Даровите на Божик
Христијанството во Бога виде Отец
Првиот дар принесен на луѓето од Христијанството е правото на непосредно обраќање кон Бога, правото да Му се обраќаат на Бога со „Ти“… Денес нам ни изгледа природно кога религиозниот човек се моли на Бога. Но, во претхристијанскиот свет да се молиш на Бога не било возможно. Требало да се моли Господ(арот)… Во паганското богословие… вишниот бог е недостижен, или бессилен, или, воопшто, почива во недејствување… Со светот управуваат посебни и многуобразни „господиновци“ – узурпатори или „намесници“.
Ако паганските народи си дозволувале да се обраќаат кон вишото небесно божество само „како кон последна надеж во времиња на најстрашни бедствија“, на христијаните им било дарувано правото на секојдневно општење со Него. Ние кон Творецот на галаксиите се обраќаме со прозба за секојдневниот леб… Кон Владиката на сите светови и најпростата селанка може да се обраќа и да се моли, Тој (Апсолутот!!! Оној, Кого кога философите Го имаат на ум немеат!!!) да ѝ помогне да го собере својот компир…
Христијанството во Бога виде Отец. Не ладен космички закон, туку Отец Кој љуби.
Луѓето треба да имаат право на несогласие
Христијаните ги раздразнувале паганите со својата самоувереност, со парадоксите на својата проповед. Но, најмногу со одбивањето да ги почитуваат светињите на другите религии… И империјата почнала да ги прогонува христијаните, барајќи од нив трпение. Ги ослепувале христијаните, барајќи од нив „широки погледи“. Им забранувале на христијаните, барајќи: „забрането е да се забранува! Немојте со своите обичаи да забранувате молитва кон нашите богови!“
Христијаните предложиле да се разликува трпеливост идејна и трпеливост граѓанска. Луѓето треба да имаат право на несогласие, на дискусија, на остра оцена на спротивните погледи. Но, државата не смее да се вмешува во тие спорови… „Својата религија можеш да ја заштитиш не со убивање на нејзините непријатели, туку умирајќи за неа. Ако мислите да ѝ служите, проливајќи крв во име нејзино, засилувајќи ги тортурите, вие грешите. Ништо не треба да биде така слободно, како исповеданието на верата“ (Лактанциј, Божествена установа, 5,20)… Барањето на слобода на совеста е дар, кој во животот на луѓето го донесоа христијанските маченици.
Човекот се издигнува над светот
Христијанството дозволило луѓето поинаку да погледнат на самите себеси. Најважната промена во човечкото самопознание е поврзана со тоа, што Христијанството се откажало од една, би рекле, самоочигледна теза на паганската философија. Според паганството, човекот е дел од природата, „микрокосмос“… Микрокосмос е мала активна форма од вселената…
Христијанството успеало да се спротивстави на очигледноста. Византиските богослови соопштиле дека човекот попрво е „макрокосмос“, сместен во „микрокосмос“… Зашто, содржајќи во себе сè што е во светот, тој во себе носи уште нешто, што сиот свет не може да го вмести и го нема: образ Божји и Божествена благодат, благодатно богосиновство, разум, личност, совест…
Човекот се издигнува над светот затоа што не сè во човекот може да се објасни со законите на овој свет, во кој е потопено нашето тело и ниската психика. Не сè во нас е родум од овој свет. И затоа не сè има општа судбина со него.
Евангелието ги огласило правата на човекот
Николај Берѓаев полемизирајќи со марксистите, забележал дека само во светогледот на марксистите човекот е дел од општеството. За христијаните, пак, општеството е дел од човекот, зашто во човекот, во суштина, многу се дефинира од неговото социјално потекло, статус, социјален опит. Но, човекот не се предава на сите влијанија – ни од минатото, ни од опкружувањето…
Дури и Герцен сфаќал колку неговата либерална философија е задолжена на Христијанството: „Лицето на човекот, загубено во граѓанските односи на древниот свет, израснало до некоја недостижлива височина, искупено со Словото Божјо. Личноста на христијанинот се најде повисоко од соборната личност на градот; нејзе ѝ се открило сето нејзино бесконечно достоинство – Евангелието торжествено ги огласило правата на човекот и луѓето за првпат слушнале што се тие…“
Човекот е слободен
Евангелскиот повик кон покајание објавил дека човекот е ослободен од истоветувањето со самиот себе, со своето опкружување и своето минато. Не моето минато преку сегашноста цврсто ја определува мојата иднина, туку мојот моментален избор. Помеѓу моето минато и минутата на мојот сегашен избор постои граница. И од мојот избор зависи кој од причинско-последичните синџири, што тежнеат кон мене од минатите времиња, сега ќе се најде во мене. Тоа што било во моето минато може и да остане во него, но јас можам да се променам…
Ако човекот е дел од природата, тогаш тој не може да го оценува своето поведение според други критериуми, освен природните. Но, природните феномени не подлежат под морален суд… На тој начин се родил кантовскиот доказ за постоењето на Бога… Ништо во природата не може да дејствува слободно, но човекот може. Значи, човекот е нешто повеќе од светот… Човекот е слободен, а тоа значи дека е побогато битие од светот на каузалноста; човекот е слободен, а тоа значи дека „морално е неопходно да се признава постоењето на Бога“.
Христијанството го вратило небото на луѓето
Христијанството ја вратило на луѓето можноста да го сакаат небото, ѕвездите, облаците и зајдисонцето. Во паганските религии, секој природен феномен имал свое име и своја биографија. А бидејќи, сепак, станува збор за природни феномени, персонажите на тие митови биле толку неморални, како и природните стихии. Тие се наоѓале од другата страна на доброто и злото… Ако некој предмет во митологијата бил поврзан со определено божество, значи, при средба со тој предмет на ум неизбежно доаѓале спомени за тој бог и неговите дела.
Ние сега можеме едноставно да гледаме на зајдисонцето и изгрејсонцето. Нашите современици атеисти едноставно се вљубуваат во погледот и поетско чувство, блиско на религиозното, ги исполнува нивните срца… Христијанството кажало дека дека ѕвездите немаат биографија. Како што и светилката нема биографија. Ниту крв, ни похот не престапуваат од небесата.
Христијанството создало услови за раѓање на науката
Христијанството создало неопходни услови за раѓање на науката. Научната астрономија е можна само под услов, ако ѕвездите престанале да бидат богови. Законите, што опишуваат паѓање на камен на земјата, морале да бидат спроведени кон движењето на ѕвездите. За да се решиш на тоа и да не бидеш казнет (како старогрчкиот философ Анаксагор), потребно е општеството и религијата што во него владее да се согласат да видат во ѕвездите „камења“, а не души (или тела или очи) на боговите…
Научната астрономија се појавува онаму, каде што движењето на ѕвездите се опишува не со јазикот на психологијата, туку со јазикот на математиката, т.е. со јазикот што не знае за страсти – завист, љубомора, љубов… Само религијата на Логосот, Кој постана Плот, можела да дозволи со јазикот на математиката (со јазикот на идеалните броеви и форми) да се опишуваат процесите, што се случуваат во физичкиот свет (каде што нема ништо идеално)…
Во епохата на Ренесансата повторно во областа на високата култура се поткрале магијата, алхемијата, окултизмот и почнале да се сметаат за дозволени методи на разбирање на светот. За возврат, Западната Црква, побудена од шамарот на Реформацијата, одговорила со „ловот на вештерки“, инквизицијата и… со поддржување на механичката слика на светот. Научната слика на светот била поддржана од Црквата, која пламено имала потреба од сојузник во борбата со заедничкиот непријател – окултизмот…
Научната револуција во Западна Европа се случила на границата меѓу XVI-XVII в. Не во епохата на атеизмот (XVIII), не во епохата на пренебрегнување на религиозните прашања (XV), не во епохата на религиозна стабилност (XIII), туку во епохата на Реформација и Контрареформација, во епохата на највеличествениот полет на религиозна напрегнатост во животот на христијанска Европа се родила науката.
Лекција на есхатолошка етика
По мерата на истиснување на Христијанството од општествениот, културен, универзитетски живот, старите сенки повторно почнаа да се појавуваат… Повторно е во мода сите религии да се слеваат во една, вовлекувајќи ги христијаните во пагански игри. Најтревожно од сè е тоа што разговорите за религиозниот плурализам и трпеливост повторно почнуваат да се водат со такви челични интонации во гласот, што христијаните чувствуваат дека се на прагот од нови гонења.
Тоа е уште една лекција од Христијанството: умешноста да се живее, гради, работи, дури и ако знаеш дека твојата светиња ќе биде разрушена. Тоа е лекцијата на есхатолошката етика. Ние знаеме дека еден ден ќе станеме сосема туѓи на официјалната и масовна светска култура. Знаеме дека со мрак е послан хоризонтот на човечката историја (името на тој мрак во Христијанското богословие е „царство на антихристот“. Но, тоа не е повод за очајување.
ѓакон Андреј Кураев
Извор: http://kuraev.ru/index.php?option=com_content&task=view&id=103
Подготвил. Георгиј Глигоров