Романидис: За „конзервативните“ и „либералните“

rsz_rom1-up

Што означува „конзервативен“ на Запад? На Запад конзервативен е оној кој го поистоветува Светото Писмо со Божјото Откровение во светот, на човекот. Тоа е така затоа што порано протестантите и римокатолиците верувале во буквалната боговдахновеност на Светото Писмо, односно дека благодатта преку Светиот Дух им го издиктирала до буква Светото Писмо на пророците и на евангелистите. Значи, според нив, писателите на Светото Писмо седеле како писари и го пишувале она што го слушале од Светиот Дух.

Но сега, со библиската критика, овој правец е фрлен во воздух. Следствено, протестантскиот свет се има поделено на конзервативни и либерални протестанти. Во Америка постојат одделни лутерански цркви. Едните се либерални, а друга, мисурски синод, е конзервативна. Едните не го прифаќаат Светото Писмо како апсолутно Откровение, а другите го прифаќаат (како апсолутно Откровение).

Истото се случува и со баптистите. Либералните баптисти не го прифаќаат Светото Писмо како буквално боговдахновено и како откровение, а другите го прифаќаат како откровение и како буквално боговдахновено. Истото е и кај методистите и кај сите протестантски конфесии во Америка. Значи, од овој аспект се имаат поделено на либерални и конзервативни.

Сега човек се запрашува дали оваа поделба може да се примени во православното Предание? Значи, дали постојат конзервативни Отци и либерални Отци гледано од овој аспект? Дали постои некој Отец на Црквата, во чие учење се содржи буквалната боговдахновеност на Светото Писмо? Постои ли некој Отец на Црквата кој би го поистоветувал Светото Писмо со самиот опит на обожението? Не, не постои ниту еден, бидејќи опитот на обожението е Божјото откровение на човекот. Од аспект на догматското богословие дури е и чиста ерес поистоветувањето на Светото Писмо со Откровението, што е опитот на обожение, што ги надминува изразите и поимите.

Значи, дали може некој кој ја прифаќа оваа светоотечка насока да се нарече конзервативен, согласно со горенаведената протестантска теорија? Либералните протестанти, кога ќе слушнат за оваа насока на Отците, велат: „Е, ова е либерализам!“. Конзервативните протестанти велат: „Тоа е ерес!“. Значи според конзервативните протестанти ние православните, кои ги следиме Отците, сме еретици.

Кои се тогаш православните либерални и православните конзервативни? Одговорот е дека тоа се оние кои богословат соодветно на протестантскиот начин. Поради таа причина некои богослови во Грција се имаат поделено на либерални и на конзервативни. Либералните се оние кои ги следат либералните протестанти, а конзервативни се оние кои по овие прашања ги следат конзервативните протестанти.

Меѓутоа, дали православното Предание може да се смести во овие карактеристики и во овие називи? Се разбира дека не може. Исихастот богослов од Источната Црква на Запад би бил сметан за либерален. Зошто? Затоа што тој не го поистоветува напишаниот текст, ниту изразите и поимите на Светото Писмо со Откровението.

Значи, штом Откровението всушност е опитот на обожението, што ги надминува изразите и поимите, тогаш тоа значи дека оваа табела на конзервативни и либерални не може да им се закачи на носителите на православното Предание. Затоа Отците не се ниту либерални ниту конзервативни. Едноставно, постојат Отци на Црквата кои достигнале само до просветлување и се светители на Црквата, а има и Отци кои достигнале до обожение и исто така се светители на Црквата, пославни од претходните.

Светоотечкото Предание значи човек да достигне или до просветлување или до обожение. Ништо друго не е православното Предание освен овој терапевтски метод, во кој се извршува очистувањето на умот, просветлувањето на умот и потоа, ако сака Бог, и обожението на целиот човек. Дали во овие рамки постои некој либерален просветлен или конзервативен просветлен? Се разбира дека не постои, затоа што или е просветлен или не е просветлен. Или имаш достигнато до обожение или не. Или се имаш исцелено или не. Не постои друга диференцијација освен оваа.

протопрезвитер Јован Романидис

Извор: Светоотечко богословие, Скопска православна епархија 2003.

Превод од грчки: јеромонах Атанасиј Арскоски

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *