Беседа за медицинската етика

rsz_doktori_vo_crkva

Зошто е потребна биоетиката? Зошто му е потребно на лекарот познавање на религијата? Абортусот: чистење или убиство? Евтаназијата – грев на паганските кралеви. СИДАТА – од Бога или од ѓаволот? Хомеопатија

Отец Андреј, многу студенти, идни лекари, не ги сметаат за сериозни проблемите што се расправаат по предметот биоетика. А зошто, според Вас, треба да се изучува биоетиката која нашето внимание го обраќа на такви категории како што се моралот, совеста и слично? Зар тоа е важно во професијата на лекарот?

– Ако спроведете анкета на тема „Кај кого би претпочитале да се лечите: кај добар специјалист-лекар, но лош човек според своите морални квалитети или, пак, кај лекар кој претставува просечен специјалист, но притоа чесен и одговорен човек?“, тогаш повеќето луѓе ќе го одберат уредниот доктор кој со својата совест одговара за она што го советува и прави. Затоа, ми се чини, е потребно предавањето на етиката. Воопшто, една од задачите на културата е да ги возвишуваат, воспитуваат, тренираат оние чувства што изгледа инстинктивно се заложени во човекот. Чувството на совест што го имаме од раѓање е така заболено и, се чини, со секоја година станува сè поболно и поболно. Ако совесните чувства, моралната интуиција е речиси атрофирана, толку повеќе е потребна некоја „кула“ на која може да се искачи, некој „шаблон“ кој може да се искористи. Јас не би советувал секогаш и во сè да се однесуваме според својата совест. На пример, не им завидувам на луѓето кои ме опкружуваат мене, а со кои би се однесувал само според својата совест. Не им завидувам, затоа што со својата совест јас секогаш ќе се договорам и таа ќе молчи, ќе седи надвор, понекогаш нешто ќе почне да завива, лижејќи си ги раните. Така што не треба да се сведува моралниот живот на движењето на совеста. Човекот мора да има осознавачка рационална мотивација. Еве вие лекарите сакате да бидете разумни луѓе, научници. А за научниот човек е многу важно своето дејствување да го проверува преку разумот. Затоа треба да се умее да се размислува над прашањата на етиката, прашањата на религијата…

А зошто? Зар е важно кон која религиозна традиција припаѓа пациентот, а исто така и лекарот? Каква врска има религијата со ова?

Па, таква, затоа што лекарот, за разлика од ветеринарот, има работа со луѓе. Животните немаат убедувања и затоа во работата на ветеринарот се важни само убедувањата на лекарот, а не се важни „гледиштата“ на четвороножните пациенти. Но, кога станува збор за односот лекар – луѓе, тогаш убедувањата на човекот овде се многу важни, затоа што од тоа, со какво расположение восприема некаква терапија што му се препишува, во многу зависи и успешноста на таа терапија.

Кај луѓето со различни убедувања е нееднаков односот кон различни методи на лекување. Тие различно ги оцртуваат границите на дозволен пристап во човечкото тело, а уште повеќе во неговата психа. За овде да не скрши некое дрво, за да не го претвори својот пациент од сојузник во непријател, умниот лекар треба да знае кого тој лечи. Не само да го знае полот и возраста на пациентот, не само оние болести што ги прележал во детството, не само овие или оние алергии што болниот ги има. Лекарот треба да ја знае и душата на тој човек, да знае во што тој верува, каде за него се преминува душевно-болниот праг. Во современиот свет за тоа треба да се познава историјата на религијата, но во Русија, пред сè – православната традиција.

Да го земеме проблемот на лекарската тајна. Можеби таквата вистина, која некого би скршила, а некого, напротив, ќе укрепи, ќе натера човек да се подзамисли за проживеаните години. Јас не знам дали би го поздравил тоа или не, ако лекарот на човек кој не верува му каже дека има рак и дека му останува да живее половина година. Но, во таква ситуација, јас би претпочитал мене да ме предупредат порано. Религиозниот човек не се плаши од смртта, тој се плаши од ненадејна смрт – смрт за која не е подготвен.

Од аспект на Христијанството, а едноставно и од аспект на етиката, најверојатно, во животот на човекот нема таква област која треба да биде лишена од морална контрола. Но, ако станува збор за таква дејност на човекот која има допир со други луѓе, тогаш овде етиката е неотстранлива. Современата светска лекарска етика се гради на сè уште советски принципи, дека човекот е само парче месо… Но, за да не се измислува топла вода, треба да се погледне наоколу и да се размисли: а можеби постојат многу поразвиени концепции, отколку таа, со која биле задоволни лекарите од советската епоха?

Испаѓа дека, во идеал, лекарот кон секој проблем треба да пристапува од позиција на Христијанството. А ако лекарот е атеист?

Ако лекарот е атеист, тогаш, како прво, има надеж дека тоа не е засекогаш. Како второ, работата не е во тоа дали тој ќе стане христијанин или не. За мене, како универзитетски професор, ми е очигледно дека на нормалниот човек му е интересно да дознае, какви уште пристапи, освен неговиот сопствен, има кон проблемот со кој тој се занимава. Зар воопшто не е интересно да се дознае, што може да се види во мојата специјалност од христијанско гледиште? Според мене, дури заради тој интерес вреди да се запознае со религиозниот опит.

(продолжува)

ѓакон Андреј Кураев

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *