Николај Берѓаев: За достоинството на Христијанството и недостоинството на христијаните (1)
1. Бокачо раскажува за еден Евреин, кого што неговиот пријател христијанин сакал да го преобрати во Христијанство. Евреинот бил решен да се крсти, но пред да донесе конечна одлука, посакал да појде во Рим и таму да ги види папата и кардиналите, да го види животот на луѓето коишто се на челото од Црквата. Христијанинот се уплашил, дека сите негови усилби ќе бидат залудни поради тоа што Евреинот, природно, ќе се одрече од примањето Христијанство, штом ќе ја види бесрамноста што се врши во Рим. Евреинот пошол и го видел луцемерието, распуштеноста, развратот, алчноста, користољубието, коишто царувале во папскиот двор и среде римското духовништво. Но, резултатот од тоа искуство бил сосема неочекуван. Кога Евреинот се вратил, и неговиот пријател со страв започнал да го распрашува за впечатоците од Рим, одговорот бил мошне изненадувачки и мудар: штом христијанската вера ја издржала сета таа бесрамност и поганштина, што тој ја видел во Рим, и штом, и покрај сето тоа, таа се утврдила и распространила, значи, таа е вистинската вера. И, Евреинот го примал Христијанството.
Независно од тоа, што Бокачо имал предвид, во овај расказ ни се посочува точниот пат за апологијата на Христијанството.
Најсилен приговор против Христијанството се самите христијани. Тие ги соблазнуваат оние, коишто сакаат да се обратат во христијанска вера. Овој аргумент особено е злоупотребуван во наши дни. За Христијанството судат според христијаните на нашиов маловерен век, на широко распространето неверие. Порано за Христијанството суделе според неговата вечна вистина, според неговото учење, според неговите завети. Меѓутоа, нашиот век е мошне обземен од човекот и човечкото. Лошите христијани со себеси го засениле Христијанството. Лошите дела, пак, на христијаните, нивното изопачување на Христијанството, нивните насилства, оставаат поголем впечаток отколку самото Христијанство, и повеќе го привлекуваат вниманието отколку великата христијанска вистина. И, за самото Христијанство мнозина од нашиот век започнуваат да судат според христијаните – христијани само надворешно, невистинити, изроди.
Христијанството е религија на љубовта, но за него судат според злобата и омразата на христијаните. Христијанството е религија на слободата, но за него судат според насилствата што христијаните ги вршеле низ историјата. Христијаните се оние, коишто го компромитираат Христијанството и ги соблазнуваат слабите. Често се посочува околноста, дека преставниците на другите религии – будисти, муслимани, Евреи, – се подобри од христијаните и подобро ги исполнуваат заветите на другите религии. Се посочуваат и луѓе, коишто сосема не веруваат – атеисти и материјалисти коишто понекогаш се подобри од христијаните, повеќе се предадени на животните идеали и поподготвени се за жртва. Целото недостоинство, пак, целата нискост на мнозина христијани се состои токму во тоа што тие не ги исполнуваат христијанските заповеди, ги изменуваат и ги изопачуваат. За нискоста на христијаните се суди според висината на Христијанството, според нивната несоодветност наспроти таа вистина. Но, како може да се осудува Христијанството заради недостоинството на христијаните, кога и самите христијани подлежат на суд затоа што не му приличат на достоинството на Христијанството. Ако следбениците на другите религии често се подобри од христијаните, ако подобро ги исполнуваат заветите на својата религија, тоа се случува бидејќи нивото на другите религии е полесно за постигнување во споредба со исклучителната вистина (возвишеност) на Христијанството. Полесно е човек да биде муслиман одошто христијанин, и ако христијанинот биде како муслиманот кого што му го посочуваат за пример, тој би бил мошне лош христијанин, кој не може да ги исполнува Христовите заповеди. Најтешко е во животот да се оствари религијата на љубовта, но од тоа самата религија на љубовта не ја губи својата вистина и вистинитост. Христијанството не е виновно затоа што неговата вистина не се исполнува и остварува во животот. Христос не е виновен за тоа што неговите заповеди се погазуваат. Евреите предани на својата вера, сакаат да речат, дека огромната преданост на еврејската религија е во исполнувањето на нивните завети: и еврејската религија е посоодветна на човечката природа, полесно е остварлива, подобро одговара на целините на земниот живот и посакува помалку жртви. Христијанството е најтешката вера, најтешко остварлива, најмногу и противречи на човечката природа и посакува непоимливи жртви. Затоа, преставниците на еврејската религија го сметаат Христијанството за небулозна религија, несоодветна за животот и заради тоа - штетна.
Достоинството на луѓето често се оценува според верата и нивните идеали. Кога материјалистот верен на својот светоглед е човек добар, предаден на својата идеја, подготвен на жртва за неа, тој веќе прави впечаток и го посочуват за пример. Но, за христијанинот е неискажливо потешко да се стои на вистината на својата вера, на својот идеал: тој треба да ги љуби своите непријатели, да го носи својот крст, без престан и без замор да се бори со соблазните на светот – нешта коишто не е должен да ги прави ниту Евреинот, ниту муслиманот, ниту материјалистот. Христијанството го насочува својот живот по линијата на најголемото спротивставување. Животот на христијанинот е самораспнување.
Николај Берѓаев