Борба со постот: има ли излез? (2)

Втор и последен дел од написот

rsz_seafood

Треба ли да се извлече заклучок дека сето ова не е задолжително за мирјаните, па оттаму да може со мирна совест да се отфрлат сите тие не-мирјански устави? Во никој случај. Црквата и анархијата се неспоиви нешта. Фактот дека немаме мирјански устав за пост воопшто не е основа за дисциплинарен произвол. Напротив, тоа е импулс за црковно творештво. Не смееме, а да немаме црковен устав за пост.

Од друга страна, разбираме дека сегашната организација на постот не функционира. Заклучокот е едноставен: на себе треба да се земе трудот на канонското творештво. Кој ќе го земе на себе тој труд? Некој црковен орган, специјално востановен од ерарсите. Во него би влегле не само професионални богослови и историчари, туку и опитни луѓе во духовниот живот.

Резултат на тој орган треба да биде некое Правило за пост, во кое подетално и урамнотежено ќе биде опишана адекватната за современиот човек практика на мирјански пост – важен е самиот тој термин кој треба органски и законски да влезе во канонските документи на Црквата. И во тоа Правило треба да бидат опишани општозадолжителните, но разумни и основани барања, упатени од Црквата кон православниот човек, а исто така и сите случаи на ублажување на постот, на пример, за болни, деца, бремени жени, патници, да бидат опишани нормите на пост пред Причест, за совеста на луѓето да биде мирна, да не се раскинува од чувството на вина и од специфичната православна посна депресија.

Секое поглавје од Правилото треба да биде пропратено со историски осврт, за луѓето да разберат дека тој документ не е предизвикан од страна на реформаторство и модернизам, туку од законски (вистински) потреби на црковниот живот. Зашто црковната древност не знаела за такви строги пости, како сега, особено за мирјани.

На сите ни е познато дека Петровденскиот пост е духовна вежба за луѓето, кои немале можност да го носат Великиот пост. Зошто јас, великопосникот, да држам уште и Петровденски? Божикниот и Богородичниот (Успенскиот) пост во древноста биле запазувани само од монасите и тоа во некои манастири, затоа што секој манастир имал свој сопствен и посен и богослужбен устав, и тоа е апсолутно нормално.

За Божикниот пост мирјаните ги постеле само петте последни денови, а во останатите денови се воздржувале само од месо, јадејќи млечни производи. Имало време кога на мирјаните им се дозволувала употреба на млечна храна во Божикниот, Петровденскиот и Успенскиот пост.

Зошто да не се вратиме на таа пракса? Оти храната е друга, зар не? Да се јаде риба, лигњи, школки и модерни печурки денес е раскош, и не треба да се залажуваме – бесмислено е да се троши на храна за време на пост повеќе, отколку во непосен период.

А сите оние најнови измислици на православното благочестие – „посен мајонез“, „посна урда“? Зар тоа не е безобразие? Или пост – или мајонез! Зошто да се мами?

Едно посебни и многу деликатно прашање кое бара појаснување, прашање кое мене, како монах, и не треба да го допирам, но како духовник, не може да ме одмине – блискоста на сопрузите за време на пост.

Јас знам многу епизоди на гласни разводи, прељуби, скандали и едноставно ужаси што регуларно се повторуваат во православните семејства. Верувајте, тоа е проблем и за потполно воцрковен пар, и обично во неговото разрешување се предаваат на суд на духовникот, а неговиот совет или решение можат да бидат многу неочекувани. Ако свештеникот има „напад на благочестие“, тогаш е подобро веднаш да се разведеш и да појдеш в манастир.

Луѓето сакаат сè да прават правилно, „како што е одредено“, тоа е природно својство на добрите луѓе. Затоа, чинам, е неопходно да се пронајде правилен пристап при решавањето на овој проблем, јасно разбирајќи дека негово разрешување нема да најдеме во канонските текстови, составени најчесто од монасите и безбрачниот епископат, а значи ќе има потреба од творeчки труд на современата канонска мисла, и од тоа не треба да се плашиме, бидејќи тој труд требаше уште одамна да нè разбуди и да пристапиме кон решавање на црковните проблеми, што се насобрале за еден милениум.

Искрено, едноставно е тешко да се гледа како се мачат луѓето, уште повеќе што постојат едноставни и сосема достапни механизми за решавање на овој проблем. Пријатели мои, во нашиот живот и така има многу болка, страданија и компликации, зошто и во Црквата самите си создаваме вештачки тешкотии?

Дали еден таков канонски текст ќе ги реши сите проблеми? Секако не, и не треба да се гаат илузии во таа насока. Луѓето ќе останат луѓе и никаков, па макар и највнимателно разработен закон, нема да ги покрие сите нијанси на човечкиот живот. Но, на крајот на краиштата, сите наши проблеми е можно и потребно да се опсудуваат активно, и ваквите опсудувања, каков и да е нивниот резултат, сами по себе се полезни за црковниот живот.

Комуникацијата на христијаните по повод некои сериозни прашања, исто така претставува духовна вежба, која нè учи да слушаме, разбираме, да го изучуваме јазикот и мислата на опонентот, да спориме без злоба, да наоѓаме зборови и формулации, разбирливи за нашите дискутанти.

Некои можеби ќе се спротивстават дека ваквото творештво противречи на послушанието кон Црквата. А зар ние не сме дел од тоа семејство, што сме ние – посвоени деца, неродени деца, никој не прашува за нашето мислење?

Нашите богослови ќе го состават Правилото, народот Божји ќе го прими, архиереите ќе го утврдат – и сите заеднички ќе го слушаме, благодарејќи Му на Бога во пост и молитва.

архимандрит Сава Мажуко

Прв дел

Извор: pravmir.ru

Г.Г.

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *