Да се биде христијанин е сериозно нешто

rsz_1ksenia_04_originalxq

Најверојатно сте забележале како во одреден момент од службата, свештенослужителите повикуваат: Огласени, излезете. Што значи тоа? Во раната Црква христијаните имале посериозен однос кон присоединувањето на луѓето кон заедницата на христијанската Црква. Не се станувало така едноставно христијанин: ќе одиш и ќе закажеш крштевка, оти без неа нема да можеш да се венчаш во црква со својата избраничка, и свештеникот ќе ја заврши работата. Во старо време оние што сакале да станат членови на Црквата поминувале одреден период (месеци, па и години) на подготовка за Крштение. Таа подготовка се состоела од изучување, пред сè, на Светото писмо, Библијата, како и на основите вистини на христијанското Откровение. Потоа се крштевале масовно, обично на Велика Сабота спрема Пасха, па кога на Литургија ќе слушнете, дека наместо познатата Трисвета песна (Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмртни, помилуј нè) се пее Елици во Христа (Вие сите кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте), тоа претставува еден остаток од таа древна пракса. И веднаш по Крштението, следел еден друг вид на катихизација (поучување преку беседи), која се нарекувала мистагошка (тајноводствена), кога овие огласени веќе како новопросветени христијани биле подлабоко воведувани во тајната на христијанскиот духовен живот. Обично таа мистагошка катихеза била спроведувана од страна на возглавителите на црковните заедници, епископите (имаме записи на такви поуки од св. Кирил Ерусалимски, св. Јован Златоуст и др.), и таа поука се одвивала со паралелно учество на верните во светите тајни, како полноправни членови на Црквата.

Во доцната антика, 4-5 век, во т.н. златен период на Христијанството, имало пракса да не ги крштеваат децата, затоа што се плашеле дека тие, ако како млади ја отфрлат верата, враќањето би бил еден тежок и долготраен процес, а важноста на ова прашање било поврзано, секако, со вечната судбина на човекот (Посланието до Евреите бескомпромисно говори дека е невозможно откако човекот отпадне, повторно да се врати во Црквата). Така, во црковната историја читаме како св. Василиј Велики се крстил на 30 години, а потекнувал од многу побожно семејство, а таков бил примерот и со многу други светии.

Според тоа, во нашиот случај, како што е и случај во другите традиционално православни земји, стапувањето во Црквата најчесто значи реактуализација на Крштението на оние што во детство биле крстени. И во тој случај, катихезата со право можеме да ја наречеме – мистагошка, затоа што поуката се случува заедно со учество на човекот во светите тајни. Но, како што видовте, во древната Црква не било така. Тие посериозно се однесувале кон статусот христијанин. И мислам дека барем во тоа можеме да се поучиме од оваа историја. Мораме да имаме сериозен пристап. Затоа што тука станува збор за разрешување на оние конечни, ултимативни прашања што отсекогаш го засегало човештво, кои биле предмет на мудрувањата на философите, а кои си ги поставува секој човек кој здраво размислува, имено, прашањата за постоењето Бога, на злото и доброто, смислата на животот, од каде сме, каде одиме, прашањето на смртта. А во Црквата се наоѓаат одговори токму на тие суштински прашања, а со тоа и смисла на животот. А вистински смисла на животот може да му даде само она што ќе ја осмисли и смртта. За разлика од другите философски и религиозни системи, Христијанството не само што ја осмислува неа, туку тоа ја прогласи победата над смртта којашто се случи во Христа, со Неговото Воплотување, смртта и Воскресението. И таа веќе не е страшна, туку е преобразена во Пасха, Премин, од оваа падната форма на постоење во онаа другата, преобразената, вечната. И, во таа смисла, Христијанството дава повод човек вистински да му се радува на животот. Оти, ако со смртта сè завршува и таа го има конечниот збор, тогаш сè е апсурдно, па апсурдни се и сите оние залажувања со кои си го „осмислуваме“ животот само за момент, сите идеологии, убедувања, зашто на сè ќе му дојде крај. Но Христос ја победи смртта и победата над неа ја дава секому кој е соединет со Него, т.е. е член на Неговата Црква.

(продолжува)

Прв дел

Георгиј Глигоров

Еден коментар

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *