Иконoграфијата на светите апостоли Петар и Павле
Иконите претставуваа прозорци кон небесата, па оттаму тие ја претставуваат, не земната, туку небесната реалност. Ние правиме икони на луѓето кои ги љубиме: хероите на верата коишто се запаметени и чии земни животи се сметаат за поучни и достојни за подражавање. Затоа е природно, освен тоа што се сликаат на еден стилизиран „духовен“ начин, тие да бидат претставувани и како луѓе што можеме да ги препознаваме, со одредени обележја.
Свети Петар
Пламениот и избувлив Лидер на Дванаесетте, Петар, лесно се препознава по неговата бела, кратка и виткана брада и коса. Често се прикажува како држи свиток, кој содржи зборови од некое негово послание. На некои икони може да е прикажан и со клучеви што висат од неговиот појас, коешто претставува референца на зборовите што Исус му ги кажал: И ќе ти ги дадам клучевите од Царството Небесно, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано и на небесата; и што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата.
Честопати може да се види на иконите со свети Павле, двајцата маченички пострадани во Рим, како заедно ја држат Црквата, покажувајќи го нивното заедничко првенство (првоврховност) меѓу апостолите.
Свети Павле
Иако не е еден од првичните Дванаесет, свети Павле отсекогаш бил познат како Апостолот (што буквално значи – испратен/иот), како и прв меѓу апостолите. Како таков, тој често се прикажува на иконите на апостолите и тоа како прв на претставата. Павле секогаш се слика со кафеава коса и брада, заострена на едно или две места. Тој е приќелав со високо чело (обележје на голема мудрост и ученост), со мало праменче во средината.
Честопати е прикажан како држи голема книга Евангелие, како потврда за бројот на посланија со кои придонел кон она што подоцна ќе стане Нов завет. Освен тоа, евангелистот Лука бил лекар кој го следел свети Павле на неговите мисионерски патувања, така што праведно би било да се каже дека Павле исто така имал влијание врз Евангелието на Лука и книгата Дела апостолски.
Извор: iconreader.wordpress.com