Православната црква има две основни форми на Литургијата: на свети Јован Златоуст којашто е најпопуларна и на свети Василиј Велики којашто се служи 10 пати годишно. Порано имало повеќе, на пример, на свети Марко, на свети Јаков којашто и денес понекогаш се служи, практично секоја локална црква имала своја литургиска форма, но сите тие различни надворешни форми во својата суштина (јадро) биле исти. Литургијата на Претходноосветените дарови (што се служи во делничните денови од Великиот пост) не е потполна Литургија во таа смисла како претходните (тука нема осветување на дарови), тоа е повеќе чин на причестување (со веќе осветени Дарови) во склоп на вечерна богослужба.
Надворешната форма на Литургијата е составена од три дела: Проскомидија, Литургија на огласените или на Словото, и Литургија на верните.
Проскомидијата ја вршат свештениците пред почетокот на самата служба и таа претставува подготовка на елементите (лебот и виното) кои ќе бидат принесени на Литургијата. Литургијата на огласените (катихумените) или на Словото е првиот дел на Литургијата (од „Благословено е Царството…“ до после читањето на Евангелието и ектенијата за огласените), додека Литургијата на верните е останатиот дел, кога се врши и самиот принос од страна на Црквата, се осветуваат Даровите и верните се причестуваат со веќе осветените Дарови – Телото и Крвта Христови.
Светата Литургија не треба да се доживува како некој театар или свештена драма, која ние само ја набљудуваме. Не, тоа не е театар, туку нешто во што активно и сознателно учествуваме преку молитвите и причестувањето. Литургијата има есхатолошка димензија, односно претставува пројавување на Вечноста во времето, предвкусување на Небесното Царство кое ќе следи по крајот на светот, но на верните уште сега им е дарувано како залог. Тоа е Тајната Вечера која Христос им ја подготви на Неговите ученици, а тоа е и истата онаа Трпеза која е приготвена во Царството Божјо. Значи, започнува со Тајната Вечера, а се исполнува во Царството Небесно.
Светата Божествена Литургија е патување, движење, восходење на Црквата на Небото. Тоа патување започнува кога верните ги напуштаат своите домови и се собираат на едно место. Кога Црквата е собрана, свештеникот возгласува „Благословено е Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух…“. Да се благослови нешто, според јазикот на Библијата којшто е јазикот и на Литургијата, значи да се објави, исповеда и прифати нешто како конечна цел на животот. Ние одговараме со „Амин“, т.е. ја прифаќаме таа нова реалност (Царството) како наша цел. Црквата е собрана и спремна да патува (сп. централниот дел од црквите се нарекуваат бродови, и тука имаме алузија на патување). Со почетниот возглас: „Благословено е Царството…“, свештеникот како да вели: дестинација – Царство Небесно, и тргнуваме… Нашата цел е точката после крајот на светот, самата Вечност.
Подготвил: Георгиј Глигоров