Владика Методиј: GOD IS A DJ – или за светото христијанско бесребреништво
Ако се обидеме да ја лоцираме врвната инстанца на христијанскиот каритативен активизам, што истовремено е и врвна инстанца на црковната мисија, ваквиот стремеж како по правило секогаш ќе нè доведе до подвигот на бесребреништвото кој за секуларизираниот ум на човекот од нашево време е подеднакво несфатлив и неразбирлив и според она што тој значи и според она што тој означува (meaning and significance). Самиот поим бесребреништво или anargiria, – без сребреници, без пари, бесплатно, но исто така и бесценето, – упатува на надисторискиот повик на човекот да се реализира како креативно битие, при што неговата креативност да остане недетерминирана од трговската логика на светот и неговото време, со кои и самиот човек и неговото творештво се претвораат во идоли на пазарот – според дефиницијата на Ф. Бекон. Тие идоли или лажни (пазарни) вредности произлегуваат од тенденцијата во која човекот ја отфрла сопствената бесценетост, но и бесценетоста на сето создание. Во мигот, пак, кога светот и човекот започнаа да се вреднуваат со ограничени и конечни цени, без разлика со колку цифри тие се изразени, имено во тој миг човекот го загуби суштинскиот аксеолошки критериум.
Често сме склони, дури и ако постојано го читаме и препрочитуваме Новиот Завет, да ги превидиме или изумиме Христовите зборови: Бесплатно добивте, бесплатно давајте! (Мт 10,8). Според пристрасната, или поточно страстната логика на современиот Адам, сето Божјо создание, апстрахирано во терминот природа, е евтина, односно бесплатна понуда за задоволување на неговите потреби. Подеднакво телесните т.е. профаните, како и духовните т.е. религиозните. Но создавајќи ја таквата свест, тој невнимателно се реконтекстуализира во една понижувачка антропологија, премногу човечка антропологија која станува негово credo, неизмерно далечно на изворната библиска антропологија според која човекот беше создаден да биде господар на светот, а не паразит.
- Бесплатно добивте, бесплатно давајте
- Бесценето добивте, бесценето давајте
- Бесценети сте, не го ограничувајте светот околу вас со „цени“.
На ваквите премиси се темели вистинската човечка креативност, а оттаму и апостолската мисија како нејзин битен чинител. Овие зборови, се разбира, не значат заговарање некаков утописки концепт на планетарен сервис за бесплатно исполнување на секоја човечка желба и потреба. Напротив, тие се однесуваат на потребата за изградување јасна свест, или поточно самосвест за вистинската вредност на нашто постоење.
Поткрепа на овие тези наоѓаме и во уште едно евангелско собитие. Имено, станува збор за морално-историската увертира на чудото кое Христос го прави нахранувајќи пет илјади души со пет леба и две риби: На стемнување се приближија до Него учениците Негови и рекоа: „Овде е местово пусто, а и доцна е веќе; пушти го народот да отиде по селата и да си купи храна.“ Но Исус им рече: „Нема потреба да одат; дајте им вие да јадат!“ А тие Му рекоа: „Ние имаме само пет лебови и две риби.“ Он им рече: „Донесете Ми ги тука!“ И како му заповеда на народот да седне по тревата, ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, ги благослови и како ги прекрши, ги даде лебовите на учениците, а учениците – на народот. И јадеа сите и се наситија; и кренаа дванаесет кошеви полни со останати парчиња. А оние што јадеа, беа околу пет илјади души, освен жените и децата.
Дајте им вие да јадат! Бесплатно давајте!
Од аспект на материјалистичката логика советот Христов е апсурден. Она што човекот може да го даде, во најдлабоката философска смисла, е навистина ништожно. Пет леба и две риби за пет илјади души во кои не се вброени жените и децата. Пет илјади семејства. Според простата математика – најмалку петнаесет илјади луѓе. И тоа останува така секогаш кога човекот се обидува да го ампутира Бога од својот креативен, па дури и каритативен активизам. На апостолите тоа им беше јасно и тогаш кога ги чуја зборовите на Учителот: Дајте им вие да јадат! – и тогаш кога собраа дванаесет коша останати парчиња, за секој апостол по еден кош.
Намислата на Спасителот секако не беше со таа заповед да ги посрами своите ученици. Намислата не му е ни да ја понижи секоја добронамерна иницијатива, која човекот ја презема помагајќи им на своите ближни, како минорна и донкихотовска. Напротив. Со повикот: дајте им вие! – Христос нè повикува на активизам со расудување. Нè повикува на соработка со која ќе се искорени секоја глад и страдање. Зашто навистина сè, од задоволувањето на елементарната потреба на човекот за храна, па сè до надисторискиот чин на апокалипсата, е креативно дело кое во синергија го апсолвираат Бог и човекот. Бог тоа го потврдува токму со зборовите: дајте им вие! Тој не вели: „Оставете, Јас сè ќе направам“. Зошто тогаш ние, со пет леба и две риби во рацете, стоејќи (гладни и жедни) пред целиот гладен и жеден свет, со концептот на некаков лаицитет, кој божем го прави човекот суверен владетел на сето видливо, ја отфрламе соработката со живиот Бог?
Не се работи тука за тоа дали современиот човек со секуларни или религиозни пориви и мотиви ќе ја извршува својата креативна мисија. Не се работи за човечки уверувања. Зашто и во тој контекст ниеден човек не зборувал така како Тој Човек. Да се навратиме на самиот настан. Со поуките и исцелувањата, Христос во таа своја мисија собра околу себе повеќе од петнаесет илјади луѓе. Кој е тој пастир кој пред или потоа со своите дела и зборови собрал околу себе, спонтано, на една зафрлена ледина, толку народ. Не зборувам за митинзи на личности-институции зад кои стои цела медиумска машинерија организирани во некоја светска метропола, туку за дело и проповед на еден пастир, во секојдневниот подвиг на својата служба.
Сепак, и нашите современици, подеднакво како луѓето од спомнатото евангелско собитие, имаат потреба да се собираат, да образуваат црква, да ги лекуваат своите рани и болести. Како парадигма, вниманието ми го привлече песната на Faithless, God is a DJ:
This is my church
This is where I heal my hurt
It’s a natural grace
Of watching young life shape
It’s in minor keys
Solutions and remedies
Enemies becoming friends
When bitterness ends
This is my church
This is my church
This is where I heal my hurt
It’s in the world I become
Content in the hum
Between voice and drum
It’s in change
The poetic justice of cause and effect
Respect, love, compassion
This is my church
This is where I heal my hurt
For tonight
God is a DJ!
This is my church!
Младите луѓе, генерациите на таканаречното постхристијанско време, кои растат во спонтано лаифицирано опкружување, подеднакво имаат потреба од чудото со петте леба и двете риби со сета полнота која тој креативен динамис ја подразбира. Овие безбожни (faithless) ангели, на кои, наместо живот со живиот Бог им се нуди лабораториски стерилизирано општество и култура против секакви религиозни инфекции и контаминации, својата духавна глад и жед ја изразуваат токму на ваков начин. Простете ми ако моето декодирање е премногу субјективно, но тоа е израз на искуството од мојата средба со оваа музика и енергијата која таа ја создава:
This is my church – I need a Church
This is where I heal my hurt – I need to heal my hurt
The poetic justice of cause and effect – I need harmony
Respect, love, compassion – I need values
Let God be my DJ!
Религиозноста, или поточно животот со Бога не е причина за тероризам. Тероризам од секаков вид. Психичкиот и политичкиот тероризам кои денес го опустошуваат светот, претворајќи го во место на страв и насилство, произлегуваат од моралниот пад на човекот, од недостатокот на свеста за бесребреништво. Религиозниот фанатизам, подеднакво како и политичкиот фанатизам (фашизам), се плодови на истата девалвација на „цената“ на животот како дар. Дар од Бога. Современиот, длабоко несреќен и незадоволен човек, не тероризира заради начинот на кој верува во Бога, туку затоа што станал слеп и глув за Бога. Со петте леба и двете риби во рацете и огромна празнина во срцето, тој се обидува со сила да воспостави само поинаква човечка правдина од онаа на вавилонските полицајци. Со сила да го нахрани светов до задавување. Ако се обидуваме да го ослободиме светот од само една врста на тероризам, тој нема да стане подобар свет. Но ако на животот му ја вратиме вистинската вредност – бесценетоста, за секое живо суштество, од најсловесното до најбесловесното, и нашиот збор и нашето дело ќе имаат божествена енергија.
епископ Велички Методиј Златанов