Црквата на Светиот Дух
Последниот дел од Символот на верата (дополнет на Вториот вселенски собор во Константинопол 381 г.) гласи:
Верувам… и во Светиот Дух, Господ, Кој живот твори, Кој излегува од Оца, на Кого се поклонуваме, и Го славиме заедно со Оца и Сина, и Кој говорел преку пророците;
Во една, света, соборна и апостолска Црква;
Исповедувам едно крштение за простување на гревовите;
Го чекам воскресението на мртвите;
И животот во идниот век. Амин.
Древната вера во Божеството на Светиот Дух, третото Лице на Пресвета Троица, Црквата ја искажала на Првиот вселенски собор во Никеја 325 г., а ја потврдила на Вториот во Константинопол 381 г. (кога и го проширува Символот на верата: Господ, Кој живот твори, Кој излегува од Оца…). Ова објаснување претставува реакција на Црквата против духоборечката ерес (пневматомахијанизам, македонијанство), која учела погрешно за Светиот Дух дека е битие пониско од Отецот, коешто не е Бог, а во крајна линија, само создание. Било променето и древното славословие „Слава на Отецот преку Синот во Светиот Дух“ во „Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух“, со што се укажувало на рамночесноста на трите Лица во Бога.
Според учењето на Црквата, Синот беспочетно се раѓа од Отецот, а Светиот Дух беспочетно происходи (произлегува) од Отецот. Постои разлика помеѓу овие две нешта, но што е раѓање, а што происходење, сепак, останува тајна за човечкиот разум. Главната разлика меѓу Римокатоличката и Православната црква се наоѓа токму во учењето за Светиот Дух. Според западното поимање, Бог е еден затоа што е една суштина, па од таа причина не било проблем да го додадат Filioque (и од Синот) во Символот (оти нема нарушување на единството на Бога). Но, на Истокот, во православното разбирање Бог е еден, бидејќи е Отец. Личноста на Бог Отец е единствениот Извор и Причина за вечното постоење на Пресвета Троица: Он љубовно и предвечно Го раѓа Синот, а Духот происходи од Него. Тоа се нарекува монархија на Отецот, па затоа за источното поимање западното учење, дека Духот происходи и од Синот, е неприфатливо, затоа што со тоа се руши монархијата на Отецот и влегуваме во дијархија (двоначалие, т.е. двобожие). Значи, на Запад Бог е прво суштина, па потоа Троичен, додека кај православните Бог е прво Троичен, па потоа еден по суштина. Ова било тема за спорење уште во времето на светите браќа Кирил и Методиј. Според православното учење, Светиот Дух происходи само од Отецот, а се раздава (или испраќа) од Синот.
Верувале или не, поделбата меѓу Западната и Источната црква во 1054 г. (Големата шизма) се случила, не поради разликите во верата (она што навистина ги разделувало и разделува), туку (од денешна перспектива) за второстепени нешта поврзани со ритуалната пракса (дали да се употребува квасен или бесквасен леб во Литургијата, дали да се пее Алилуја на Пасха и околу постот во сабота).
Светиот Дух дејствувал и во Стариот завет како вдахновувач на пророците и Писмото, но во Новиот завет, на Педесетница, кога слегнал врз апостолите, конечно се објавил во светот во Својата Личност. Настанот на Педесетница претставува исполнување на ветувањето што го дал Христос, дека ќе испрати Утешител (Јн 15,26). Со слегувањето на Духот апостолите стануваат заедница, Црква. Затоа велиме дека Духовден е роденден на Црквата, кога таа се актуелизира (остварува) како таква.
Црквата не е само Тело Христово, туку и заедница на Светиот Дух Којшто живее во неа. Благодатта на Духот доаѓа до израз во светотаинскиот живот на Црквата, а посебно во Евхаристијата (Литургијата). Соборноста како начин на живот во Црквата е икона (образ) на вечното постоење на Троица. Црквата се пројавува како заедница првенствено благодарение на Светиот Дух, Кој делува преку различните дарови и служења на клириците и лаиците.
Зборот црква значи собрание (на грчки еклисија, од еккалео – повикува). Црквата е собрание на повиканите од Христос (сп. Не Ме избравте Мене, туку Јас вас... Јн 15,16), кои поверувале во Него и живеат преку Него. Таа е Богочовечки организам, Тело Христово: Вие сте Телото Христово, а поодделно – членови (1Кор 12,13). Во Литургијата верните се остваруваат како тоа Тело: Бидејќи лебот е само еден, едно тело сме ние многуте, зашто сите сме причесници од еден леб (1Кор 10,17). Црквата е евхаристиското тело на Христос: Евхаристијата нè соединува нас со Него и еден со друг. Христос е Глава на Црквата и прв член, а во неа членуваат и Мајката Божја, ангелите и светиите. Затоа велат – небесна Црква (ангелите и упокоените) и земна, која се бори (живите), но оваа поделба е само условна: Црквата е една и неделива.
Апостолската заедница конечно се осознала себеси како Црква во моментот на Педесетница, кога врз апостолите слегнал Светиот Дух во вид на огнени јазици, со што добиле сила за проповед на Евангелието на сите народи. Смислата на ова се содржи во кондакот на празникот: „Кога слегна да ги смеша јазиците, Вишниот ги раздели народите, а кога раздаваше огнени јазици сите ги повика на соединување, и согласно/заеднички Го славиме Сесветиот Дух“. Тука имаме напомнување на старозаветниот расказ за градењето на вавилонската кула, која е символ на богопротивништвото. Разрушеното единство на човештвото, по вина на луѓето, се востановува во Црквата, каде нема разлика по национална и јазична основа, туку на сите им се дава „нов јазик“ – јазик на вера и молитва, едномислие и љубов (Иларион Алфеев).
Подготвил: Георгиј Глигоров