Епископ Иларион (Алфеев): Молитва за упокоените
Во чинот на погребение има зборови, кои како да се произнесуваат од страна на упокоеното лице: „Гледајќи ме мене како лежам без глас и без здив, заплачете за мене, о браќа, пријатели, роднини и познати: до вчера јас беседев со вас, и ненадејно ме снајде страшниот час смртен. Но, пријдете, сите што ме љубите и поздравете ме со последен целив, зашто повеќе нема да одам помеѓу вас и да беседам со вас; одам при Судијата, каде што нема лицемерие; зашто робот и господарот заедно се претставени, царот и воинот, богатиот и бедниот во еднакво достоинство се, зашто секој според своите дела или ќе се прослави или ќе се посрами. Но, просам и сите ве молам, непрестајно молете се за мене на Христа Бога, заради моите гревови да не бидам воведен во местото на маката, но да ме всели онаму, каде што е Светлината на животот“.
За молитвата за упокоени прекрасно говори Достоевски преку устата на својот херој, старецот Зосима: „Секој ден и кога можеш, повторувај за себе: ’Господи, помилуј ги сите што денес пред Тебе се претставија‘. Зашто во секој час и во секој момент, илјадници луѓе го напуштаат својот живот на земјата и нивните души застануваат пред Господа, и колку многу од нив од земјата се разделиле осамено, никому не бивајќи познати, во жалост и тага, и никој нив нема да ги пожали… И, еве, можеби, од другиот крај на земјата, ќе се вознесе твојата молитва кон Господа за покој негов, иако воопшто не си го познавал, а и тој тебе. Колку ќе биде умилно за душата негова, која застанала во страв пред Господа, да почувствува во тој миг, дека и за него има молитвеник, дека останало на земјата човечко суштество, коешто го љуби. И Бог помилостиво ќе погледне на вас двајцата, зашто ако веќе ти толку си го пожалил, та колку повеќе Он, Кој бесконечно повеќе е милосрден… И ќе му прости заради тебе“.
Молитвата за упокоени е древна традиција на Црквата, осветена со вековите. Напуштајќи го телото, човекот излегува од видливиот свет, но тој не ја напушта Црквата, туку останува нејзин член. И долг (должност) на оние што останале на земјата е да се молат за него. Црквата верува дека молитвата ја олеснува задгробната судбина на човекот и дека Господ ги прима молитвите, не само за починатите праведници, но и за грешниците, коишто се наоѓаат во маки. Особена сила имаат молитвите на Литургијата: „Светото жртвопринесување на Христа, на нашата спасителна Жртва, им пружа голема полза на душите дури и по смртта, заради можноста и во идниот живот нивните гревови да бидат простени – говори светителот Григориј Велики. – Затоа душите на упокоените понекогаш просат за нив да биде остслужена Литургија“.
Познати се случаи, кога покојни се јавувале на живите, во сон или на јаве, и проселе за евхаристиско споменување. На крајот од 19 век, светителот Теодосиј Черниговски во сон му се јавил на еден еромонах (еромонахот бил покрај неговите мошти) и побарал на Литургијата да ги спомне за покој неговите родители – ерејот Никита и Марија. „Како ти, светителу, можеш да ги бараш моите молитви, кога самиот стоиш пред Престолот Небесен?“ – прашал еромонахот. „Да, така е – одговорил св. Теодосиј – но, приносот на Литургијата е посилен од моите молитви“. (Имињата на родителите на светителот Теодосиј не биле познати до неговото јавување, сепак, подоцна, по неколку години, бил пронајден поменикот на самиот светител, со имињата на ерејот Никита и Марија, напишани од неговата рака).
Литургијата е жртва, која се принесува за „живот на светот“, т.е. за живите и покојните. Во молитвата што свештеникот ја чита пред Литургијата, а се припишува на светиот Амвросиј Медиолански, молитва што претставува фрагмент од древната латинска анафора, се вели: „Те молиме, Оче свет, за душите на верните, кои се претставија, да им биде за избавување, спасение, утеха и вечна радост оваа голема тајна на побожноста. Господи Боже мој, (дарувај) им денес потполна и совршена утеха од Тебе, Лебот вистински, жив, Кој од небото слезе и на светот му дава живот, од Твоето свето тело, Агнецот непорочен, Кој ги зема гревовите на светот. Напој ги со потокот на благоста Твоја, кој истече од прободеното Твое ребро на крстот…“
Во коленопреклоните молитви на празникот Педесетница има прозба „за оние што во адот се држени“ (т.е. за оние што се во адот), Господ да ги упокои „на место светло, место пријатно (изобилно), место покојно“. Црквата верува, дека по молитвите на живите, Бог може да ја ублажи судбината на починатите, избавувајќи ги од маките и удостојувајќи ги со спасение заедно со светиите.
Еден западен средновековен расказ праскажува за свештеник кој, кога служел заупокоена Литургија, во моментот на вознесување на светите дарови, видел мноштво души како излегуваат од местото на маката „како безбројни огнени искри, кои излегуваат од запалена печка, и видел тој како тие восходат на небото заради заслугите од Страдањата Христови, зашто Христос секој ден се принесува во жртва за живите и мртвите“. Овој расказ го изобразува она што се случува за време на литургиската молитва за упокоените: душите се ослободуваат од маките и се соединуваат со Христос.
Литургиската молитва е молитва за чедата на Црквата. Но, дали може да се моли за некрстените, особено за оние што починале вон Црквата? Во Светото Предание нема директен одговор на овие прашања. Сепак, постојат многу индиректни сведоштва, дека молитвата за починатите надвор од Црквата се прима од Бога и тие добиваат олеснување и утеха. Во „Алфавитниот патерник“ се раскажува за свети Макариј Египетски, кој еднаш, одејќи по пустината, видел череп што лежел на песокот и, откако го допрел со стапот, прашал: „Кој си ти?“. Черепот одговорил: „Јас бев жрец на идолопоклониците, кои живееја на ова место, а ти си ава Макариј, кој во себе Го има Духот Свет; кога, сожалувајќи се над оние кои се наоѓаат во вечната мака, се молиш за нив, тие добиваат некое олеснување“. Понатаму черепот му кажал на Макариј, дека маката на идолопоклониците не е најстрашното, бидејќи подолу во адот се наоѓаат христијаните, кои не ја исполнувале волјата Божја.
Еден друг, уште попоразувачки расказ има во некои рани житија на свети Григориј Богослов – за тоа, како душата на императорот Трајан била „крстена“ во адот од солзите на светиот Григориј. Трајан бил гонител на христијаните, сепак, тој направил едно дело на милосрдие (се застапил за вдовица), за што дознал свети Григориј. Преисполнет со жалост, тој пошол во црквата и со солзи се молел за душата на гонителот до тогаш, додека не примил откровение дека неговата молитва е услишана. „Нека не се зачудува никој, кога велиме дека тој (Трајан) бил крстен, зашто без крштение никој нема да Го види Бога, има и трет вид на крштение – крштение во солзи“– говорат авторите на житието. „Иако тоа е редок случај – коментира еромонахот Серафим (Роуз) – сепак, тој им дава надеж на оние, чиишто блиски починале надвор од верата“.
Во Православната црква нема обичај да се спомнуваат некрстените, исто како и инославните христијани, на Литургијата. Но, тоа не значи, дека воопшто не може за нив да се моли. Прашањето за молитва за упокоените инославни се опсудувал во периодот пред Помесниот собор во 1917 година. Се забележувало, дека никакви древни канонски одредби за тоа нема: правилата што забрануваат молитва заедно со „расколници“ и со „оние што се во ерес“ немаат никаков однос кон молитвата за упокоените инославни, иако противниците на таквата молитва на нив се повикувале. Протоерејот Е. Аквилонов пишувал во „Црковниот весник“ од 1905 година, дека молитвата за покојниот лутеран ќе биде непријатна за самиот тој лутеран, затоа што тој при животот не верувал во силата на заупокоените молитви; таа ќе биде небарана услуга, затоа што „во смртниот час покојниот не размислувал за преминување во Православие“. Авторот како пример приведува различни корпорации, асоцијации, научни и индустриски заедници, кои строго ги пазеле своите корпоративни „граници“ и не допуштале таму да продрат надворешни луѓе: „Секој член на Црквата е обврзан да изгради во себе вистински христијански, православно-црковен корпоративен дух и, не заборавајќи го долгот на љубов кон ближниот, строго во своите раце да го држи црковното знаме“.
На протоерејот Аквилонов му возвратил В. Соколов, авторот на книгата „Дали е можно и дали треба да се молиме во црква за упокоените инославни?“, издадена од Московската духовна академија: „Во сите тие зборови одекнува некоја необична суровост, некаква претерана самољубива грижа да не се укаже излишна услуга и со неа да се покаже наметлив и непобаран; во нив сосема е заборавено за тоа, дека без оглед на разликата во исповедањата, ние сите сме христијани и затоа, љубејќи ги ближните свои, сме обврзани да им укажуваме голема помош. Починатите лутерани и реформатори за време на својот живот не верувале во молитвите за упокоените. Но, што има врска тоа? Еве, ние сме православни! Ние веруваме дека нашата молитва може на покојниот да му укаже голема помош“. Вистинското Православие, се вели, исто таму, не диши со „корпоративен“ дух, туку со духот на љубовта, милосрдието и снисходливоста кон сите луѓе, вклучувајќи ги и оние што се наоѓаат надвор од Православната црква.
епископ Иларион (Алфеев)
Од катихизисот: Таинство веры, Клин 2005.
Подготвил: Георгиј Глигоров