Апостолска вера и апостолски сомнеж

Што да правиме со сомнежот? „Постои ли Бог? Како може да бидеме сигурни во тоа?“

Нормално е да се преиспитува сопствената вера. Ова особено е факт меѓу тинејџерите и студентите, бидејќи и да сме израснати во некоја вера, сепак, во извесен момент ќе треба да решиме самите дали ќе ја прифатиме неа или не. Па, што да правиме со нашиот сомнеж? Како да се справиме со нападите на нашата вера – особено од Интернет и медиумите?

Во ова специјално предавање, презвитера д-р Jeannie Constantinou, нуди некои охрабрувачки зборови на мудрост за верните во Христа.

rsz_grob

Знам дека оваа тема е необична. Но, по многу разговори што ги имав со многу млади луѓе, сметам дека е добро да се позанимаваме со неа, бидејќи е важна. Мислам дека сомнежот претставува важна тема за дискутирање. Не треба да го пренебрегнуваме. Оваа лекција ја насловив Апостолска вера и апостолски сомнеж, затоа што и апостолите, исто така, се сомневале; не за да ги критикуваме, туку да покажеме дека и тие биле, исто така, луѓе коишто не секогаш силно верувале. Навистина е нормално младите луѓе да имаат сомнежи во врска со сопствената вера, во своите тинејџерски, па и дваесетти години. Потрагата по верата е нормално нешто, особено за младите, бидејќи, макар да се воспитани и пораснати со нешто, во одреден момент тие ќе мораат да одлучат дали го прифаќаат истото самите за себе. Можеби Вие конкретно немате сомнежи во врска со верата, со Бога, со Христа, во оваа фаза на животот, но сигурно познавате некого што во моментов страда од тие прашања (некои од Вас сигурно и работат со млади луѓе). И се надевам дека ќе го покренете ова прашање со нив, затоа што сметам дека тие можеби нема да ја отворат таа тема, па нивното страдање околу сомнежот ќе биде за нив една тивка внатрешна борба. И таквите треба да знаат дека е во ред да се зборува за тоа, зашто ако не говорат за тоа, тие едноставно ќе се повлечат.

Јас, искрено, сочувствувам со ова прашање, бидејќи самата го имам искусено ова и ми беше срам да говорам за истото. Долго се борев со ова, дури и кога бев на теолошки студии на факултет, па дури и додека бев млада презвитера во своите дваесетти години. Имаше периоди кога навистина се сомневав околу тоа дали Бог навистина постои и како можеме да бидеме сигурни дека постои. Тоа не беше нешто постојано, но се појавуваше одвреме навреме во мојот ум. Го исповедав ова на мојот духовен отец и, искрено, не се сеќавам кога тоа престана. Но, доаѓаше и го снемуваше одвреме навреме. Некои луѓе никогаш не се сомневале и имале вера како карпа, но тоа не е општо искуство и не треба да очекуваме да биде. За мене тоа се разреши во свое време, бидејќи немав визии или некакви драматични искуства за да си докажам дека Бог постои, но со тек на време почнав да ја забележувам Божјата рака во мојот живот. Чинам дека ова е случај со повеќето луѓе и затоа ова е толку тешко за младите, бидејќи тие немаат долг животен опит, па кога би погледнале наназад, да воочат како Бог се вмешува во нивниот живот, дека сите настани што на некој начин толку поредочно последувале – не се само проста случајност.

Преку животниот опит, и секако, преку молитвата и богопочитувањето, ние Го спознаваме Бога. Ние не Го спознаваме Бога интелектуално. Денес чув еден многу убав цитат од Матеј Бедниот за познавањето на Бога: „Ние не можеме да Го познаваме Бога преку умот, преку Библијата, но само преку опит“. И тоа е единствената вистина, тоа е вистината и за православните. Кога говориме за Бога, ние не се обидуваме да Го определиме Него, да ја дефинираме верата, да ги објасниме нештата – ние го знаеме тоа од опит, искуство. А ова е тешко за младите луѓе, затоа што тие немаат големо животно искуство. Но, процесот на преминување од сомнеж, или понекогаш многу сомнежи, до лагодноста на верата е еден многу болен процес за некој што сака да верува. А многу луѓе навистина сакаат да веруваат. Затоа, повторувам, нормално е да се говори за сомнежот и се надевам дека ќе ја отворите оваа тема со младите, да им укажете дека е нормално да се сомневаат и да не очајуваат. Отворете ја Вие оваа тема, бидејќи тие ќе се срамат да поговорат самите за тоа. Ова нешто не се разрешува туку така, младите бараат гаранции, но самиот овој процес бара време. Важно е тие да продолжат да одат во црква, да продолжат да се молат, макар да не се сигурни дека Бог постои. Тоа е тешко да се стори и чиниш дека не би требало да се молиш, додека не поверуваш, бидејќи се чувствуваш како лицемер. Но, Бог нè прифаќа дури и со нашиот сомнеж.

Денес има многу интернет сајтови што го напаѓаат христијанското учење. Еден млад човек ми прати меил и ме праша: Како знаеме дека апостолите пострадале како маченици? Јас му одговорив дека тоа е едно многу старо христијанско предание, рана христијанска историја итн. А тој ми кажа за некој сајт што го посетил и го поколебал сето она во што верувал. Меѓу другото, овој сајт ја негира вистинитоста за начинот на тоа како апостолите починале. Но, тој не ми пиша поради тоа што пишувало на таа интернет страница, туку затоа што самиот се сомневал. А тоа ми го откри подоцна. Гледате како младите понекогаш прашуваат нешто, но под сето тоа се крие една подлабока борба и сметам дека треба да бидеме чувствителни кон нив. Но, го мачело него ова, бидејќи оној сајт тврдел дека ние, всушност, немаме докази дека апостолите воопшто пострадале за Христа: а и да пострадале заради Христос, тоа ништо не докажува, можеби едноставно биле измамени. Пред неколку години говорев за вистинитоста на Воскресението и како апостолите пострадале за фактот на Воскресението. Апостолите биле очевидци на Воскресението и умреле за тоа. Така што, овој сајт го напаѓал она што јас го говорев и тоа го вознемирило момчето.

Ова не е единствениот сајт што промовира скептицизам и сомнеж, и треба да се биде внимателе што, всушност, овие сајтови говорат. Младите ги следат овие нешта. Значи, овој сајт бил во голема мера измамнички настроен и паметен, па рекол дека нема доказ дека апостолите пострадале како маченици, бидејќи тоа го нема во Библијата. Тие укажуваат дека апостолите можеби умреле за нешто друго, но не и за Христа, па нема доказ, бидејќи тоа го нема во Библијата. Размислете малку, ако тоа го имаше во Библијата, дали тој сајт би го прифатил тоа како доказ? Секако не. Затоа што овој сајт што говори за Христос, не ја прифаќа Библијата како доказ. А она што го прифаќаат како доказ, она што го бараат како доказ постојано се менува и не е важно на што укажуваш, бидејќи ништо не ги задоволува како доказ. Ако укажувате на раната христијанска историја, ќе речат – го нема тоа во Библијата; ако укажувате на Библијата, ќе речат – ох, па овие нешта биле запишани многу долго по настаните, тие не биле очевидци, раните христијани го измислиле тоа, или Константин Велики го измислил тоа; ако укажувате на чуда, велат – тоа е твојата мозочната хемија или станува збор за позитивна сугестија. Значи, ништо не претставува доказ за нив или за скептиците. Така што, Вие нема да најдете вистински одговори на своите прашања со посета на овие сајтови. Ништо не претставува важност за нив. Тие не се заинтересирани за дискусија, туку за уништување на верата. За жал, младите ги посетуваат таквите страници, слушаат за нив или имаат пријатели што им ги укажуваат, а овој споменат сајт вели – ако апостолите навистина умреле како маченици, тоа ништо не докажува, бидејќи илјадници луѓе умреле за своите верувања и тоа ништо не докажува, оти биле погрешни. Просто апостолите се споредени со луѓе што припаѓаат на некаков култ на самоубијци или умреле бивајќи водени од лажен Месија. Сепак, сајтот е во право за една работа: да си подготвен да умреш за нешто, тоа не ја докажува вистинитоста на тие верувања. Но, јас не го велам ова за апостолите и за Воскресението. Тие не умреле за некаков збир од верувања, тие умреле за она што го искусиле и тука има голема разлика. Тие умреле инсистирајќи на вистинитоста на она што го доживеале: Христос Распнатиот и Воскреснатиот. Тие не умреле за некаков збир на верувања што некој ги убедил дека се вистинити. Тие умреле, велејќи: Он беше распнат и повторно Го видовме жив. Тие не умреле, велејќи: Ние веруваме во срцата дека Он воскреснал. Изразот на нивната вера се базирал на опит.

(продолжува)

презвитера Евгенија Константину

Подготвил: Георгиј Глигоров

Без коментари

Додадете свој коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *