Клајв С. Луис: Митот стана факт

Мојот C.S.-Lewisпријател Коринеј (Corineus) го покрена обвинувањето дека никој од нас, всушност, не е христијанин. Според него, историското Христијанство е нешто толку варварско, во што ниту еден модерен човек не може навистина да верува. Модерните луѓе што тврдат дека веруваат, всушност, веруваат во модерниот систем на мислата кој го содржи речникот на Христијанството и ги ползува емоциите наследени од него, додека потајно ги отфрла неговите основни доктрини. Кориниј модерното Христијанство го споредува со модерната англиска монархија: формите на кралството се задржани, но реалноста е напуштена.

Јас верувам дека сево ова е погрешно, освен неколкуте „модерни“ теолози кои, по Божја милост, стануваат сè помалку секој ден. Но, за момент да претпоставиме дека Коринеј е во право. Да се преправаме, заради приказ, дека сите што се нарекуваат христијани ги отфрлиле христијанските доктрини. Да претпоставиме дека модерното „Христијанство“ претставува систем од имиња, ритуали, формули и метафори кои опстанале, иако мислата зад нив се променила. Коринеј би требало да го објасни опстанокот.

Зошто, според него, сиве овие образовани и просветени псевдо-христијани инсистираат да ги изразуваат своите најдлабоки мисли со помош на архаична митологија, која сигурно им отежнува и ги засрамува во секој поглед? Зошто одбиваат да ја пресечат папочната врвца што го поврзува живото и здраво дете со неговата мајка во агонија? Бидејќи, ако Коринеј е во право, ќе биде големо олеснување за нив да го сторат тоа. Сепак, чудно е што дури и оние што изгледаат најзасрамено од содржината на „варварското“ Христијанство во нивната мисла, одеднаш стануваат тврдоглави кога се бара од нив да се ослободат од тоа сосема. Тие ќе ја оптеретат врвцата речиси до точка на кинење, но ќе одбијат да ја пресечат. Понекогаш тие ќе го направат секој чекор, освен последниот.

Ако сите што го исповедаат Христијанството беа клирици, ќе беше лесно (макар остро) да се одговори дека нивната егзистенција, всушност, зависи од непреземањето на последниот чекор. Дури и ова да било причина за нивното однесување, дури и ако сите клирици се интелектуални проститутки кои проповедаат за плата (која обично е бедна) нешто за што потајно веруваат дека е погрешно, тогаш тие со сигурност шират помрачување на совеста меѓу илјадници луѓе, кои инаку не се препознати како престапници – самото тоа бара објаснување? Секако, исповедањето на Христијанството не се ограничува само со клирот. Тоа се исповеда од милиони жени и лаици коишто поради ова претрпуваат презир, непопуларност, сомнеж и непријателство од сопствените семејства. Како се случило ова?

imageh

Ваквата тврдолглавост е интересна. „Зошто не се пресече врвцата?“ – прашува Коринеј. „Сè би било многу полесно, ако ја ослободиш својата мисла од оваа застарена митологија“. Со сигурност би било далеку полесно. Животот би бил далеку полесен за мајката на инвалидно дете, ако таа го стави во институција и наместо тоа посвои нечие друго здраво бебе. Животот би бил далеку полесен, ако мажот ја напушти жената во која се вљубил и се ожени со некоја друга бидејќи е попогодна. Единствениот недостаток на здравото бебе и соодветната жена е тоа, што тие ја отстрануваат единствената причина на нашиот пациент воопшто да се грижи за дете или за жена. „Зар разговорот не би бил многу порационален од танцувањето (за време на бал)?“ – рече госпоѓа Бингли на Џејн Остин. „Да, многу порационален – одговори господин Бингли – но, тогаш ова не би личело на бал“[1].

Според тоа, ќе биде многу порационално да се укине англиската монархија. Но што ако со тоа се отстрани единствениот елемент во нашата земја што е од најголема важност? Што ако монархијата е оној канал преку кој сите витални елементи на општествениот живот – лојалноста, осветувањето на секуларниот живот, хиерархискиот принцип, величието, церемонијата, континуитетот – сè уште претставуваат вода со која се наводнува песочната бура на модерната економска политика?

Вистинскиот одговор дури и на „најмодернистичкото“ Христијанство до Коринеј е истиот. Дури и да се претпостави (нешто што постојано негирам) дека учењата на историското Христијанство се само митски, тоа е мит што е витален и претставува суштински елемент во целата работа. Коринеј сака да бидеме во чекор со времињата. Но, знаеме каде водат времињата. Тие исчезнуваат. Но, во религијата ние наоѓаме нешто што не исчезнува. Тоа е она што опстанува и што Коринеј го нарекува мит, а она што исчезнува е токму она што тој го нарекува модерна и жива мисла. Не само мислата на теолозите, но и мислата на антитеолозите. Каде се предците на Коринеј? Каде е епикурејството на Лукрециј[2], паганската обнова на Јулијан Отстапник?[3] Каде се гностиците, каде е монизмот на Авероес[4], деизмот на Волтер, догматскиот материјализам на великите викторијанци? Тие исчезнаа со времињата. Но, нештото што тие сите го напаѓаа остана, а Коринеј смета дека сè уште треба да се напаѓа. Митот (да го употребиме неговиот јазик) ги надживеа мислите на сите негови бранители и на сите негови противници. Митот е оној што дава живот. Дури и во модернистичкото Христијанство оние елементи, коишто Коринеј ги смета за застарени, се суштината, а она што тој го смета за „реално модерно верување“ е, всушност, сенката.

(продолжува)

[1] „Гордост и предрасуда“, глава XI.

[2] Тит Лукрециј Кар (99-55 пред Христа) е римски поет.

[3] Римски иператор (361-363 по Христа).

[4] Авероес од Кордоба (1126-98) верувал дека постои само еден разум, кон кој се „причасни“ сите луѓе, исклучувајќи ја личната бесмртност.

Клајв Стејплс Луис (C.S. Lewis)

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *