Црквата како заедница

Воведна реч на „Неделната катихетска школа“ во црквата „Св. Петка“ – Штип (04.05.2014)

nks posledno

Христос воскресна!

Добредојдовте сите.

Конечно, со благослов на нашиот Владика, дојде време да се воплоти една идеја што долго време тлееше како желба – имено, една ваква дружба на нас православните христијани, кога собирајќи се во црква на Светата Литургија, по нејзиното завршување да го продолжиме нејзиниот опит, нејзиното доживување, како тајна на Црквата која претставува заедница, општина на конкретни личности.

Центарот на христијанскиот живот е токму Светата Литургија и во Црквата практично сè произлегува од неа или насочува кон неа. Литургијата претставува Тајна на Христовото присуство во Црквата (исполнување на Неговото ветување дека ќе биде со нас до крајот на историјата), кога Он е меѓу Своите (како што бил со апостолите по Воскресението зад затворени врати) и ние мистично, светотаински, општиме со Него, буквално примајќи Го Него Самиот преку светата Причест, кога Го примаме Неговото Тело и Крвта под најсуштинските за живот форми – лебот и виното. Секако, тоа не е нешто што се гледа со физичките очи, туку со внатрешните, со срцето (како што во култната книга, со изразен симболизам, „Малиот принц“ лисицата вели: со срцето најдобро се гледа). Ова ќе го разбере оној што има барем некаков опит на верата, а верувам дека повеќето од вас знаат за што зборувам.

Првите христијани по Христовото Вознесение прво што правеле се собирале на едно место во Господовиот ден (неделата) и „прекршувале леб“, на тој начин, уште сега го предвкусувале животот на Царството Небесно. И, претставете си, тоа било уште пред да биде создаден Новиот завет, уште пред да бидат напишани Евангелијата и посланијата од страна на апостолите. Најпрво што правела Црквата – служела Литургија. И ова е важно да се знае, дека Црквата не се базира на некакви списи, на некаква книга (во случајот Новиот завет), туку на настанот на Христовото Воскресение, на опитот што го имале апостолите со Воскреснатиот и на тој нов воскреснат живот даруван во Христа, а тој опит го доживуваме и ние во Литургијата. Значи, Литургијата е постара од Новиот завет (наспроти принципот Sola Scriptura на протестантите, според кој тие целосно се основаат на Библијата како на полнота на Откровението, занемарувајќи го останатото Предание, а со тоа и Литургијата и нејзиниот жив опит).

Она што сакам да потенцирам е важноста на Литургијата сфатена како општо дело (тоа и значи зборот), заедничко дело на конкретни личности, крстени христијани кои во неа се актуелизираат во она што навистина се – Тело Христово, Богочовечки организам чија глава е Христос. И важно е да се разбере вистинската смисла на Литургијата, оти како што вели Хомјаков, Црквата ја разбира само оној кој ја разбира нејзината Литургија. Во Литургијата ние го остваруваме нашето членство на Црквата. А Христос не дојде да го спаси човекот секого како одделна индивидуа, туку да го спаси човештвото како заедница, како Црква, значи – соборно, колективно. Во денешно време многу често може да се слушне приговорот од типот: не ми треба црква, попови, за мојот однос со Бога… Да, во некоја смисла, таа констатација е точна (секој личносно го гради својот однос со Бога), но во принцип е толку погрешна, затоа што тука се гледа неразбирањето на постоењето на Црквата, имено, дека Бог преку Христа го спасува човештвото како заедница.

Една од целите зошто се организираат овие средби, и тоа непосредно по Светата Литургија, е тоа што и во сознанието на нашиот православен народ е изгубено чувството за црковност. Како да постои некаков истакнат индивидуализам, каде Црквата се разбира како некаков сервис за некакви духовни услуги, па секој од духовната „шведска маса“ си зема што му е потребно. Порано секој акт во Црквата бил општ и се однесувал на целата заедница: крштевка ли било, венчавка ли било, погреб ли било и сè од тие нешта се вршело во склоп на Литургијата, во општото дејствие на целата Црква. А сега дури и самата Литургија се сфаќа индивидуално: ако некој почувствувал некаква потреба, ќе дојде (како промаја) ќе запали свеќа и толку… Можеби еднаш во годината ќе се причести… И во самата Литургија денес Црквата стана не заедница на конкретни личности, туку место на попатни случајни посетители – богомолци, кои доаѓаат по некоја своја потреба, и не се препознаваат меѓу себе како браќа и сестри… А ние, всушност, тоа и сме. Кога во Црквата велиме дека сме браќа и сестри меѓусебно, тоа не е нешто симболично, преносно, некаква си површна флоскула, туку нешто што претставува сушта реалност – ние сме не само духовни, ами и крвни браќа и сестри, бидејќи причестувајќи се со Христа во нашите вени тече Неговата Крв, соединувајќи нè нас со Него, и сите нас меѓу себе, на тој начин, навистина правејќи нè нас браќа и сестри.

И така, ова претставува почеток на еден циклус на дружења, заедничарење меѓу нас (кои се надеваме ќе сменат нешто по однос на она што претходно го споменав), средби на кои ќе се поучуваме во нашата вера, која не секогаш доволно си ја познаваме, а и да го повториме она што го знаеме (според древната општораспространета изрека: Repetitio mater studiorum est – Повторувањето е мајка на знаењето), но истовремено, како што вели ап. Павле – да се утешуваме и поткрепуваме со заедничката вера (Рим 1,12). Се надевам дека Бог ќе даде ова да стане традиција, па после службата да се среќаваме, да разговараме, да испиеме по еден чај или кафе, и ова да претставува на некој начин продолжение на Литургијата, сфатена како соборно, заедничко дело, или литургија по Литургијата. Та црквата да ја почувствуваме како свој дом.

Концептот на овие средби е ваков: најпрво да се задржиме на одредена тема од православното вероучение, па потоа да се поставуваат прашања поврзани со дадената или со некоја друга тема, не мора прашања, може тоа да се и коментари, споделувања на сопствени искуства, секако, нешто што би прераснало во дискусија и разговор.

(продолжува)

Подготвил: Георгиј Глигоров

Еден коментар

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *