Иван Илин: За духовното слепило (фрагменти)

slepilo_resized

Со луѓето често се случува следново: ако некој е лишен од нешто, за него е навредливо да гледа како другите го имаат истото. „Она што немам и другите да го немаат“. Непријатно е да се осознаеш себеси лишен и понижен. Изобилието на другиот ранува и ожалостува и ретко кој умее да им ја „простува“ на другите нивната даровитост… Навредата и недоброжелателноста лесно се превратуваат во завист и злоба…

Не станува збор само за тоа, дека тие луѓе ја загубиле секоја врска со Бога; тие своето безбожие го восприемаат дури и за најголем престиж, за „ослободувачка вистина“, за „радосно благовестие“, со еден збор – за ново откровение…Таквиот впечаток не е случаен; тој историски е објаснет и верен. И оној, кој ќе подразмисли за таа појава на новото време, чувствува длабока жал и тревожење.

Таа жал најпрвин би наликувала на она таговно чувство што го имаме пред лицето на слепородениот или глувонемиот. Гледаме несреќен човек кој е лишен од скапоцен и чудесен орган, што ја збогатува и просветлува душата. Тој орган толку многу ни разоткрива во светот; нам, кои гледаме и слушаме, ни дава такво богатство на животни содржини, море од значајни, длабоки и чисти доживувања, без кои не можеме ни да се замислиме себеси. Пред нас се открива особена и самостојна димензија на светот и нештата; таа ни дава бесконечно многу светлина и радост. И одеднаш забележуваме луѓе кои се лишени од тие органи и кои, очигледно, дури и немаат поим што восприемаме преку нив и добиваме од нив. Нормално, пред лицето на тие несреќни луѓе нè обзема чувство, измешано од сострадание, длабока жал и немир.

Прилично такво е она прво чувство што го имаме кога по животниот пат среќаваме духовно-слепороден безбожник. Како тој го доживува светот без Бога? Што гледа тој во природата и како тој си ја претставува човечката душа? Како се справува со животните страданија и соблазни? Во што го гледа назначувањето и судбината на човекот? Зашто нему светот би требало да му изгледа совршено мртов, површен и банален, а судбината на човечкиот род бесмислена, слепа и жестока.

И ете, во нас се буди мачното чувство на одговорност и, можеби, дури и вина: ние сме среќници, а тој – несреќник; нам ни е дадено духовно богатство од кое тој е лишен; ние созерцаваме и гледаме, а тој е слеп. Треба да му се помогне. Што сме сториле околу тоа? Што треба да направиме, за во неговата душа да го активираме органот на духот? Како треба да се однесуваме со таквите луѓе? И дали е можно да се помириме со нивната духовна состојба?

И одеднаш ни доаѓа на ум, дека тој самиот не го забележува сопственото слепило и сосема не го смета него за слепило: напротив, тој е многу задоволен со фактот што го нема тој прекрасен орган, таа духовна способност да согледуваш, гледаш и веруваш. Тој не ни сака да го здобие него. Напротив, таа лишеност ја доживува како особено богатство, како почеток на „нов“ живот и ново творештво, како знак на „возвишен позив“, како право на власт и проповед. Тој бедник се смета себеси за богат; тој опасно болен си замислува дека е човек со примерно здравје; тој се доживува како ново суштество, кому му претстои голема иднина. Тој е „просветлен мислител“, а ние лутаме во мрак… Токму затоа тој е должен да нè просвети, ослободи и да ни го покаже патот кон новата и вистинска среќа…

Ние пред себе гледаме луѓе, во голема мера самоуверени и претенциозни, кои поради глупавоста својата духовна оскудност ја сметаат за возвишен дар и своите празни фантазии за ново „откровение“: тие нè сметаат за заостанати, „опскуранти“, робови на предрасуди и суеверија; нè објавуваат за свои непријатели и штетници на народниот живот, па ни предложуваат – или да се „премислиме“ и да се согласиме со нив, или да се подготвиме за маки и смрт. Еве што отприлика ни говорат тие: „Ние, безбожниците, не гледаме никаков Бог и не сакаме ништо да знаеме за Него. И тоа е најврвното, тоа е почеток на нова слобода. И ако тоа е слепило, тогаш нека ослепат сите како нас. Само тогаш сите ќе станат слободни и ќе започне нов живот. За нас нема Бог, и вие, сите други, не смеете да верувате во Него. Научете се од нас, зашто ние сме повикани да поучуваме и водиме. Ако, пак, не се согласувате, постепено ќе ве уништиме сите, на тој начин, та на земјата воопшто да не останат верни…“

Добро знаеме што се случува кога слепец води слеп: и двајцата паѓаат во јама. Ама не се слушнало слепи да водат луѓе што гледаат. Не е можно на тоа да се одговори со жалост или сочувство. Тука решавачко е чувството на одговорност и негодување. Треба да се излезе во одбрана на правилното и да се возобнови природниот поредок на нештата. Секако, на безбожниците не може да им се „забрани“ нивното безбожие… Слободата на верата значи и слобода на неверието. Не можеш да го принудиш човекот ниту кон безверие, ниту кон вера. Да се обрати кон Бога и да се поверува е можно само слободно. Но ние сме должни да го примиме нивниот предизвик и да им дадеме достоен одговор. Должни сме спокојно, предметно и убедувачки да докажеме, дека немаме потреба од нивното „просветување“, дека ние веќе ја гледаме духовната светлина, дека таа светлина веќе нè ослободила, дека нашата вера по својата природа е предметна, слободна по својот акт и со својата сила и својата содржина нè ослободува и дека немаме никаква потреба да бидеме ослободени од таа слобода. Должни сме да докажеме дека нивното ново, лажно „откровение“ е, всушност, слепило, самоизмама и мрак, дека тоа не им дава никакво право на власт и води кон погибел.

Ние што веруваме во Бога воопшто не сме слепи. Ние го гледаме сето она што го гледаат безбожниците, но ние тоа сосема поинаку го толкуваме и вреднуваме. Сепак, покрај она што тие го гледаат, ние гледаме уште нешто друго, неспоредливо поважно, поскапоцено, подлабоко и посвештено, што тие не го гледаат. Поради тоа тие не смеат да нè означуваат ниту за „фантазери“, ниту за „лицемери“…

Но, ние не се сметаме за фантазери. Оној што фантазира гледа во празнина, твори измислици за непостоечкото и самиот верува на измислиците на своето воображение. Напротив, ние имаме жив однос со автентично суштите реалности, не ни е потребно да ги измислуваме и немаме потреба да ги исполнуваме празнините со сопствените измислици. Она што ние го гледаме никако не смее да се смета за халуцинации. Халуцинацијата е измама на сетилното гледање, но нашите сетила остануваат трезвени, природни, здрави и не доживуваат ниту екстаза, ниту измама. Оној што халуцинира, полудел; тој гледа сетилни сништа на јаве, се носи со призраци и ги прифаќа за материјална реалност. Но, ние сме слободни од сето тоа. Ние не сме безумни и побркани, ние го доживуваме земното исто онака како и сите здрави луѓе, не изопачувајќи го ниту со илузии, ни сништа. Помеѓу религиозните луѓе имало многу генијални научници и пронаоѓачи, на пр.: Коперник, Бекон, Веруламски, Галилеј, Кеплер, Лајбниц, Бојл, Либих, Рудолф Мајер, Шлајден, Дубуа-Рејмон, Фехнер и многу други. Зар тие не ја создадоа нашата позитивна наука? Кога и каде се носеле тие со беспредметни фантазии или се предавале на халуцинации? Тие биле трезвени набљудувачи, проникнувачки истражувачи, одговорни мислители, величествени мајстори на Предметноста. И верувале во Бога; и отворено ја покажувале својата вера. Според силата на какви основи Го признавале Бога? Зошто? Затоа што нивниот созерцувачки опит не им го откривал само сетилно-земниот и материјален дух, ами и величествените обеми на духот и неговите реалности.

Вистинската вера не се појавува од субјективни расположенија и произволни постројувања. Таа се зародува во полноцениот опит и секогаш е вкоренета во предметното созерцание на духот. Тој духовен опит се занимава со реалности од несетилен (совест) или не само сетилен (уметност) или директно натсетилен (религија) карактер. Тој опит не е „мечта“ и не е „лудило“. Тој бара духовна трезвеност и се подложува на духовна проверка. Тој има своја подготовка, свое очистување и особени напрегнувања; тој се остварува во предметното восприемање и придобива потполна и конечна очигледност. И оној, кој предвреме го негира тоа и не сака да го знае тоа, тој нема ниту право, ни основа да ја критикува верата и да ја негира религијата.

Што може слепородениот да каже за боите на прекрасната слика или преубавиот свет? Ништо… И некој одовде би донел заклучок, дека таа слика воопшто не постои или дека тој цвет е наша халуцинација… Кој ќе му поверува на глувонемиот, ако објави дека не постои никаква музика, дека сето тоа е „измислица на лицемерите“?.. Човекот, лишен од духовното око и слух, нема никаква основа и никакво право да говори за духовните предмети. Човекот со заглушено срце или умртвени чувства не знае ништо за љубовта; како ќе може тој да восприеми Божјата љубов? Смее ли тој да ја одрекува неа и богохулно да се исмева над неа? Човекот што не живее со морална димензија на делата и ништо не знае за силата и блаженството на совесниот акт, нема да има ниту најмала претстава за доброто и злото, за гревот и милосрдието, за благоста Божја и за искупувањето… Како да му се објасни нему, што е тоа молитва? Како да поверува тој, дека молитвата бива примена и услишана? Како може тој да се увери во тоа, дека вистинската вера воопшто не се појавува од страв и дека нејзе ѝ е дадено да го победи секој страв? Како да му се објасни на таквиот, кој не знае за дух, ниту слобода, дека верата во Бога ја ослободува душата и дека безбожието од нив проповедано на луѓето им го носи најлошото ропство во историјата – ропството на страстите, материјата и безбожните тирани?..

А кога безбожниците ни го поставуваат прашањето, зошто не Го гледаме Него со телесното око, одговараме: затоа што ние не халуцинираме, не Го восприемаме телесно, не сетилно, туку со духот, со духовниот опит и духовното око; и попусто е да се мисли, наивно и оскудно да се претставува, божем реално е само она што е достапно на нашите „пет сетила“.

Исто како што светот не би настанал без Бога, така и целата човечка култура би се скрушила, ако Духот Божји би ја напуштил. Не би имало живот без сонцето. Не може човечкиот дух без Бога. Човекот кој е оттргнат и напуштен од Бога ја губи својата творечка сила: станува бессрдечна, бездушна, жестока твар, бессилна во созерцанието и создавањето на нови, совршени форми, но многу поспособна за взаемно мачење и сеопшто разурнување… Историјата за тоа дала доволно сведоштва; зар се потребни нови потврдувања и понатамошни страданија?.. Оној што проповеда безбожие, на луѓето им подготвува големи бедствија: разуздување, унижување, ропство и мака…

Нашето поколение е повикано да им ја покаже на луѓето ужасната судбина што ги очекува, да ги увери во тоа, дека патот без Бога води кон погибел… Но, како да им се покаже тоа на духовните слепци, кои не можат и не сакаат да видат?..

Иван А. Илин

Од книгата: Поющее сердце. Книга тихих созерцаний

Подготвил: Георгиј Глигоров

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *