Архиепископ Аверкиј: Приказната за поканетите на царската свадба
(Мт 22,1-14)
Оваа приказна според содржината и основната мисла е слична со приказната за поканетите на вечера, изложена во 14 глава од Евангелието според Лука (16-24). Но овие приказни, несомнено биле произнесени во различно време. Приказната за поканетите на вечера била раскажана од Господ во домот на фарисејот во саботен ден, долго пред Неговото торжествено влегување во Ерусалим, а оваа приказна Господ ја изложил по Своето влегување во Ерусалим, најверојатно во вторник. Главната мисла на приказната за поканетите на вечера е дека многумина заради животни грижи ќе се откажат од Царството Божјо.
Приказната за свадбата на царскиот син е поврзана со приказната за лошите лозари. И во двете приказни, што следат една по друга, се зборува за слуги, од кои едни биле подложени на навреди, други убиени, како и за страшната гибел на навредувачите и убијците. И тука, како и во првата приказна, под образот на поканетите треба да се подразбере јудејскиот народ, а под царските слуги – старозаветните пророци. Под истребувањето на убијците и палењето на нивните градови треба да се разбере пропаста на јудејскиот народ и разурнувањето на Ерусалим. Канењето на свадбената гозба на царскиот син на сите што ќе бидат сретнати го означува повикот на сите луѓе во Царството Божјо, што следел тогаш кога Јудејците ја отфрлиле апостолската проповед (Дела 13,46). На свадбата – во Царството Божјо – се повикуваат сите, и добрите и лошите, зашто за влез во него не е потребна ниту светост, ниту заслуги: во него се повикуваат не поради делата, туку по милосрдието на Повикувачот. Судот – поставувањето разлика меѓу добрите и лошите, достојните за живот во Царството Божјо, и недостојните – ќе се случи подоцна. Затоа секој што е повикан треба постојано да биде достоен за својот повик, да биде облечен во свадбена облека. Во древноста, царевите и кнезовите на Истокот имале обичај на поканетите да им даваат специјална свечена облека, во која тие требало да се покажат на гозбата. Така и секому што е повикан во Царството Христово му се дава при Крштението светла облека на духовна чистота. Оној што ја пренебрегнува оваа облека и на духовната гозба влегува во облека, осквернета од гревови, е достоен за осуда и казна. Според толкувањето на светиот Златоуст, „да се влезе со нечиста облека значи ова: да се има нечист живот, да се лишиш од благодатта. Затоа и е речено: а тој молчеше… Немајќи со што да се одбрани себеси, тој се осудил себеси и се подложил на голема казна“. Како што оној, кој не сакал да ја облече предложената од царот облека, го изгониле од силно осветлените палати на царската гозба надвор во надворешната (крајната) темнина, каде што од студ и досада крцкал со забите, така и на Страшниот Суд од соборот на спасените во Црквата Христова ќе бидат исфрлени непокајаните грешници, што ја извалкале со својата гревовна нечистотија облеката на Крштението.
Заклучната мисла на оваа приказна, иста со онаа од приказната кај свети Лука: Зашто мнозина се поканети, а малкумина избрани – значи дека во Царството Христово се повикуваат многумина, сите што се отповикуваат на евангелската проповед, но вистински членови на тоа Царство нема да бидат сите повикани, туку само избраните од нив. Така, сите Јудејци биле повикани во Црквата Христова, но вистински христијани меѓу нив се нашле само малкумина.
архиепископ Аверкиј (Таушев)
Извор: Четвероевангелие. Апостол, Москва 2005.
Г.Г.