Гревопадот, Христос – Нов Адам

garden_of_eden_resized

Бог го населува човекот во рајот, „да го обработува и пази“. Таму има две дрвја: дрвото на животот и дрвото на познание на доброто и злото. Од првото можел да јаде и на тој начин да ја обезбедува својата бесмртност. Од второто не смеел да јаде. Со ова се означува слободата на човекот, неговата можност да ја пројави својата слобода и да се оствари како полноцена личност, бидејќи ако не постоела таа можност, тој не би се разликувал од животните. Да се „познае“ злото во библискиот јазик значи да се искуси на дело, а не теоретски (затоа се вели дека Адам ја познал Ева). Човекот не ја исполнил првичната заповед и се случило она што го нарекуваме првороден или прародителски грев.

Во речиси сите народи од древноста постои предание за „златен век“, т.е. дека човекот некогаш се наоѓал во блаженство, но потоа отпаднал од него. Во што се состоел гревот? Некои велат – тоа е непослушанието, други – гордоста. Човекот практично ја промашил целта на своето постоење (грчкиот збор за грев е амартија, што значи промашување на целта со стрела). На почетокот, Бог го создал човекот како господар и свештеник во светот. Свештенството на човекот се состоело во тоа да го принесува светот и себеси на Бога, бидејќи преку него (како дел и од духовниот и материјалниот свет), во неговата личност, и целата природа има врска со Творецот. Но тој промашил, наместо на Бога, тој себеси си го принел созданието, наместо кон Бога, тој се обраќа кон самиот себе (егоцентризам, гордост, вредност надвор од Бога – карактеристики на овој паднат свет и цивилизација). Како резултат на таа трагедија, светот се наоѓа во оваа падната состојба: влегле смртта, страданијата, болестите, гревот… Човекот отпаднал од блаженството и станал смртен; тој, како создаден, и бил по природа смртен (бидејќи бесмртноста е категорија која Му припаѓа само на Бога), но ја изгубил можноста да се причестува од дрвото на животот и да биде бесмртен по благодат (во таа смисла, во светоотечкото предание понекогаш смртта се гледа не како зло, туку како милост, едноставно за злото да не опстојува). Од природна, човекот преминал во противприродна состојба: се изопачил самиот, а преку него и целата природа (природата живее така што умира). Човекот се дисконектирал од Бога, Изворот на животот, и логично – умира. Освен тоа, на едно субјективно ниво, сторијата за гревопадот е нешто што се повторува во секој човечки грев.

Ние често говориме за првороден грев, но што значи тоа? Треба да знаеме, дека ние не ја наследуваме личната вина на Адам, туку последиците од гревот: како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот – смртта, на таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, зашто сите згрешија (Рим 5,12). На едно место во Стариот завет стои: Татковците да не бидат осудувани на смрт заради децата, и децата да не бидат казнувани со смрт поради татковците; секој да биде казнет со смрт за својот грев (5Мојс 14,16). Ова јасно говори дека ние не ја наследуваме вината на Адам, туку паднатата и смртна негова природа, последиците од гревот. Последицата на гревот е неможноста да се надмине смртта како биолошки факт, бидејќи човекот ја изгубил шансата да стане бесмртен по благодат и да учествува во вечното битие. Последиците се и изопаченоста кај човекот (страстите, пореметените вредности) и изопаченоста на природата (природни катастрофи кои му се закануваат на човекот и кои тој не може да ги контролира, а во почетокот самиот човек беше поставен да господари над светот). Се појавува изопаченост и во односите меѓу мажот и жената (порано беа рамноправни, но сега жената се потчинува), мажот со пот ќе јаде леб од земјата, а жената со болки ќе раѓа итн.

Иако човекот паднал, Бог не го осудил веднаш, туку му дал можност да се покае: Адаме, каде си?. Но, човекот ја отфрлил и таа шанса. На крајот, откако бил избркан надвор од Едемот, Бог го дава и ветувањето за доаѓањето на Спасителот, коешто во христијанската традиција се нарекува Протоевангелие (Првоевангелие). И токму на оваа вера, верата дека ќе дојде Некој кој ќе ја промени реалноста каква што е, и се базираше целиот Стар завет, целата еврејска религија која беше подготовка на светот за доаѓањето на Христос. Во времето на Господ Исус Христос верата во скорото доаѓање на Тој Месија била особено изразена, како што се гледа и во разговорот на Христос со Самарјанката: Знам дека ќе дојде Месија, Он ќе ни каже сè. А Месијата беше Он.

Христос – Нов Адам

Христос со Своето дело го поправи она што Адам, првиот човек, не успеа. Затоа велиме дека Христос е Новиот Адам. Во Христа, со Воплотувањето, Бог ја прими човечката природа за да ја исцели и соедини со Себе, она што и беше првичен мотив на создавањето. Преку смртта и Воскресението Христови, смртта е победена и преобразена. Преку Христа ни се даде нов живот, оној што го изгуби Адам, па дури и повеќе. Крштението, со кое влегуваме во Црквата, не е ништо друго, туку ново раѓање, раѓање за нов и обновен живот (затоа и ги крштеваме децата, не дека тие згрешиле лично или за да бидат ослободени од вината на Адам, туку затоа што преку Крштението стануваме учесници во обновената реалност преку Христа).Обновената реалност сè уште не е пројавена во полнота во светот, но таа се предвкусува во Црквата и тоа е, всушност, мисијата на Црквата: да сведочи за преобразбата што се случи во Христа, за Царството Небесно коешто веќе е тука и кон коешто сите се повикани, и човекот и светот, повикани да бидат дел од таа реалност којашто ќе биде вечна. Смртта, како биолошки факт, сè уште постои, но старото треба да умре, како што вели Христос, за да се роди новото (Јн 12,24).

christ-the-new-adam_b

Во оваа библиска сторија за гревопадот има и нешто пророчко. Во протологијата (почетокот на светот) се крие и есхатологијата (конечното исполнување на созданието): Јас го навестувам во почетокот она што ќе биде на крајот, од старо време она што уште не станало – вели Господ (Ис 46,10). Уште на првите страници од Библијата имаме праобраз на спасителната историја: 1. стар Адам – нов Адам; 2. Адам заспива и од реброто се раѓа смрт, т.е. жената која е измамена од ѓаволот и преку која и Адам згреши, Христос заспива (умира на Крстот) и е прободен во реброто од кое потече живот; 3. ја имаме и паралелата: стара Ева и нова Ева – Богородица, која за разлика од првата го послуша ангелот и рече: нека биде волјата Господова…; 4. преку дрво Адам падна – преку дрво (Крстот) Христос нè обнови; 5. светот е создаден за шест дена, а седмиот Бог се одмора – за шест дена (Страдална недела, од Цветници до Велики Петок, кој е шести ден) Бог во Христа го возобновува созданието и на шестиот (Велики Петок) го обновува и човекот (кој беше создаден на шестиот ден), а на седмиот (Велика Сабота) Христос отпочина во гробот; 6. со Адам рајот се затвори – со Христос се отвори. Повторно се отвори патот кон дрвото на животот – Причеста, Самиот Христос, преку Кого сме соединети со Бог Света Троица.

После седмиот ден, следуваше првиот ден по седмицата (Воскресението) кој на тој начин претставува осми ден и икона на Царството небесно. Во Христа, новиот Адам, светот повторно е принесен на Бога. Она што се случува на Литургијата, во евхаристискиот Принос, претставува поправка на грешката на Адам, она што тој не стори, а се поправи преку Христа: човекот да биде свештеник и да го принесува и созданието, и самиот себеси на Бога, во едно благодарно претстоење пред Изворот на Животот: „Твое од Твоите, Тебе Ти принесуваме…“.

Прв дел    Втор дел

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *