Дали е опасно да се причестува од една лажица?
За проверената повеќе од илјада години пракса без страв да се употребува општата лажичка при причестувањето
Лажица (од грч. Λαβις– клешти, маша) е специјална мала лажичка со крст на крајот од долгата рачка, со која се извршува причестување на лаиците и црковнослужителите.
Грчкиот назив на лажицата напомнува на клештите, со кои серафимот го зел разгорениот јаглен и ја допрел устата на пророкот Исаија (Ис 6,6).
Причестувањето на лаиците со помош на лажица во една духовна смисла покажува дека верните во Христа се соединуваат со Бога преку Црквата, која ги храни нив со духовна храна.
Исто како и сите свештени садови, и таа се прави од скапоцени метали или метали што не рѓосуваат.
За оние што никогаш не се причестувале со Светите Христови Тајни, ќе истакнеме неколку моменти што говорат за проверената повеќе од илјада години пракса без страв да се употребува општата лажичка:
1.Свештенослужителот секогаш последен се причестува. Тој ги употребува преостанатите Дарови. Еве што кажува за тоа отец Александар Григорјев, старешина на затворскиот храм посветен на светиот благоверен и велик кнез Александар Невски во затворот „Крстови“ и храмот посветен на светиот Николај при Воено-медицинската академија:
„Јас бев ипоѓакон од 1979 година. Потоа долго време служев како ѓакон и гледав како служат многу стари протоѓакони. Кога свјатејшиот патријарх беше во посета на митрополитот Санкт-Петербуршки и Ладожски, јас бев економ и насекаде патував со него. Понекогаш од 10 чаши се причестуваше огромен број луѓе и потоа истите тие чаши се употребуваа. Самите сфаќате дека помеѓу илјадниците причесници најверојатно има и болни луѓе. И нашите протоѓакони, кои служат по четириесет и повеќе години, до ден денес ги употребуваат преостанатите Дарови и од ништо не боледуваат. На Бога Му служи целиот свет и Нему Му се потчинуваат дури и бактериите и микробите.
Во сите времиња епидемиите и болестите се сметале како казна Божја. И заштита од нив секогаш биле молитвата и Светите Тајни.“
2.Причестувањето се извршува во многу болници и затвори. Тешко е да се претпостави дека администрацијата на тие установи е сочинета од убедени православни христијани. Исто така е тешко да се претпостави дека тие намерно ги затвораат очите при распространувањето на опасни инфекции. Освен тоа, таму добро е прилагодена статистиката на заболувањата.
3.Во минатите векови, кога сèуште немало вакцини, луѓето не престанувале да се причестуваат дури и во време на епидемии. Зар народот не би ја забележал оваа опасност?
4.Атеистите се обидуваат да искористат различни аргументи против религијата, но поради чудесниот тек на околности, „забораваат“ на овој аргумент. Иако даваат некакви слаби „докази“ како, на пример, дека светата вода има чудесни својства благодарение на среброто (иако водата често се зема директно од река, се осветува со дрвен крст и се налева во пластични шишиња).
За воцрковениот христијанин, оваа ситуација е кардинално спротивна, зашто ние во молитвите пред причестување од Господа просиме (не ние, туку) Тој да не се згнаси од нашите усти:
Како што не си ја отфрлил сличната на мене грешница, која дошла и се допрела до Тебе, смилувај се и над мене, грешниот, кој доаѓам и се допирам до Тебе. И како што не си се згнасил од нејзината нечиста уста, која Те целиваше Тебе, не гнаси се и од мојата уста, поскверна и понечиста од нејзината, не гнаси се од нечистите и скверни усни, и од мојот понечист јазик. Но, жарта на пресветото Твое Тело и чесната Твоја Крв да ми биде за осветување, просветување и утврдување…
(Молитва на св. Јован Златоуст)
***
Од житието на светителот Јован Шангајски и Сан-Франциски:
„Госпоѓата Мењшикова била касната од куче. Таа или не ги примила пропишаните инјекции (вакцини) или тоа го сторила невнимателно… и заболела од страшната болест. Дознавајќи за тоа, владиката Јован побрзал со Светите Дарови кон жената на умирање. Кога ја причестил, таа доживеала напад: почнала да пени и ги плукнала штотуку примените од неа Свети Дарови. Но, Светите Тајни не смеат да бидат фрлени, и владиката ги собрал и ги употребил (изел) нив, коишто биле плукнати од болната жена. Прислужниците што биле со него повикале: „Владико, што правите?! Лудилото е многу заразно!“ Но, владиката со спокој одговорил: „Ништо нема да се случи, тоа се Свети Дарови“. И навистина ништо не се случило.
***
Од книгата на ѓакон Андреј Кураев „Црквата во светот на луѓето“.
– Околу прашањето за гадливоста. Кај нас причестувањето со Христовите Тајни се извршува со една лажица. Зошто треба да ги отфрлам таквите мисли како: дали е здрав или болен човекот кој се причестува пред мене?
– Тоа не е добро, тоа се невоспитани мисли.
– Ама тие се испровоцирани.
– Тие се испровоцирани од истото што го испровоцирало Јуда. Дванаесетте апостоли не се причестувале од лажица, туку тие пиеле од една иста чаша. Замислете си дека сте 13-тиот апостол, влегувате на Тајната вечера и велите: „Ах, овие мажишта тука се валкани, галилејци – провинцијалци. Од кога се немаат избањато? Да не се болни од нешто? Јас нема да се допирам со моите усни на заедничка чаша по нив!“ А Литургијата е токму Тајната вечера.
Добро, не сакате богословски, ќе ви кажам медицински. Јас сум ѓакон. Откако сите парохјани ќе се причестат, тоа што останало во чашата, треба јас да го испијам. Потоа треба да ја измијам чашата, па дури и таа вода не смеам да ја излијам, туку повторно треба да ја испијам. Од аспект на хигиената, сите зарази што постојат во мојата парохија, а тоа значи сите болести во Москва, се мои. Ве уверувам дека во текот на 15-те години од мојата служба како ѓакон, ниту еднаш не сум боледувал од инфективни болести. А кога бев само студент на Универзитетот и во Богословијата, тогаш секоја зима боледував од нешто – инфекција или грип – по десет дена лежев. На крајот на краиштата, во што веруваш, тоа и добиваш.
Извор: https://azbyka.ru/zdorovie/opasno-li-prichashhatsya-iz-odnoj-lzhicy
Превод: Г.Г.
Текстот е нестручно и површно преведен од бугарски, иако никаде не покажува. Добар лингвист ќе открие дека наместо зборот заедничко стои „општо“ (чисто бугарски), низ синтаксата нема сврзници „му, го, ги“ (чисто бугарски), а коишто се преведуваат кога се пишува текст од бугарски на македонски. – нестручно. Јавен текст јавно и се комнетира.