Борба со постот: има ли излез?
Прв дел од написот во два дела
Постот е тежок. Но не поради тоа што сите колективно сме стомакоугодници. Сè што е прекрасно е тешко, а ако станува збор за аскетски труд, вистинскиот естетичар е способен да ја види неговата неминлива убавина и да се вкочани во благодарен восхит. Но, знаеме дека постот поблиску е поврзан, не со убавината, туку попрво со депресијата.
Постот е духовна вежба? Никој не спори. Постот е полезен за духовниот живот? Никој не противречи. Православната црква на своите чеда им пропишува определен ритам на пост? Никој не се сомнева. Во што е проблемот? Проблемот е во трагичната несоодветност на црковните прописи со реалноста во која живееме. Тоа не е јаз меѓу законот и благодатта, како што често се мисли, туку меѓу црковното законодавство и реалноста.
Мнозинството православни, ако и пости, тогаш не го прави тоа како што предвидува Типикот, т.е. црковниот устав. Ама совеста во сите нас е жива и чувствителна. Ние сме верници и многу тешко го доживуваме самиот факт на нарушувањето на каноните. Да, духовникот може да посоветува, лекарот да пропише, родителите да се сожалат, сепак – чувството на вина останува, а тоа значи дека секој пост за современиот христијанин не претставува време на духовни вежби, туку попрво тежок морален стрес – јас не постапувам како што треба, туку го нарушувам правилото, постапувам неправилно.
Со ова бреме на вина никако не треба да се помириме, барем само затоа што православниот човек и така за сè е виновен. Ние постојано сме оптеретени со чувството на вина. Дали сакате во некоја толпа да пронајдете жена верничка, без да погрешите? Лесно. Обичната православна жена има таков израз на лицето, како нејзиниот син да ја започнал Втората светска војна.
Ако постот е востановен од Црквата, тој не може да биде само мое лично дело. Целата Црква пости, а заедно со целата Црква и јас го носам тој подвиг. Ние можеме да речеме и, секако, ќе речеме – секој треба самостојно да ја избира својата мерка на постот и тоа ќе биде правилно, но црковните пости се за сите и, постејќи, ти себеси треба да се доживуваш причасен на едно големо општо црковно дело. Таква е замислата. Таква е централната идеја.
Општоцрковниот пост е литургија надвор од литургијата, тој навистина е дело на целото наше големо семејство, и треба да се каже дека ресурсот на општоцрковниот пост практично никогаш не го ползуваме вистински, ние дури сè уште не сме се обиделе да го откриеме.
Ако сите верници ги осознаваат црковните пости како заедничко дело, тоа би имало сериозно влијание дури и врз состојбата на нештата во државата, па макар овде и да се потсмевнете, но ќе се согласите – постот е многу достапна и доволно силна форма на молитва.
На постот треба да му се врати неговото достоинство. Постот не е лично дело, туку учество во единствениот подвиг на целата Црква. Да се пости е висока чест. Сообразувајќи се со околностите, Црквата би можела да донесува одлуки за пост (притоа јасно да се формулира што се има предвид) во врска со различни трагични или сложени настани во општеството, земјата, во светот.
Сецрковниот пост има ресурс на соединување, па православните во денови на тешки искушенија и трагични настани би можеле да се обединуваат во посен подвиг со инославните, па дури и со друговерните. Не гледам овде никакви канонски пречки. Но сметам дека тоа ќе придонесе за взаемно разбирање и помирување меѓу луѓето. Ова е комплицирана тема, таа бара подетално опсудување, но за она, за што созреала вистинска потреба и неопходност, искрено треба да поговориме.
Современиот устав на црковни пости не функционира. Ќе кажам нешто бунтовничко. Едноставно, таков устав нема. Не постои. Она што читаме во Типикот или во календарот е редакција на еден од многубројните монашки устави; нагласувам два збора – „монашки“ (!), „многубројни“ (!).
Во древната Црква имало многу различни видови и устави за пост, но само на монасите им текнало да ги запишуваат своите традиции, а бидејќи поразвиената култура секогаш ја потчинува помалку развиената, со време на православниот Исток се случила вистинска културна експанзија на монашки устави: и современото богослужение, и праксата на пост и молитва, и самиот стил на живот на православниот мирјанин (лаик), според своето потекло и внатрешната логика, се монашки.
Лошо ли е ова? Не знам. Едноставно така се развила нашата историја, но тоа не значи дека историјата е веќе завршена и развојот престанал. На одредена етапа од црковна историја, активна и многу дејствена улога на себе зеле манастирите и тие со чест ја исполниле својата мисија. Ми се чини дека дојде време и мирјаните да го дадат својот долг, позајмувајќи го сето она што е важно и вредно од претходниците и учителите, да земат на себе активна улога во црковниот живот, да создаваат и да се трудат, смело и храбро да го продолжуваат делото на своите наставници.
Прочитајте го нашиот Типик. Тоа е книга за манастир, таму има дури и поглавја за поведение за време на трпеза, за братската облека и др. Но, ние не можеме да живееме според правилата напишани во средните векови, а згора на тоа, не за мирјани, туку за монаси, и не едноставно за монаси, туку за монаси од конкретен палестински манастир.
Зар не е вистина дека животот на оженет петербуршки програмер силно се разликува од битието на средновековниот палестински монах? Ако денес продолжиме да ги учиме децата според училишните програми составени од Квинтилијан, Боециј и Алкуин, биологијата ја изучуваме според Аристотел, а во болниците лечат според текстовите на Хипократ? Тоа се почитувани автори, тие многу направиле за човештвото, но животот продолжува, и ние сега многу повеќе знаеме за устројството на човечкиот организам, причините за болестите, за физичките закони. Но, притоа се восхитуваме на Аристотел, го читаме Боециј и му завидуваме на Алкуин, и никому нема да му дојде на ум да нè нарекува обновленци (реформатори).
Ние живееме во друг свет, со нови предизвици, прашања, искушенија. Светот се измени. Животниот ритам е поинаков. Храната е поинаква. Ние сме поинакви. Подолго живееме, повеќе читаме, почесто се бањаме, ретко убиваме и ретко одиме на одлежување казна. Имаме микробранови печки, правосмукалки и немаме никакви робови.
Светот се изменил, но тој и како претходно има потреба од евангелската вистина и опитот на Црквата, а тоа значи дека секое поколение на христијани е обврзано да се труди околу тоа, тој опит да биде достапен на нашите современици, откриен, осмислен и преведен на јазик.
архимандрит Сава Мажуко
Г.Г.