Апостолска вера и апостолски сомнеж (2)
Во еден друг меил, еден татко ми пиша и ме праша за еден сајт што неговата ќерка го видела, којшто христијанското учење го споредува со древните митологии. Можеби сте наишле на ова. Девојката била многу разочарана од она што видела на сајтот и таткото не знаел како да реагира на ова. На некој начин сајтот кажувал, дека во древноста имало и други богови, за кои се велело дека произлегле од девствено раѓање, за богови што правеле чуда, што воскреснале од мртвите. Секако дека постои некаква сличност со овие стории. Ако во древноста има стории за бог што умрел, зар тој би останал мртов. Секако не. Тој е бог, бесмртен е, па затоа секако дека ќе воскресне од мртвите. Дали тоа значи дека Христовото Воскресение не се случило?! Може да има многу нешта што си личат едно на друго, но тие не се исти. Едното може да биде вистинско, а другото лажно. Фактот што повеќето обоени камења не се рубини, сафири или дијаманти, значи ли тоа дека не постојат такви нешта, како рубини, сафири или дијаманти. Има многу лажни нешта, но има и такви што се вистински. Постоењето на нешто лажно не значи дека она другото не е вистина. Размислете за тоа.
Искрено, не бев многу импресионирана од овој сајт и сите тие сличности со митологиите. Во суштина, има многу малку сличности коишто се толку основни, така што во древноста се кажувале за секој бог. Христос е светлина на светот исто како што богот Хелиос во грчката, или богот Ра во египетската митологија е светлина на светот. Голема работа! Како ова покажува дека Христијанството ги копирало овие митологии. Овие нешта како: Бог е светлина, живот, се толку базични што се говореле за секој бог во секоја култура. Тоа не значи дека христијаните го измислиле ова за Христос. А ако Христијанството ги копирало овие нешта, би имало многу повеќе сличности со овие древни митологии, а станува збор за многу малку сличности кои се незначителни.
Друго нешто што укажуваат е фактот што христијаните го празнуваат Раѓањето Христово на 25 декември, за којшто знаеме дека не е вистинскиот датум на Неговиот роденден. Тоа бил роденденот на богот Митра и Sol Invictus (Непобедивото Сонце). Го знаеме тоа. Голема работа! Црквата го избрала тој датум, бидејќи сакала да даде поента: Христос е вистинската Светлина. Ние не го знаеме точниот датум на Христовото раѓање, па Црквата го избрала овој, за да изјави дека Христос е светлина на светот, а не овие лажни богови. Христос е Сонцето на правдата. Верата во Христа како вистинска Светлина не започнува со избирањето на овој датум како Негово раѓање, таа не ја копирала оваа идеја од паганските митологии, туку го искористила овој датум многу паметно, би рекла, со што се спротивставила на лагата на паганските верувања.
Многу млади луѓе не знаат како да ги перцепираат овие нешта, а да не бидат целосно потресени од нив и затоа треба да се разговара за ова. Но, ова не е нешто ново што се открива. Зар мислите дека ние во ова современо време сме првите што ги откриваме овие сличности на некои детали од Христовиот живот и некои древни митологии. Дали мислите дека луѓето од првиот век не ги знаеле овие стории? Секако дека ги знаеле. Мислите дека биле глупави, а ние сме премногу паметни што не можеме да бидеме прелажани. Тие ги знаеле овие приказни подобро од нас. Исто така ја знаеле и разликата меѓу христијанското сведоштво за Христос и оние митологии.
Некои луѓе велат дека овие сличности и детали биле додадени во митологиите по Христа, бидејќи на некој начин биле инспирирани од сторијата за Христос. Не сум сигурна околу ова, бидејќи не сум го истражувала. Други, пак, велат дека овие сличности со грчко-римскиот свет и митологиите бил начин на кој Бог го подготвувал светот за Христовата порака. Можеби! Не знам. Но, ќе ви кажам што знам: постои голема разлика меѓу христијанското сведоштво за Христос и овие древни митологии. Која е разликата меѓу христијанското сведоштво за Христос и овие древни митологии, коишто говорат за богови што исцелуваат, како Асклепиј, или богови што воскреснуваат од мртвите, како Адонис, која е разликата? Која е разликата меѓу член на култ, којшто умира за лажно верување и апостолот, којшто умира за Христос и Воскресението? Разликата е во тоа што Христос бил историска Личност. Никој не може да го рече ова за Митра, Адонис или Асклепиј, коишто биле древни богови. Секогаш имало лажни месии, имало лажни месии пред Христос, има лажни месии и по Христос. Имало лажни богови пред Христос, има лажни богови и по Христос. Само затоа што има многу нешта во светот, коишто изгледаат дека приличат едно на друго, но во суштина не е така; има нешта што се вистински и нешта што се лажни. Исто е и со Христос.
Друго нешто што потенцираат е идејата за девственото раѓање. Се повикуваат на други приказни, древни митологии, коишто имале богови родени на девствен начин. Да Ве прашам нешто: кога христијаните првпат проговориле за девственото раѓање на Христос, дали мислите дека Неговата Мајка сè уште била жива? Или тоа било измислено подоцна? Христијанската потврда за некои вистини, како што е Божеството на Христос, биле присутни уште од почетокот. И тоа можеме да го потврдиме од Новиот завет, од најстарите писанија. И бидејќи сите први апостоли, сите први верници биле Евреи, коишто биле невосприемчиви за тоа да се верува дека Бог има Син или во девствено раѓање – зошто би го измислиле тоа? Тие никогаш не би можеле да ги измислат овие нешта. Но, она што се случило е фактот на нивниот опит на овие нешта. Затоа ги објавиле истите. Не дека ги копирале од паганите, Бог да чува. Христос имал вистинска Мајка и луѓето можеле да прашаат за тоа како Он бил зачнат. Зад сево ова стои личност и не станува збор за митологија. Таа ја раскажала приказната за она што ѝ се случило Нејзе.
А што е со Воскресението? Кога Павле пишувал за Воскресението (види 1Кор 15), тоа било по дваесеттина години по Настанот и затоа Павле, споменувајќи ги оние петстотини сведоци на Христовото Воскресение, тој вели дека многумина од нив се живи, но некои и починале. Овие очевидци на Христовото Воскресение се сè уште живи: одете и најдете ги! Сите тие биле апостоли. Спомнете си, имало стотици апостоли, а не само дванаесет. И тие патувале насекаде. Поминувале низ Коринт, постојано патувале низ Римската империја. Апостолите биле сведоци не на некаков збир на верувања, туку на сите работи што Христос ги рекол и творел, а особено Воскресението. Христос е вистинска историска Личност, Чиј живот и дела биле осведочени и потврдени од безброј луѓе. Он не е мешавина од древните митологии и не постои човек денес, ниту еден, барем колку што знам јас, којшто има кредибилитет, ниту еден историчар или научник, којшто вели дека Христос не постоел. Дури и Евреите велеле дека постоел, дури и Римјаните; Евреите и Римјаните од тоа време велеле дека постоел. Постоел еден друг човек, многу добро познат на древниот свет, којшто бил еден вид философ, исцелител, чудотворец, и се викал Аполониј. Се појавил по Христос и се обидел да Го копира Христос, бидејќи е забележано дека бил некаков чудотворец. Што со ова? Раните христијани знаеле добро за Аполониј и пишувале за него. И разоткривале како ги вршел тие негови „чуда“ со помош на трикови. Тој бил маѓионичар. Како знаеме дека Аполониј бил маѓионичар што правел трикови, а Христос не? Бидејќи Аполониј живеел и умрел и речиси е заборавен во историјата. Дали тој започнал движење што продолжило? Дали имал ученици што би умреле, инсистирајќи на вистината за него? Дали тој имал ученици што ги правеле истите дела како него? Христовите апостоли ги вршеле истите работи што ги вршел и Христос. Тие ја демонстрирале силата Божја. Чудата направени од апостолите биле легендарни. Зошто мислите дека толку многу луѓе поверувале во раната Црква? Затоа што било лесно да се поверува? Не било лесно да се прифатат христијанските тврдења; само затоа што имало сличности меѓу сторијата за Христос и митологиите воопшто не значело дека им било лесно на луѓето да ја прифатат вистината на Христијанството. Но, апостолите имале феноменални моќи, преку благодатта на Светиот Дух, и ова било многу импресивно за луѓето. Некои од светите отци велат дека токму заради ова имало многу чудеса во раната Црква. Бидејќи биле неопходни, за да помогнат да се утврди верата.
презвитера Евгенија Константину
Подготвил: Георгиј Глигоров