Берѓаев: За достоинството на Христијанството и недостоинството на христијаните (2)

Berdjaev-1-RusNacSoznanie040414p2. Често се тврди, дека Христијанството не можело да се оствари во историскиот живот и тоа се посочува како аргумент против него. Не само христијаните, велат, го компромитирале Христијанството, го компромитирала и историјата на Христијанството, историјата на Црквата. И навистина, читањето на книгите по историја на Црквата може да биде мошне соблазнително за маловерните, зашто тие книги ја опишуваат борбата на човечки страсти и интереси во христијанскиот свет, искривувањето и изопачувањето на христијанската вистина во сознанието на грешното човештво. Тие често ја преставуваат историјата на црковниот живот како историја на државите, на дипломатските односи, на војните итн. Формалната, општа историја на црковниот живот лесно се опишува и може да се предаде во форма достапна на сите. Внатрешниот, духовниот живот на Црквата, обраќањето на луѓето кон Бога, достигнувањето на светоста не се јавни нешта и тешко се преставуваат. Тие остануваат скриени зад формалната историја. Луѓето полесно го забележуваат лошото отколку доброто, гледајќи ја прво надворешната страна на животот, а не внатрешната. Лесно е да се дознае надворешниот живот на луѓето – каква трговија и политика водат; каков семеен и опшествен живот имаат. Но, се замислуваме ли за тоа – како луѓето Му се молат на Бога, каков е нивниот внатрешен живот, нивната духовна борба со нивната грешна природа, каков е нивниот однос со Бога? Често ние не знаеме речеси ништо за тоа и дури и немаме претстава за постоењето на духовен живот кај луѓето со кој се среќаваме. Или, го знаеме тоа само за своите блиски, коишто ги љубиме и кон кои сме особено внимателни. Во надворешниот живот, откриен за сите, лесно го согледуваме дејството на гревовните страсти. А, каква борба на духот, вознесување кон Бога, маченички усилби, за да се оствари Христовата вистина се кријат врз тој надворешен живот, ние не знаеме, или не сакаме да знаеме. Заповедано ни е да не ги осудуваме своите ближни, но постојано ги осудуваме според нивните надворешни дела, според изразите на лицето, без да проникнеме во нивниот внатрешен живот. За историјата на христијанското човештво не треба да се суди според надворешните дела, според човечките гревови и страсти, кои го изопачуваат образот на Христијанството. Секогаш треба да помниме што сè требале да одолеат христијанските народи во својата историја, со каков маченички труд требале да ја победуваат својата стара гревовна природа, своето вековно јазичништво, своето древно варварство, своите полуѕверски инстинкти. Христијанството требало да ѝ одолее на материјата, којашто укажувала страшна противречност на христијанскиот дух. Требало да се воспитуваат во религијата на љубовта оние што биле исполнети со инстинкти на насилство и жестокост. Христос дошол да ги спаси болните, а не здравите, грешните, а не праведниците, – а човечкиот род бил болен и грешен род. Христовата Црква не била сосема повикана на надворешно организирање на животот и на надворешна – со насилство – победа над злото. Таа се надева на внатрешното, духовно препородување на взаемно дејствие на човечката слобода и Божјата благодат. Христијанството според својата суштина не може насилно да го уништи злото во човечката природа. Тоа ја признава слободата на човекот.

Социјалистите – материјалисти особено сакаат да говорат, дека Христијанството не се реализирало, дека тоа не го остварило Царството Божјо на земјата. Веќе близу 2000 години откако во светот дошол Искупителот и Спасителот на светот, а злото продолжува да постои, дури и се зголемува. Светот се грчи во маки, страданијата во животот ни малку не се измениле, од тоа, што спасението се извршило. Спцијалистите – материјалисти ветуваат да го остварат без Бога и без Христа она, што Христијанството не можело да го оствари – братството меѓу луѓето, правдата во опшествениот живот, мирот, Царството Божјо на земјата (и оние, коишто не веруваат во Бога понекогаш сакаат да го употребат изразот „Царството Божјо на земјата“!). Единственото искуство на реализиран материјалистички социјализам којшто ние го знаеме – руското искуство – не ја потврдува таа претензија. Ветувањето на материјалистичкиот социјализам, да ја оствари правдата на земјата, да го надмине злото и страдањето претпочита остварување не низ човечката слобода, туку низ насилството врз неа по пат на надворешна, прородна социјална организација, којашто треба да го направи невозможно надворешното зло по пат на социјална принуда на луѓето кон добродетел, кон добро, кон правда. Имено тука е огромната разлика помеѓу него (материјалистичкиот социјализам) и Христијанството. Така наречениот „неуспех на Христијанството во историјата“ е поврзан со човечката слобода, со противење на човечката слобода против Христовата вистина, со противење на лошата волја, за која, христијанската вера смета, дека е невозможно надворешно да се присилува и принудува кон добро. Самата христијанска вистина претполага слобода и очекува внатрешна, духовна победа над злото. Државата може надворешно и со сила да ги ограничува пројавите на лошата волја, и должна е да го прави тоа, но на тој начин не се победуваат внатрешното зло и гревот. Такво прашање не постои за материјалистичкиот социјализам, за него не постои ни самото прашање за зло и грев, за внатрешен духовен живот. За него постои само прашањето за страдањето и социјалната неправда, за надворешната, социјална организација на животот. Бог не сака да присилува, не сака надворешно торжество на вистината, Он сака човекот да биде слободен. Затоа, може да се рече, дека Бог го трпи злото и не го уништува насилно, туку го ползува за целите на доброто. Христовата правда не може да се оствари насилно. Комунизмот сака да ја наложи својата правда по пат на насилство, и ја одрекува слободата на духот, а одрекувајќи го духот, нему му е полесно да ја „оствари“ та правда. Ете зошто аргументот против Христијанството, што почива врз основа на „неуспехот на Христијанството во историјата“ е неоправдан.

До Царството Божјо не се стигнува низ принуда, тоа не може да се оствари без духовен препород, кој секогаш претпочита слобода на духот. Христијанството е религија на крстот, таа секогаш ја препознава смислата на страданијата. Христос нè повикува да го земеме својот крст и да го носиме, да ја носиме тежеста и бремето на грешниот свет. Остварувањето на Царството Божјо на земјата, земната среќа и земната правда без крст и без страданија – е лага за христијанското сознание – една од оние соблазни, што Христос ги отфрлил во пустината. Христијанството и не ветува целосно да се оствари и да торжествува на земјата. Христос дури и се сомнева дали ќе најде вера кога ќе дојде на крајот од времето, претскажувајки во светот крајно осиромашување на љубовта. Л.Н. Толстој сметаше, дека Христовите заповеди можат лесно да се остварат,  дека за тоа е доволно само да се осознае нивната вистинитост. Но, во тоа беше грешката на неговото мошне рационалистичко сознание за кое беа скриени тајната на слободата и тајната на благодатта. Тоа беше оптимизам противречен на длабоката сериозност и трагичност на животот. Светиот Апостол Павле вели: Оти не доброто – кое го сакам –го правам, туку злото, што не со сакам го вршам. А штом го вршам она, што не го сакам, не го вршам веќе јас, туку гревот, кој живее во мене“ (Римј 7,19-20). Ова е сведоштво на најголемиот меѓу христијаните, којшто ни ја разоткрива длабочината на човечкото срце. Оттука гледаме, дека „неуспехот на Христијанството“ е човечки неуспех, а не Божји.

(продолжува)

Николај Берѓаев

Прв дел

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *