Иван Илин: За справедливоста           

spravedlivost

Уште од памтивек, луѓето зборуваат и пишуваат за справедливоста: можеби уште од времето кога воопшто почнале да говорат и пишуваат… Но, очигледно, до денес не е одговорено прашањето – што е тоа справедливост и како таа се остварува во животот? На луѓето им е тешко да се усогласат околу тоа, бидејќи тие го чувствуваат животното и практично значење на тоа прашање, ги предвидуваат несаканите последици за себе и затоа, како заинтересирани, вознемирено и сомнително спорат: ќе се „согласиш“„на своја глава“– и што тогаш?

Секој од нас ја посакува справедливоста и бара со него да постапуваат справедливо; секој се жали на сите возможни несправедливости, причинети нему, и почнува да ја толкува справедливоста така, што од тоа произлегува јавна несправедливост во негова полза. Притоа самиот е убеден дека неговото толкување е правилно и дека  тој „совршено справедливо“ постапува со другите, но никако не сака да забележи дека сите се вознемирени од неговата „справедливост“ и се чувствуваат притеснети и прејдени. Колку е победен, потесен и пожесток животот на луѓето, толку поостро тие го доживуваат сето тоа и толку потешко им е да се договорат и согласат помеѓу себе. Како резултат испаѓа дека „справедливости“ има толку, колку што има и незадоволни луѓе, а единствена, вистинска Справедливост е невозможно да се најде. А, строго кажано, само за неа и вреди да се говори.

Тоа значи дека интересите и страстите го изопачуваат величественото прашање, умот не наоѓа вистинско решение и сè обраснува со лоши и итри предрасуди. Од предрасудите возникнуваат лажни учења; тие водат кон насилие и револуција, а револуциите носат само страданија и крв, за да ги разочараат и отрезнат луѓето, оглувени од своите страсти. На тој начин, цели човечки поколенија живеат во предрасуди и се гушат во разочарување; а понекогаш се случува и самиот збор „справедливост“ да наиде на иронија и потсмев.

Сепак, сето тоа не ја компромитира и колеба старата, благородна идеја на справедливоста; должни сме, како и секогаш, неа да ја спротивставиме на секоја несовесна експлоатација, на секоја класна борба и на секоја револуционерна рамноправност. Тврдо можеме да бидеме уверени, дека нејзе ѝ припаѓа иднината. Главното нешто се состои во вистинското постигање на нејзината суштина.

Француската револуција во осумнаесеттиот век ја објави и распространи штетната предрасуда дека луѓето од раѓање или по природа се „еднакви“ и, според тоа, со сите луѓе треба да постапуваме „еднакво“… Таа предрасуда на природна еднаквост претставува главна пречка за решавање на нашиот основен проблем. Зашто,  имено, суштината на справедливоста се состои во нееднакво постапување со нееднакви луѓе.

Ако луѓето навистина би биле еднакви т.е. исти по тело, душа и дух, тогаш животот би бил ужасно едноставен и пронаоѓањето на справедливоста би било извонредно лесно. Би требало само да се каже: „на еднаквите луѓе – еднаков дел“, или „на сите еднакво од сè“– и прашањето би било решено. Тогаш справедливоста би можела да се наоѓа аритметички и да се остварува механички; и сите би биле задоволни, зашто луѓето, навистина, би биле како еднакви атоми, како топчиња што механички се движат од едно место на друго, безразлично еднакви, и внатрешно, и надворешно. Што може да биде понаивно, поедноставно и побанално од таа теорија? Каква суета, какво слепило е да ги приведуваш луѓето кон такви мртви и штетни гледишта. По Француската револуција поминаа 150 години. Можевме да се надеваме дека таа слепа материјалистичка предрасуда одамна го проживеала својот век. И одеднаш таа повторно се појавува, ги завојува слепите срца, торжествува победа и руши над луѓето цела лавина од несреќи…

Во суштина, луѓето се нееднакви по природа и нееднакви ни по тело, ни по душа, ни по духот. Се раѓаат од битија со различен пол; по природа имаат нееднаков раст, нееднаква сила и различно здравје; им се даваат различни способности и склоности, различни стремежи, дарови и желби; толку се разликуваат помеѓу себе, телесно и душевно, што на светот е невозможно да се најдат двајца еднакви луѓе. Од различни родители родени, од различна крв и наследност, во различни земји израснати, различно воспитани, кон различни клими привикнати, нееднакво образовани, со различни навики и таланти – луѓето нееднакво творат и нееднакви и нерамноцени нешта создаваат. Тие и духовно се нееднакви: сите се со различен ум, различна доброта, со неслични вкусови; секој со свои гледишта и со свое особено сфаќање. Со еден збор, тие се различни во секој однос. И справедливоста бара да постапуваш со нив согласно со нивните лични карактеристики, не рамнејќи ги нееднаквите и не давајќи им на луѓето неоправдани предности. Не треба да им се наложуваат еднакви одговорности: старците, болните, жените и децата не се подлежни на воена должност. Не треба да им се даваат еднакви права: децата, душевно болните и престапниците не учествуваат во политичките гласања.

Не треба сите да се казнуваат еднакво: малолетните и непресметливите треба да се казнуваат поблаго, повиканите на власт построго итн. И така, кој ќе ги оттргне предрасудите и непристрасно погледне на животот, набргу ќе се убеди, дека луѓето по природа се нееднакви, според сопствената сила и способност нееднакви, нееднакви и по својата социјална положба и дека справедливоста не може да бара еднакво постапување со нееднакви луѓе; напротив, таа бара нееднаквост за нееднаквите, но таква нееднаквост, која би била соодветна на реалната нееднаквост на луѓето.

Тука и се наоѓа главната тешкотија на проблемот. Луѓето се безбројно мноштво и сите тие се различни. Што треба да се направи, за секој да добие во својот живот, согласно својата особеност? Како да се избега зад сите тие безбројни своеобразности? Како да му се „даде секому неговото“ (според формулата на римското право)? Тие не се еднакви, значи, не треба и да се постапува еднакво со нив, туку согласно со нивната своеобразност… Инаку ќе возникне несправедливост…

Значи, справедливоста воопшто не бара еднаквост. Таа бара предметно-оправдана нееднаквост. Детето треба да се чува и згрижува; тоа му дава цел куп справедливи привилегии. Немоќниот треба да се штеди. На уморниот приличи да му се снисходува. На безволниот му треба повеќе строгост. На чесниот и искрениот треба да му се укажува повеќе доверба. Со оној што премногу зборува е потребна претпазливост. Од даровитиот човек е справедливо да се бара повеќе. На херојот му доликуваат почести, кон кои не-херојот не треба да претендира. И така – во сè и секогаш…

Затоа справедливоста е уметност на нееднаквоста. Во нејзината основа лежи вниманието кон човечката индивидуалност и кон животните разлики. Но, исто така, во нејзината основа лежи живата совест и живата љубов кон човекот. Постои особен дар на справедливост, кој не им е својствен на сите луѓе. Тој дар во човекот го дава доброто и љубовно срце, кое не сака на земјата да се умножува бројот на навредените, на страдалните и ожесточените. Тој дар го дава уште и живото проникнување, изострената чувствителност кон човечкото своеобразие, способноста да ги почувствуваш другите. Справедливите луѓе го отфрлуваат механичкото трактување на луѓето според апстрактни обележја. Тие се созерцателни, интуитивни. Тие сакаат секој човек да го набљудуваат индивидуално и да ја достигнуваат сокриената длабочина на неговата душа…

Ете зошто справедливоста е уметнички принцип: таа со срцето го созерцува животот, го уловува своеобразието на секој човек, се труди вистински да го оцени и  предметно да постапува со него. Таа е „внимателна“, „грижлива“, „социјална“, го пази чувството на умереност, склона е кон сострадание, кон деликатна снисходливост и простување. Многу општо има со „тактот“. Тесно е поврзана со чувството на одговорност. По својата суштина, таа е љубовна: се раѓа од срцето и претставува живо пројавување на љубовта.

Неразумно е да се бара справедливост, поаѓајќи од омраза, затоа што омразата е завидлива, таа води не кон справедливост, туку кон сеопшта рамноправност. Неразумно е да се бара справедливост во револуцијата, затоа што таа дише со омраза и одмазда, слепа е, разрушителна, непријател е на справедливата нееднаквост, не ги почитува „возвишените способности“ (Достоевски). А справедливоста, пак, сама по себе е една од возвишените способности на човекот и нејзиниот повик се состои во распознавањето и чувањето на возвишените способности

Остварувањето на справедливоста во животот, луѓето ќе го исполнуваат тогаш, кога сите или, во краен случај, многумина ќе станат нејзини живи уметници и ќе ја присвојат уметноста на предметната нееднаквост. И тогаш справедливиот поредок нема да се сведува на механиката на справедливите установи, туку на органичното интуитивно наоѓање на предметни судови и предметни постапки за непрекинливиот животен тек на човечките своеобразија. Справедливоста не е птица, која треба да се фати и затвори во кафез. Справедливоста не е апстрактно правило за сите случаи и за сите луѓе, зашто таквото правило го рамни, а не го опредметува (од зборот „предмет“) животот. Справедливоста не треба да си ја претставуваме според шемите „еднаш засекогаш“, „за сите луѓе“, „насекаде“. Зашто таа не е „еднаш засекогаш“, туку е жив тек на индивидуални отстапувања. Таа не е „за сите луѓе“, туку за секого одделно. Таа не е „насекаде“, туку живее со исклучоци.

Справедливоста не може да се најде ни во форма на општи правила, ни во форма на државни установи. Таа не е „систем“, туку живот. Неа треба да си ја претставуваме во вид на жив поток и предметна љубов кон луѓето. Само таа љубов може да ја разреши задачата; таа ќе ја твори животната справедливост, создавајќи во животот и во човечките односи постојано нова и нова предметна нееднаквост.

Ете зошто во животот не е најважна од сè справедливоста „најдена еднаш засекогаш: тоа е илузија, неисполнива желба, штетна и неразумна утопија. Во животот, најважно од сè, е живото срце, што искрено ја посакува творечката справедливост; уште и сеопштата увереност дека луѓето навистина искреноја посакуваат творечката справедливост и чесно ја бараат. И ако е така, тогаш луѓето лесно ќе се помируваат со неизбежните несправедливости во животот – условни, времени или случајни и вешто ќе ги покриваат со жртвено расположение. Зашто секој ќе знае дека пред него го чека вистинската, т.е. уметничко-љубовната справедливост.

Иван Александрович Илин

Од книгата: Поющее сердце. Книга тихих созерцаний

Подготвил: Георгиј Глигоров

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *