Епископ Панкратиј: За изборот на духовниот отец
– Како денес да се бара духовник?
– Како и секогаш. Ако некој нема духовник, нека не се огорчува, нека се моли Господ да му испрати средба со таков свештеник, кој навистина ќе му помага да оди кон Бога.
Тука не треба да се брза и треба да се биде многу внимателен. Случаи на лажно старчество, кога духовникот се вмешува во целиот живот на човекот, денес се навистина многу, и тоа не зависи од возраста и состојбата на свештеникот. Духовникот воопшто ништо не треба да решава во животот на своето чедо, тој само треба да го запази од грешки и грев.
– Дали е полезно за лаиците да бараат духовник во манастир?
– Ако е опитен духовник – зошто да не. Може да се има духовник во манастир, да се оди при него ретко, кога има неопходност да се решат некакви лични сериозни проблеми во духовниот живот, а обичните гревови да ги исповеда на парохискиот свештеник. Многумина, исто така, наоѓаат можност да побеседат со духовниот отец писмено или преку телефон.
– А дали воопшто е дозволива исповед по телефон? Митрополитот Венијамин (Федченков) опишувал како еден тверски гувернер, откако од својот прозорец видел како по него доаѓаат некои бунтовници, се јавил на архиерејот и му се исповедал по телефон…
– Ако покајанието се сфаќа не само како зборови што ги кажуваме на исповед, туку како подготвеност да се промениме, да се остави гревот и да се оди по Христа, да се живее според Неговите свети заповеди, тогаш прашањето за тоа, на кој начин тоа технички се остварува, станува второстепено. Човекот може да се покае дома пред иконите, во метро, разговарајќи по телефон или испраќајќи порака. Најважно е она што се случува во неговата душа.
Но, не треба да се мисли дека Покајанието како црковна света тајна може да се изврши по телефон. Светата тајна има дефиниран чин, кој го врши свештеник, и кој претставува завршеток на покајниот акт.
За проблемот на исповед кај младите свештеници
– Во нашата Црква има проблем што се поставуваат млади и сѐ уште неопитни свештеници да исповедаат, а воедно и духовно да поучуваат.
Некој завршил Богословија на 20 и нешто години, само што се оженил или примил потстриг, добил чин – и започнува духовно да поткрепува. А како тој ќе крепи, кога самиот сѐ уште не ги познава ниту духовниот живот, ниту животните тешкотии?
Грчките цркви следат поинаква пракса – тие поставуваат духовник. Над свештеникот се извршува определен молитвен чин и само тогаш свештеникот може да прима исповед и духовно да поткрепува други луѓе. Тоа понекогаш приведува и кон друга крајност: исповедта станува ретка, што исто така е лошо.
Ако ние би имале доволно многу свештеници, кои имаат и духовен, и животен опит, такви проблеми не би имало. Јас не би поставил човек под 40 години да исповеда. Но, не можеме тоа да си го дозволиме. Ни недостасува духовенство, а уште да говориме за духовници…
– Како свештеникот треба да ги учи своите чеда да се каат?
– Не можеш да поучиш за она, што и самиот не го умееш. За да ги научи другите да се каат, свештеникот самиот треба да се научи да принесува покајание. За жал, многу свештеници, особено оние што служат на селски парохии, многу ретко се каат и исповедаат. Зашто така се поставени нештата: духовниците по епархиите се зафатени, свештениците самите се зафатени…
Во голем градски храм има повеќе услови – служат неколку свештеници и тие еден пред друг можат да се покајат. Но и тоа ретко се случува. Често се случува самите да не се доверуваат еден на друг.
– Недовербата меѓу браќата е лошо нешто и има потреба од искоренување или, пак, тоа е нормално?
– Тоа е живот. Секако, подобро би било ако постои доверба, но неа ја нема секогаш. Затоа и е потребен духовник – свештеник, кому му веруваш.
– Молитвата е труд.
– Молитвата учи на покајание. Ако човекот нема опит на реален духовен живот, нема опит на молитва и лично претстоење пред Бога, тогаш тој ќе нема вистинско, длабоко и искрено покајание. Молитвата, особено покајната, како да твори за душата пат кон Бога. Една од најглавните молитви, во секој случај за монасите, Исусовата молитва, е со покаен дух. Самото стоење пред Бога практично не може да биде поинакво, освен покајно, на она ниво од духовниот развој, на кое повеќето од нас се наоѓаме.
– Од друга страна, молитвата е дар одозгора…
– Молитвата е труд. „Царството небесно насила се зема и силните го грабаат“ (Мт 11,12). Тоа значи дека Царството Небесно го добиваат оние што приложуваат усилби за негово стекнување. Еве зошто треба да се принудуваме, дури ако отпрвин молитвата оди со тешкотија. Секако, Господ по Својата милост дава благодат и молитва на оној што се моли, но за тоа човекот треба самиот да работи над својата душа.
Само така човекот и се учи на покајание.
Ако живее расеан живот, без молитва, тогаш можеби некогаш – ако „удри гром“ – ќе му се случи да дојде во покајно и молитвено чувство, но тоа нема да биде оној дар за кој вие говорите.
Г.Г.