Богородичните празници

rsz_bogorodica_vladimirska

Празничниот циклус, посветен на споменот на Пресвета Дева Марија, се состои од следните главни празници: Раѓање на Пресвета Богородица (8/21 септември), Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста (21 ноември/04 декември), Благовештение (25 март/07 април), Сретение или воведување на нашиот Господ во Храмот (02/15 февруари), Успение, т.е. Заспивање, смртта на Пресветата (15/28 август).

Овие празници нè потсетуваат на различни моменти од животот на Богородица, но не претставуваат празни спомени. Имено, тие нам ни откриваат каков е човечкиот живот во неговото совршенство, зашто Дева Марија за нас е – Мајка Божја и, оттаму, најдобар врвен и совршен плод на човечкиот род. Во неа ние го препознаваме она што Бог од човекот го сакал кога го создал. Гледајќи ја нејзината чистота, нејзината љубов кон Бога, нејзиното совршенство, ние сфаќаме дека сите наши мисли од типот – „јас сум добар“, „јас сум лош“, „јас сум полош“, „јас сум подобар“, се лишени од секаква смисла. Кога мислиме на нејзината небеска љубов и на сиот нејзин живот, стануваме свесни дека токму таквиот живот е вистински човечки живот, и така, увидуваме колку навистина сме далеку од него.

Затоa празникот на Раѓањето на Пресвета Богородица претставува не само спомен (пот/сетување) на нејзиното раѓање, туку и откривање на вистинското значење на секое доаѓање на светот. Штом се родиме, ние веќе почнуваме да го исполнуваме своето човечко назначување (судбина). А тоа значи – во сопствената ситуација и само нам дадените услови – да го исполнуваме она што беше го исполнила Пресветата Богомајка. А што е тоа што таа го исполнила? Пред сè, таа била воведена во Храмот, а истото тоа ни се случува и нам: и нас, исто така, нè воведуваат во храмот со Крштението и Миропомазанието. Тоаз начи дека на некој начин се издвојуваме од светот и дека стапуваме во вистинскиот живот во Бога, дека нашиот живот се посветува и предава на Бога. Воведувањето на Пресвета Дева е празник, благодарение на кој ние можеме да разбереме што требало да значи нашето посветување на Бога.

Потоа доаѓа празникот Благовештение: спомен, (пот)сетување на единственото благовештение (јавување на добрата вест) на Богородица. Тоа истовремено е и благовестување на секој од нас што ние треба да правиме во овој свет. Зашто, сите ние имаме некое призвание, кое не е просто тоа да „успееме“ во животот, туку токму да ја исполнуваме Волјата Божја, единствениот Божји „план“ со секој од нас поединечно. На оваа благовест Богородица одговорила – „да“. И тоа нејзино – „да“ го прави можно и нашето „да“ на Бога, зашто токму тоа го овозможило Христовото доаѓање при нас. Во Пресветата Дева и Богомајка не само што се открила радоста на послушноста на Божјата волја („нека биде волјата Твоја“), туку навистина и ни се дарувала.

Следи празникот Сретение, на кој Пресветата го принесува своето Дете на Бога. Овој празник нема значење само за мајките, туку и за сите нас луѓето редум. Затоа што вистинската смисла на нашиот живот, и на сè, е во тоа и животот и сè друго свое да принесуваме на Бога. Понекогаш, говорејќи за нешто што го сакаме или се грижиме, ние велиме: „Тоа е мое чедо!“. Но, без оглед на тоа што е тоа наше „чедо“, ние мораме да го принесеме на Бога. Вистинскиот човечки живот почнува со поимањето дека сè Му припаѓа на Бога и дека нема поголема радост од принесувањето на Бога она што на Бога Му припаѓа. Ние на Литургијата велиме: „Твое од Твоите, Tебе принесувајќи Ти…“. Зашто, дури кога во радост, благодарење и љубов сме го принеле на Бога, сè и ја стекнува својата вистинска смисла, и ние дури тогаш навистина го поседуваме истото.

Конечно, последниот празник на овој циклус е Успение, празник на „заспивањето или смртта“ на Пресветата Богомајка.

Летото е на истек, плодовите и цветовите се прекрасни, лисјето почнува да златее и црвенее, сепак сè уште полно со живот. Природата се исполнила себеси, и се чини дека сè го достигнало своето совршенство. И, насред тој прекрасен свет, ние радосно го прославуваме упокоението на Богородица и тврдиме дека Пресветата не била напуштена во смрттта. Зашто, нејзината љубов била така голема, така голема била и силата на светлоста која во себе ја имала и силата на нејзиниот живот со Бога, што Христос ја оттргнал од смртта. И со тоа, токму со нејзиното вознесение, започнало и воскресението на сите нас. Овој празник ни ја открива Богородица како прв плод на Христовото Воскресение. Но она што нејзе ѝ се случило, ни се случува и нам, нејзиниот пат е и наш пат. Согледувањето на сите овие Богородични празници е согледување на сиот живот низ Неа како совршено човечко битие.

Истото важи за согледувањето на спомен – прославувањето и на секој ден во црковната година, посветен секогаш на некој од Светите, на пример, на Јован Претеча, на Апостолите, Преподобните…, за спомен на секој светител и сите нив заедно. Така ние живееме не само во времето за коешто читаме во новините – во времето на политичките настани, малите и преодни радости, страдања и трагедии, туку и во времето во кое, поколение по поколение ги израснувало оние кои ние ги нарекуваме Светии.  Тие се живи, тие се со нас, и во секоја Божествена Литургија ние сите ги споменуваме. Ова живо присуство на Христа, и околу Него, на Богородица, Светиот Јован Претеча и на сите Светии – ова чудесно единство на сите кои постојат во Христа – е темелно искуство на Црквата. Сега гледаме дека литургискиот годишен циклус не е само низа денови од кои некои треба да бидат верски прославени, додека некои се „профани“. Тој циклус е, пред сè, вкусување и искуство „на новото време“, наше усвојување (примање) на божествениот дар. Бог ни ги подарил сите овие празници и, со секој од нив посебно, – чудесниот дар на Својата Радост.

протоереј Александар Шмеман

Извадок од книгата: Литургија и живот [превод: протоѓакон Славе Пројковски], Скопје 1994.

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *